Житие на светиот отец наш Симеон Нов Богослов

Доблеста е огнено и чудесно нешто; таа е во состојба, разгорувајќи ја жарта на божествената љубов, сета душа да ја претвори во оган; и моќ има да го раскрили умот, та од земјата да го вознесе на небесата, и сиот човек да го направи бог по благодат. Бидејќи и овој, велик Симеон, за кого сега станува збор, со сето срце ја засака доблеста и како никој друг се возвиши на нејзините славни висини, потребно е да ги искажеме неговите подвизи и  неговиот живот полн со војувања и борба за доблест.

Светиот Симеон Нов Богослов се родил 949-та година, во селото Галата, Пафлагонија (Мала Азија), од познати и богати родители, влијателни кај локалното благородништво. Уште како дете, кротко и со блага нарав, покажувал исклучителни способности. А, кога пораснал, родителите го испратиле во престолнината Цариград, при нивниот роднина којшто бил близок до императорот. Откако ги завршил таканаречените граматички курсеви, потребно било да премине на повисокиот степен на образование – философските курсеви, но тој се откажал од нив, плашејќи се да не се вовлече во нешто непотребно. Чичко му, пак, при когошто живеел, побрзал да му направи кариера, претставувајќи го пред браќата совладетели Василиј II и Константин VIII, Порфирородните, коишто и го причислиле кон чинот на царедворците.

Но, светиот Симеон малку се интересирал за тоа дека станал член на царскиот синклит (сенат). Стремежот му бил поинаков, и друго му лежело на срцето. Уште за време на учењето тој се запознал со Божјиот човек, кадарен неговиот богокопнежлив дух да го води кон Христа Господа – старецот Симеон, кого го нарекувале Благобојазен (роден 917-та, а Студитски монах станат 942-та година), та често одејќи кај него, во Студитската обител, се ползувал за сѐ со неговите совети, исцело предавајќи се на неговото духовно раководство. Искрено посакувал да се одрече од светскиот живот, но старецот гледајќи го многу млад, го наговарал да почека додека созрее, за благата му намера да се вкорени уште подлабоко во него. Се разбира, старецот не го оставал без своите совети и поткрепа, подготвувајќи го за монашкиот живот и среде суетата на светот. Еднаш, тој му врачил книга со списите на светиот Марко Подвижник, посочувајќи му различни изреки во неа и советувајќи го внимателно да ги обмисли, та во поведението да се раководи од нив. Помеѓу тие изреки се наоѓала и следнава: ако сакаш секогаш да имаш душеспасително раководство, внимателно слушај ја совеста и без одложување исполнувај го тоа коешто таа ти го кажува. Светиот Симеон ја примил таа изрека како дадена од устата на Самиот Бог, и решил строго да внимава да ја слуша совеста, верувајќи дека таа, како глас Божји, во срцето секогаш му го внушува само тоа коешто е спасително за неговата душа. Оттогаш, тој исцело се предал на молитвата и поучувањето во Божествените Писанија. Во тоа време и се удостоил со благодатното просветление коешто самиот го опишува во словото за верата. Тогаш, Божјата благодат му дала да ја вкуси сета сладост на животот во Бога, и со тоа му го одзела вкусот кон се земно.

После ова искуство, се вратил, на кратко, во родниот крај, минувајќи период на уште построг пост и продолжително бдение, на усрдна молитва и сеќавање на смртта. Како плод на таквиот подвиг никаква красота веќе не го пленувала и движењата на плотта замирале уште со самото појавување, изгорени од огнот на скрушението. Плачот станал негова храна.

Дошло времето да се врати во Цариград. Татко му Василиј го молел да остане во домот, за од него да биде испратен од овој свет, но кога видел кон каде тежнее пламената желба на неговиот син, со љубов и благослов се простил со него.

Времето по враќањето во Цариград за светиот Симеон Нов Богослов  било време на одрекување од светот и стапување во манастир (976-та година). Неговиот старец го примил во татковските прегратки и го претставил пред игуменот на својата Студитска обител, а, овој, пак, повторно го предал во рацете на големиот Симеон Благобојазен. Старецот го примил младиот монах како залог Божји, воведувајќи го, преку скапоцените совети, во поредокот на монашкиот живот. Светиот Симеон Нов Богослов искрено љубејќи го својот старец и почитувајќи го како мудар отец на Црквата, во ништо не отстапувал од неговата воља.

Таквиот живот не минува без особени искушенија коишто самиот ѓавол започнува да ги устројува. Тој му предизвикал раслабување на целото тело, после што следело помрачување на мислите до тој степен, што му се чинело дека не може ниту да стои, ниту уста да отвори за молитва, ниту да слуша црковна служба, дури ниту да го издигне умот нагоре. Штом разбрал дека таквата состојба не приличи ниту на обичниот умор од трудот, ниту на болест, светиот се вооружал против него со трпение, принудувајќи се во ништо да не отстапува, а напротив, против таквата состојба да вложи напор како благопријатно средство за востановување на претходната, вообичаена состојба. Со Божја помош и по молитвите на неговиот старец, борбата била овенчана со победа. Бог го утешил со следното видение: некаков облак се издигнал од неговите нозе нагоре и се разлеал во воздухот, и тој се почувствувал бодар, жив и толку лесен, како да немал тело. Искушението одминало и светиот од благодарност кон Избавителот решил оттогаш за време на богослужбата никогаш да не седнува, дури и кога тоа се разрешува од уставот.

Потоа, ѓаволот во него предизвикал плотска борба, внесувајќи му смут преку помислите, тревожејќи го со движења на плотта и претставувајќи му срамни слики на сон. Со Божјата благодат и по молитвите на неговиот старец била прогонета и таа борба.

После некое време се кренале и неговите родители, заедно со роднините, наговарајќи го да ја намали строгоста, или, дури сосема да го остави монаштвото. Но и тоа, не само што не ги намалило вообичаените му подвизи, а напротив – во некој однос ги засилило, особено во осамувањето и молитвата.

На крај, демонот ги вооружил против него браќата од обителта, неговите соподвижници, на коишто не им се допаѓал неговиот живот, макар што и самите не ја сакале распуштеноста. Светителот не им обрнувал внимание ниту на пофалбите, ниту на почитта, коишто едни од браќата му ги укажувале, ниту, пак, им обрнувал внимание на неодобрувањата и бесчестието од страна на другите, но строго се придржувал кон востановените, од неговиот старец, правила за внатрешен живот и надворешно поведение. Старецот не ретко му напомнувал да биде тврд и мажествено да трпи сѐ, и особено да се грижи така да ја настрои душата, за таа пред сите да биде кротка, смирена, проста и незлобива, зашто само во таквата душа сака да пребива благодатта на Светиот Дух. Слушајќи за тоа ветување, светиот ја зголемил својата ревност во животот по Бога.

Во меѓувреме, незадоволството среде браќата се повеќе растело, а кон нив понекогаш се присоединувал и игуменот. Гледајќи дека соблазната се засилува, старецот го одвел својот ученик, при славниот тогаш Антониј, игумен на манастирот “Свети Мамант”, раководејќи го од далеку со неретки посети. И тука, животот на светиот течел според вообичаениот, за него, ред. Затоа, старецот решил да му ја даде полнотата на монаштвото, односно, да го потстриже во схима. Тоа радосно собитие ги обновило и засилило подвижничките добродетели на светиот Симеон Нов Богослов. Тој целосно се предал на  молитвата, читањето и богомислието; през седмицата вкусувал само зеленчук, а во неделите седнувал на братската трпеза; спиел малку на подот; во недела и на празниците извршувал сеноќно бдение, не произнесувал празни зборови, но секогаш бил трезвено самовдлабочен; излегувајќи од келијата, изгледал како облеан во солзи, и на лицето носел одблесок од молитвен пламен; кога се служела Божествената Литургија, секогаш се причестувал со светите Христови Тајни и сиот тој ден го минувал во молитва и богомислие. Од неговиот старец Симеон Благобојазниот и од игуменот Антониј, добил послушание да кажува поуки во црквата за надѕидување на браќата и на сите христијани. Јазикот му бил прост. Јасно созерцувајќи ги големите вистини на нашето спасение, тој ги изложувал разбирливо за сите, без простотата на јазикот да ја намали нивната височина и длабочина. Со задоволство го слушале дури и старците.

После не многу време, неговиот постојан духовен раководител, Симеон Благобојазниот, изјавил желба да го освети со ракополагањето во свештенство. Во тоа време починал игуменот на обителта и браќата еднодушно за игумен го избрале светиот Симеон Нов Богослов. Така, едновремено примил свештеничко посветување и бил возведен во игуменски чин од тогашниот патријарх Николај Хрисоверг. Тој ги примил, не без страв и солзи, тие на прв поглед високи почести, а дејствително тешки за носење бремиња. За свештенството и игуменството судел не надворешно, туку суштински; во минутите на ракополагањето се удостоил, преку особената Божја милост, со слегувачка над него благодат во срцето, со некаква невидлива светлина, којашто го заплиснувала и проникнувала во него. Таквата состојба се возобновувала во него секогаш кога служел Литургија през сите четириесет и осум години на неговото свештенство, како што јасно се гледа од неговите зборови кажани небаре за некој друг свештеник, со кого се случувало тоа. Зашто, кога служел Литургија, лицето му станувало ангелоподобно и му било проникнато со таква светлина, што не било возможно слободно да се гледа кон него, поради силната светлина којашто излегувала од него, како што не е возможно слободно да се гледа кон сонцето. За ова има многу сведоштва од неговите ученици, но и од други луѓе.

Кога станал настојател, првата работа на светителот била грижата за обителта “Свети Мамант”. Целосно го обновил храмот, притоа украсувајќи го со сите неопходни нешта. Истовремено ја подобрил трпезата, востановувајќи правило сите да одат на неа, а не да се хранат одделно. Бројот на браќата започнал да се зголемува и тој ги надѕидувал со зборови и личен пример, ревнувајќи да ги претстави како угодни мажи на нашиот Бог и Спасител. Нему самиот, Бог му го умножил дарот на солзите и умилението. Умот му бил светол, јасно гледајќи ги Божјите вистини. Неговата слава и славата на обителта се пренесувала насекаде и ги собирала околу него сите коишто вистински се одрекуваат од светот. Не мирувајќи, демонот и тогаш ќе поттикне искушенија преку некои од браќата, но благодарение на спокојот и од Духот вдахновената непоколебливост, светителот ќе успее да ги совлада. Тој ќе продолжи да ги прима сите, надѕидувајќи ги со своите беседи, поуки, молитви напишани во стихови и со своите богословски расудувања и толкувања на Божествените Писанија.

Устројувајќи ја така својата обител, светителот изјавил желба да се осами во безмолвие, откако на браќата ќе им постави игумен место него. Тој го избрал своето духовно чедо Арсениј којшто многукратно бил испитан од него и утврден во добрите правила и доброто срдечно настроение. На Арсениј му дал упатства како да раководи со обителта, а на браќата како да живеат под негово раководство, и откако побарал прошка од сите, се оддалечил во избрана од него келија за безмолвие. Таму дарот на учителството бил насочен во трудот кон пишувањето. Од тоа време, до нас се стигнати неговите познати аскетски поуки.

Но, на светителот не му било возможно до крај да се насладува во ненарушуваниот спокој. Му било испратено искушение, силно и тревожно, за преку огнот на тоа искушение исцело да се преобрази. Неговиот старец, духовен отец и раководител Симеон Благобојазниот, отишол при Господа (986 година), после четириесет и пет годишно строго подвижништво. Светиот Симеон Нов Богослов знаејќи ги неговите подвижнички трудови, чистотата на срцето, знаејќи за неговата блискост до Бога и за благодатта на Светиот Дух којашто го озарувала, составил пофални слова, песни и канони, насликал икона на својот старец и секоја година во негова чест торжествено го празнувал неговиот спомен. Неговиот пример го подражавале и други во обителта, а и надвор од неа, бидејќи Симеон Благобојазниот имал многу ученици и последователи меѓу монасите и мирјаните. Тогашниот патријарх Сергеј, штом слушнал за тоа,  го повикал светиот Симеон Нов Богослов и го прашал за празникот и за оној когошто го празнуваат. Кога видел каков богоугоден живот живеел Симеон Благобојазниот, не само што не се противел на чествувањето на неговиот спомен, но и самиот почнал да зема учество во него, испраќајќи кандила и темјан. Така поминале шеснаесет години. Но, најпосле, поради тоа, демонот против светителот кренал бура од искушенија.

Стефан, поранешниот Никомидиски митрополит, многу образован и силен во словото, којшто ја оставил епархијата и живеел во Цариград, станал близок на патријархот (станал негов сингел) и на царскиот двор. Тој човек „од мира сего“ (од овој свет), кога чул како насекаде ја возфалуваат мудроста и светоста на светиот Симеон Нов Богослов, и особено неговите прекрасни напишани сотворенија, составени за оние коишто бараат спасение, се исполнил со завист против него. За неговите напишани сотворенија, сметал дека се недоволно научни, и ги оттргнувал од нив оние коишто сакале да ги читаат. Од хулењето на творбите, сакал да премине кон хулење на неговиот живот, но во него не наоѓал ништо лошо, додека со зломислието не сопрел на обичајот на светителот, да го празнува споменот на светиот Симеон Благобојазен. Тој обичај му се видел спротивен на црковниот поредок и соблазнителен. Во тоа, со него се согласиле некои од парохиските свештеници и мирјани, и започнале кај патријархот да го клеветат светителот за беззаконие. Патријархот не обрнувал внимание, а митрополитот Стефан продолжувал да распространува незадоволство во градот, озборувајќи го светителот, и не заборавајќи за него постојано да му напомнува на патријархот.

Околу две години се водела војна помеѓу правдата на светителот и лагата на Стефан. Последниов, во животот на почитуваниот старец постојано барал да најде нешто што ќе предизвика сомнеж и нашол дека понекогаш Симеон Благобојазниот со чувство на смирение велел: “Нели и со мене се случуваат искушенија и падови”. Со тие зборови, како со победоносно знаме, Стефан излегол пред патријархот велејќи: “Ете каков бил тој, а овој го почитува како светител, дури му насликал икона на која се поклонува”. Го повикале светиот Симеон Нов Богослов, барајќи објаснување по повод клеветата, на што овој вдахновено одговорил: “што се однесува до празнувањето на споменот на мојот отец, којшто ме родил за живот во Бога, твојата светост, владико мој, знае подобро од мене; а, што се однесува до клеветата, премудриот Стефан нека, ја докаже со нешто посилно од тоа коешто го вели; и, кога ќе ја докаже, јас ќе излезам во заштита на почитуваниот од мене старец. Самиот јас не можам да не го почитувам мојот старец, следејќи ги заповедите на Апостолите и Светите Отци; но, никого не принудувам на тоа. Тоа е дело на мојата совест, а другите, како им е угодно, така нека постапуваат”. Тоа објаснување ги задоволило, но светителот бил задолжен да го празнува споменот на својот старец без торжественост.

Нештата би завршиле тука, кога не би бил тој Стефан. Безуспешноста на нападите не му давала спокој; тој се нешто измислувал во продолжение на цели шест години. На некаков начин тој од келијата на светителот донел икона на којашто Симеон Благобојазниот бил насликан со други светители, и на којашто Христос Господ ги благословува, и ја поставил пред патријархот и Синодот, коишто се согласиле од натписот да се избрише “свети” над ликот на Симеон Благобојазниот. По тој повод, Стефан, низ градот кренал такво гонење против иконата што со неа постапувале исто како во времето на иконоборството.

Притисоците врз патријархот и архиереите, по тој повод, немале крај. Тие, барајќи начин да обезбедат мир, стигнале до мислата дека доволно ќе е отстранувањето од Цариград на светиот Симеон Нов Богослов, очекувајќи дека на тој начин сите ќе заборават на празнувањето на споменот на неговиот старец. На трети јануари (по стар стил) 1009 година, после повеќечасовна боговдахновена одбрана којашто светителот ја изнесува на Стефановите обвинувања пред заведените архиереи, праведникот е осуден на прогонство. Патријархот и Синодот, по зимско време, без ништо, дури и без храна, му заповедаат на светителот да се оддалечи од Цариград, на што тој со радост се согласува.

Свети Симеон Нов Богослов за место на живеење го одбрал имотот кадешто се наоѓала старата разрушена црквичка посветена на света Марина, сопственост на неговото духовно чедо Христофор Фагура кој самиот се погрижил на својот духовен отец да му достави сè неопходно, посветувајќи ја на Бога сета местност и доверувајќи му ја на својот духовник за устројување на обител.

Во исто време, откако оние коишто го почитувале светителот разбрале што се случило, а меѓу нив имало мнозина лица коишто имале високи положби на дворот, решиле да не го остават без застапништво. Тие се појавиле кај патријархот, барајќи објаснување, на што тој им одговорил дека ги почитува светиот Симеон Нов Богослов и неговиот старец, но дека оддалечувањето било неопходно додека стивнат негодувањата по повод празнувањето. За да отстрани кај високите застапници секаков сомнеж, тој ги поканил да дојдат заедно со светителот, и во негово присуство го повторил истото.

Свети Симеон Нов Богослов уште еднаш, заедно со споменатиот Христофор Фагура, ќе ја соберат неопходната сума за возобновувањето на манастирот. Наскоро градежните работи биле доведени до крај и бил востановен монашкиот устав во новото братство. Подоцна кога одлуката на Синодот за прогонство ќе биде  поништена, светителот доаѓа оправдан во Цариград каде и му бил понуден епископски чин што тој го одбива, копнеејќи по безмолвен живот, заради што и се враќа во обителта “Света Марина” каде и го пишува поголемиот број Химни, коишто почнал да ги составува уште како млад монах во манастирот “Свети Мамант”. Оттогаш, животот му минувал спокојно до самиот негов крај. Тој созреал во совршен маж, во полната возраст на Христовото совршенство, и се јавил богато украсен со благодатни дарови. Од него излегувале пророштва коишто се остварувале на дело, и по неговите молитви се случувале не малку исцеленија.

Поминале тринаесет години од животот во новата обител. Кога ја почувствувал блискоста на својот исход, светиот Симеон Нов Богослов ги повикал при себе своите монаси, им ги дал неопходните совети, и откако се причестил со светите Христови Тајни им рекол да го пеат канонот за исход на душата од телото, за време на којшто, молејќи се, си отишол, откако рекол: “во Твоите раце, Господи, го предавам својот дух!” (1022-та година).

Споменот на светиот Симеон Нов Богослов се празнува на 12-ти март, денот на неговата смрт. Дваесет и осум години подоцна (во 1050 година) биле откриени неговите свети мошти исполнети со небесно благоухание и прославени со чудеса.

1052-та година “пренесени се во Цариград неговите, со секоја благодат и благоухание полни, над земјата светлоточиви мошти коишто собираат мнозина и со своето присуство ги осветуваат неговите пријатели и ученици”, пишува свети Никита Ститат.

Свети Симеон Нов Богослов е прославен и со чудата кои ги направил по својата смрт, и коишто без престан ги прави: исцелението на исушената рака на еден јеромонах, враќањето на гласот на прочуениот псалт, монахот Игнатиј, јавувањето на отшелникот Филотеј… се само дел од многуте чуда врз сите оние коишто, со вера, му се обраќаат.

Неговите, пак, богомудри писанија ги сочувал и ги предал на сеопшта употреба токму неговиот ученик, свети Никита Ститат, на когошто самиот светител му го возложил тоа, и којшто уште за време на неговиот живот ги собирал во едно.

– – –

Скратенава верзија на овој текст на житието, направена е според обемната верзија: Житие на светиот Симеон Нов Богослов, составена од неговиот ученик свети Никита Ститат. Приредил: иг. Давид; Објавено во книгата: свети Симеон Нов Богослов, Химни, Успение, 2003.