Архимандрит Георгиј Григоријатски: Неуспехот на мнозина луѓе да достигнат обожение

Иако го примивме призивот за таа голема цел, да се соединиме со Бога, да станеме богови по благодат, и да се радуваме на големиот благослов за којшто нашиот Творец и Создател нé создаде, ние често живееме како оваа најголема и највозвишена цел да не постои. Оттука, нашиот живот е полн со неуспеси.

Светиот Бог нас нé создаде за обожение. Затоа, ако не успееме да се обожиме, сиот наш живот е неуспех.

Дозволете да спомнеме неколку причини за ова:

 а) Предаденоста на земни грижи

Можеме да правиме многу убави работи, да студираме, да имаме професија, семејство, да се богатиме, да правиме милосрдие. Ако се однесуваме и го восприемаме светот евхаристиски, како дар Божји, тогаш сé нé соединува со Него, и станува пат за соединување со Него. Сепак, ако не се соединиме со Бога, тогаш имаме – неуспех. Сé е залудно.

Луѓето обично не успеваат бидејќи се заблудени од вторичните цели во нивниот живот. Тие не го поставуваат обожението како прва и најважна цел. Со сето срце се даваат себеси на вторичните цели и забораваат дека “само едно е потребно” (Лука 10. 42).

Особено во денешно време луѓето секогаш се окупирани и постојано се во движење – можеби тоа е демонска шема за да ги излаже избраните – и како резултат на тоа тие го занемаруваат своето спасение. На пример, денес мораме да учиме, да читаме; оттука – немаме време за молитва, немаме време за учество во црковните служби, немаме време за исповед и Света Причест! Утре ќе треба да присуствуваме на средби и конгреси, ќе треба да исполниме социјални и лични одговорности; како тогаш да најдеме време за Бога? Следниот ден ќе треба да присуствуваме на свадба, и на други семејни задолженија; оттука, невозможно е да се зафатиме со духовни работи. Ние постојано му повторуваме на Бога: “не можам да дојдам… Те молам извини ме” (Лука 14. 19, 20). И така, сé што е убаво и законито ја губи својата вредност. Гореспомнатото ќе има вистинска, суштинска вредност кога ќе биде извршено со Божјата благодат. Со други зборови кога се извршува во слава на Бога. Делата имаат вистинска и суштинска вредност кога не престануваме да го посакуваме и да се стремиме кон она што е зад учењето, професијата, зад семејството и зад сите други добри и свети одговорности и активности. Сите тие имаат вистинска, суштинска вредност кога не престануваме да копнееме за обожението. Тоа се случува тогаш кога сите тие го наоѓаат своето вистинско значење и својата вечна перспектива, та и ние од нив да добиваме полза.

Господ рече: “Но, барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сé ова ќе ви се придаде” (Мат. 6. 33). Царството Божјо е обожението, стекнувањето на благодатта на Пресветиот Дух. Кога Божјата благодат влегува и почнува да владее во човекот, тогаш човекот се раководи од Бога. Преку оние коишто се обожени, Божјата благодат влегува во животот на другите луѓе и ние имаме заедница во Божјото Царство.

Како што учат Отците, стихот во Господовата молитва: “да дојде царството твое”, значи “да дојде благодатта на Светиот Дух”. И, кога благодатта доаѓа при некого таа го обожува.

б) Морализам

За несреќа, духот на морализмот, погоре спомнат, или поточно кажано, ограничувањето на христијанскиот живот на морално восовршување, во голем степен негативно влијае на побожноста и духовноста на христијаните во нашата земја. Поради западните теолошки влијанија, ние често престануваме да се стремиме кон обожението.

Како и да е, учењето за моралното восовршување е антропоцентрично, и го поставува човекот како центар на животот. Човечкиот напор, а не Божјата благодат, господари со него, создавајќи впечаток дека нашите морални принципи, а не Божјата благодат нé спасуваат нас. Во такви околности и состојба на постоење, ние сме лишени од вистинското искуство во Бога, и нашата душа не е вистински успокоена, ниту нејзината жед е згасната.

Оваа насока којашто беше испробана и неуспеа – како несоодветна на автентичниот дух на Црквата Божја, е, во голем степен одговорна за атеизмот и незаинтересираноста за духовен живот на многу наши ближни, и особено на нашите млади луѓе.

Ние, родителите, учителите, клирот и сите што се трудат во Црквата, во нашите неделни училишта, во нашите проповеди и насекаде, наместо зборувањата за “стерилното” восовршување на човекот, да ги поведеме нашите христијани кон обожение во согласност со автентичниот дух и искуство на Црквата. После сé, добродетелите, колку и да се големи, не ја прават целта на нашиот христијански живот, но се средства и патишта на подготовка за прифаќање на обожението, на благодатта на Светиот Дух, како што епиграматично учи светиот Серафим Саровски.

в) Антропоцентричен хуманизам

Автономниот хуманизам, како социо-философски систем, одделен и независен од Бога, води во цивилизација базирана на себичност и таа е опасен ќорсокак за современиот човек. Целта ѝ е да нé оттуѓи од Православната Вера во име на таканареченото човечко достоинство и ослободување. Но, има ли поголемо достоинство за човекот, отколку неговото обожение?

преводот од англиски јазик на иг. Давид (Нинов), е од изданието:

Аrchimandrite George, abbot of the holy monastery of St. Gregorios of Mt. Athos

ТНЕ DEIFICATION AS THE PURPOSE OF MAN’S LIFE

Holy monastery of St. Gregorios, Mt. Аthos 1997

текстот е објавен во периодиката “Успение”, бр. 3, 2002 год.