Епископ Атанасиј вомировен захумско-херцеговински: За Тајната на Црквата Христова и Нејзините Свети Канони

Битието и животот на Црквата, нејзиното естество и суштествување, се наоѓа во нејзиното соединување и единство со Христа, нејзиниот Господ и Спасител, богочовечката Првина, Темел и Глава на Црквата, и во Него и со Него – со Светата и Живототворна Троица, Единиот Жив и Вистинит Бог. Нашето, и лично, и заедничко христијанско битие, живот и спасение е само во соединување и единство со Црквата како Тело Христово, оживувано, одушевувано и вдахновувано со Духот Свети, Утешителот, по благата воља на Бога Отца.

Така говореше, учеше и делаше самиот Господ Христос (Јн. 14. 6,16, 17,26; 17. 1-3, 17-26). Така говореа, учеа и делуваа и Неговите Свети Апостоли и нивните наследници Светите Отци на Црквата. “Трудете се да го чувате единството на Духот со врските на мирот: Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани во една надеж на призивот ваш. Еден е Господ, една е верата, едно е крштението, еден е Бог и Отец на сите, Којшто е над сите, низ сé и во сите нас. И на секој од нас (во Црквата) ни даде благодат според мерата на дарот Христов”, вели Апостолот (Еф. 4. 3-7). И, уште: “Чашата на благословот којашто ја благословуваме (=во Евхаристијата=Литургијата на Црквата), не е ли заедница на крвта Христова? Лебот којшто го прекршуваме (=во Евхаристијата=Литургијата) не е ли заедница на телото Христово? Бидејќи еден е лебот – едно тело сме ние многуте, бидејќи сите од еден леб се причестуваме” (1Кор. 10. 16,17).

Наведените места, како и многу други ненаведени, јасно покажуваат дека единството на Црквата и нашето единство во неа е: во единството на Света Троица, единството на верата, крштението, Духот на благодатта, литургиското заедничарење = причестување со Христа Богочовекот.

Истата вистина – а Вистината секогаш е иста – за единството и единственоста на Црквата Христова, и нашето меѓусебно единство во неа, ја сведочат и Светите Отци на Црквата, особено големите Иерарси-богослови, Архипастирите на стадото Христово: свети Игнатиј Антиохиски, свети Атанасиј Александриски, светите Три Иерарси Вселенски, и сите останати нови Иерарси до светиот Фотиј и свети Сава, светиот Григориј Палама и светиот владика Николај Жички и светејшиот Патријарх Павле. Ќе го наведеме само словото на светиот Јован Златоуст, изречено кон народот во беседата на претходните зборови на Апостолот Павел во Посланието до Ефесјаните 4. 3,7, како и на следните зборови на истиот Апостол, кадешто големиот Црквоградител Павел говори дека: сите ние во Црквата Христова сме од Бога повикани, и како органи во телото распоредени, така складно соединети, та сите живееме и деламе „за восовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Телото Христово… та вистинувајќи во љубовта (αληθεύοντες εν αγάπη), во сé да растеме во Оној Којшто е Глава – Христос” (Еф. 4. 12,15).

“Љубовта изградува” (1Кор. 8.1) – вели во својата беседа светиот Златоуст – и, таа прави помеѓу себе да се совозљубуваме, и соединуваме, и складно да се спојуваме. Ако, значи, сакаме да го добиеме Духот (Свети) од Главата (Христос), да се држиме едни со други. Бидејќи има два начини на разделување од телото Црковно (του σώματος του Εκκλησιαστικού): еден е – кога ќе оладиме и ќе ја замрзнеме љубовта, а вториот е – кога ќе се осмелиме да му направиме нешто недостојно на самото Тело (Црквата). Бидејќи во обата случаи се одделуваме себе си од полнотата на Црквата (χωρίζομεν εαυτούς του πληρώματος – Еф. 4.19). Ако сме (во телото на Црквата) поставени другите да ги изградуваме, тогаш оние коишто не градат, туку пред сé ја цепкаат (σχίζοντες=создаваат шизми=расколи) Црквата, што сé нема да доживеат? Ништо така не може да ја цепи (διαιρείν=разделува) Црквата како властољубието. Ништо така не го разгневува Бога како разделувањето на Црквата.[1] Ако направиме и иљада добра, а ние сме тие коишто ја парчат полнотата Црковна (οι το πλήρωμα κατατέμνοντες το εκκλησιαστικόν), тогаш нема да бидеме помалку осудени од оние коишто го расечуваат Телото (Христово). Бидејќи она (прободување на Телото Христово на Крстот – Јн. 19. 31,34), беше на полза на вселената, иако не беше со таа намера, а ова (парчосување на телото на Црквата со расколите), нема ништо полезно, туку е огромна штета. А, ова не им го зборуваме само на предводниците (на расколите), но и на оние коишто ги следат (=коишто се согласуваат со расколите).[2]Еден свет човек рекол нешто што изгледа смело, но сепак го рекол тоа. Тој рекол: “Ни крвта на мачениците не може да го избрише тој грев (на расколот)!”[3]

Вака како светиот Апостол Павел и светиот Јован Златоуст говореше и светиот Сава Рамноапостолен, Сесрпскиот и Сеправославниот Отец на Црквата Христова. Говореше така и постапуваше така, учејќи нé сите нас православните Срби[4] на Соборот во Жича (на Спасовден 1221 г.), вака: “Преблагиот Бог, Којшто има бескрајна милост и не сака ниту еден од нас да загине, по истата заповед и на ист начин, по науката на Светите Апостоли, ме издигна мене на ова светителство (=Епископство), и со Духот Свој Свети заповеда да ви ја објавам оваа реч за вашето спасение: да се држиме пред сé за правата вера Негова. Бидејќи како што кажа Апостолот, темел друг никој не може да постави освен оној којшто го постави Светиот Дух (1Кор. 3. 11) преку Светите Апостоли и Богоносните Отци, а тоа е правата (=православната) вера, којашто на Светите Седум Вселенски Собори е потврдена и проповедана… Бидејќи никаква корист нема од исправноста на животот без права и просветена вера во Бога, ниту исповедањето на верата без добри дела не може да нé изведе пред Господа, туку треба да се имаат обете, за совршен да биде човекот Божји (Еф. 4. 13; 2Тим. 3. 17)… Бидејќи духовната наука (на Православието) не е играчка, ниту безумни зборови и мисли на луѓето (=еретици), туку таа е проповедана света вера Божја, на која се основани светите чинодејствија (=Светите Тајни и свештенослужења) во Христа Иисуса нашиот Господ, како што Пророците со Светиот Дух Божји прорекоа, и Апостолите научија, и Мачениците исповедаа, и сите Светии сочуваа, и Преподобните Отци беспрекорно одржаа, како на неделивиот Крајаголен Камен на Црквата Христова (Еф. 2. 20; 1Пет. 2. 4-6)”.[5]

Понатаму свети Сава говори како “многу ереси, и расколи, во разни времиња и периоди измисли ѓаволот, и по вселената посеа многу какол на зловерието (=кривоверието) преку слугите свои ересоначалниците и расколниците, заради расипување и смутување на правата вера, коишто ние ги проколнуваме, и со нив оние коишто ги измислија злите науки; и се гнасиме од секоја нечестива ерес, а сé повеќе се стремиме кон секоја побожност на којашто нé учат богомудрите слуги Божји: Пророците, Апостолите и Светителите, како што и Самиот Господ наш Иисус Христос, Синот Божји, рече.” (Беседа за Правата вера).

Да не должиме, напомнуваме дека сé ова што досега го наведовме, содржано е накратко во исповеданиот од сите православни 9-ти член на неизменливиот Символ на верата на нашата Црква: Веруваме во Едната, Света, Католичанска (=Соборна) и Апостолска Црква!” За тоа што ова значи, наместо нашите зборови ќе го наведеме коментарот на о. Георгиј Флоровски, без сомнеж автентичниот православен теолог и еклисиолог на нашиве денови: “Со самиот акт на вера во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква ние ја потврдуваме нејзината “онострана” природа, нејзиното битие, коешто не е од овој свет, бидејќи верата е докажување на она што не се гледа (Евр. 11. 1; Јн. 17. 14). И, со самото тоа што помеѓу предметите на верата во Символот ние ја сврстуваме Црквата во ист ред со самиот Господ Бог, ние ја сведочиме нејзината божественост или светост. Ние веруваме во Црквата, и само во неа можеме да веруваме бидејќи таа е Тело Христово, Полнота на Оној Којшто исполнува сé во сé (Еф. 1. 23)… Именувањето на Светата Црква со Тело Христово го врзува нејзиното битие со тајната на Овоплотувањето Христово, и живата и непроменлива основа на видливоста на Црквата всушност се наоѓа во тајната Логосот постана тело (Јн. 1. 14). Учењето за Светата Црква како видлива и воедно невидлива величина, дадена и историски, и Света, т. е. Божествена, всушност е продолжување и раскривање на Христолошкиот догмат во духот и смислата на Халкидонскиот орос на верата. Само во Црквата, и од длабочината на црковниот опит, Халкидонскиот догмат може да биде постигнат во својата неискажлива полнота. И обратно, само преку Халкидонскиот догмат може да биде запознаена и Богочовечката природа на Црквата.”[6]

Да потсетиме дека сржта на Халкидонскиот догмат за Христа Спасителот е во тоа дека Он е соединет од две природи, Божествена и човечка, и дека постои вечно во две природи, Божествена и човечка, но и дека Он е Една и Единствена Личност, неделив и неразделив Син Божји и Син Човечки – Богочовек. Таква е и Црквата Негова: Божествена и човечка – Богочовечка. Човечка бидејќи е составена од нас луѓето коишто православно веруваат, правилно крстени и благодатноканонски соединети со Епископот во Светите Тајни на Духот Свет по Којшто и Црквата е Божествена. Од светите тајни на Црквата централни се: светото Крштение, Миропомазанието, Епископство-Свештенство и Светата Евхаристија=Литургија, кон којашто, претседавана од Епископот, водат сите овие и останатите Свети Тајни, и од која тие и сето останато во Црквата извира и се влева. Бидејќи Литургијата на Црквата под Епископот, којшто е жива икона Христова, и нашето, на сите православни Епископи и верници заедничарење во неа, е и наше учество во Царството Божјо, Царството Небесно коешто уште овде на земјата, во историјата, започнува со животот вечен, со којшто во Литургијата телесно и духовно се причестуваме, бидејќи со Христа навистина се соединуваме. Ова значи дека битието и единството на Црквата, битието и соединувањето во вечниот живот Христов на сите нас членовите на Црквата како живи делови на живото Тело Христово, е нашето општење и заедничарење во една и иста Света Тајна на Црковната Епископоцентрична = Христоцентрична Евхаристија (=Причест=Литургија), тоа Благословено Царство на Света Троица, без коешто нема ниту вечен живот, ниту вечно спасение.[7]

Тоа е, ете, накратко Православната Еклисиологија којашто ја содржи самата срж на Православната вера и теологија, заедно со Триадологијата и Христологијата, а сите собрани ја исполнуваат Православната  Сотириологија.[8]

Еве зошто сите Свети Канони на Црквата – Апостолски, Соборни (Вселенски и Помесни) и на Светите Отци – најмногу и најчесто говорат за κοινωνία = заедница (изразот е новозаветен: Дела Ап. 2. 42; 1Кор. 1. 9; 10. 16; 2Кор 13. 13; 1 Јн. 1. 3-7) т. е. општење и заедница во Црквата, или, пак, за изопштување и исклучување од Црковната зедница на оние коишто од неа се одделуваат со ересите и расколите. Светите Канони воглавно затоа и се напишани: за да го зачуваат благодатно-канонското единство на општење и заедничарење во животодавното Евхаристиско Причестување Христово, во благодатта на Духот Свети, во љубовта и благоволението на Бога Отца. Или пак: тоа нарушено единство и општење да го исправат и воспостават од евангелско-пастирска грижа и одговорност за спасение на човечките битија заскитани, заблудени, оддалечени и отпаднати од Мајката Црква. Затоа се Свети Канони, а не „канонада” или „рафали” од мртви шеми и убиствени прописи какви што се фарисејските скрупулозни, талмудистички ситничарења со коишто се отежнува или спречува влегувањето на народот Божји во Домот на Отецот, во Царството на Љубовта на Љубениот Син, во заедницата на Духот Свети (инаку и на Светите Отци како донесители на Светите Канони, би се однесувале зборовите Христови кон фарисеите: Мт. 23. 4,13,15).

Светите Канони на Црквата се како и Словото Божјо во Светото Писмо во Црквата: Леб на животот, Дух и живот, Зборови на живот вечен (Јн. 6. 63, 68). Но, како што и Словото Божјо бива “поостро од секој двоостар меч којшто продира до зглобовите и сржта на душата и духот, и ги суди намерите и помислите на срцата човечки” (Евр. 5.12), така и Светите Канони можат да бидат на спасение, но и на суд и осуда на оние коишто од заедницата на Телото Христово се одвојуваат во своите расколи, и секти, и парасинагоги, како што вели светиот Василиј Велики во својот 1. канон.

Бројните протестантски секти и фракции од Светото Писмо прават такви слични секташки збирштини, лицитирања и злоупотреби, така што испаѓа дека Светото Писмо е највиновно за нивните поделби и расцепи, за секташењето и разделувањето на христијаните и Црквата. Слично прават и денешните неразумни “зилоти” Старокалендарци во Грција, и од неодамна во Романија, Бугарија, Србија, со Светите Канони, коишто од 1924 г., а особено од 1945/48 г., до денес, во име на “каноните” создадоа десетина расколи и секти во Грција и во другите православни земји, па и на Запад, а од неодамна се појавија и на подрачјето на Српската Православна Црква.

Иако кај нас тие се малубројна група, на прашањето за причините за нивното отцепување од Светосавската Црква Христова, како и на оние во Грција од Еладската Црква Христова, и со тоа расколништво и на едните и на другите од Вселенско-Икуменското Православие (Οικουμενική Ορθοδοξία), ќе посветиме поголемо внимание поради наивните, простодушните и неинформираните луѓе, помеѓу коишто тие ја вршат својата зилотска, секташка пропаганда, и нападно ги врбуваат неупатените и невини души, најчесто неуките и непостојани поединци. Пред тоа ќе изнесеме кратки известувања за поранешните слични расколи и секти во историјата на Православната Црква низ вековите.[9]

превел од српски јазик, о. Давид (Нинов), од изданието:

Епископ Атанасије, умировљени захумско-херцеговачки

ЗАБЛУДЕ РАСКОЛНИКА тзв. “СТАРОКАЛЕНДАРАЦА”

Београд, 2004.

текстот е објавен во периодиката “Успение”, бр. 7, 2004 г.


[1] Од 1967 г. епископите на МП”Ц” одделувајќи се од Православната Црква своеволно пребиваат во раскол, во којшто и денес манипулираат и држат дел од народот. Според авторот на текстов расколите се појави коишто ја разбиваат духовната заедница на децата Божји, одделувајќи поединци или големи групи. Основното зло на расколот секогаш е нечувствувањето и неживеењето, и оттука нарушувањето на единството на Црквата како Богочовечка заедница, наша со Христа, и во Христа со Света Троица и меѓусебно со благодатта на Светиот Дух (бел. прев.)

[2] очебијно овде авторот укажува дека одговорни за делбите не се само схизматичките епископи како предводници на расколот низ сите историски периоди, па и денес, но одговорни се и сите оние што веруваат во расколот поведувајќи се според нивната шизматичка свест (бел. прев.).

[3] Омилија 11, 4 на Посланието до Евреите (Мigne, РС 62, 85). Златоуст овде го цитира светиот Кипријан Картагински (којшто пострадал како Епископ за Христа, во Картагина 258-та година), и којшто во своето мало, но капитално дело De Unitae Ecclesiae Catholicae = За Единството на Католичанската/ =Соборната/ Црква, гл. 14, ги изрекол наведените зборови.

[4] овој текст е дел од изданието наменето за српската читателска публика, во коешто авторот првенствено ги третира и разрешува проблемите и заблудите на расколниците т.н. Старокалендарци појавени во поново време на територијата на Србија. Исто така, од неодамна такви фанатизирани групи се формирани и меѓу Македонците, во неколку градови низ Р. Македонија (бел. прев.)

[5] Свети Сава, Жичка беседа за Правата вера, 2-3.12 (превод ј. А. Јевтиќ во зборникот Бог на нашите Отци, изд. Ман. Хиландар, 2000, стр 94-95 и 101)

[6] Ова слово на о. Георгиј Флоровски вдахновено е од свети Григориј Богослов, Беседа 31, 6: “Бидејќи не е исто да се верува во нешто, и да се верува за нешто. Оти она првото е Божество, а ова второто е – секакви нешта” (РG 36, 140). Горните зборови о. Георгиј Флоровски ги пишувал во статијата Очев Дом, 1926 г. (излезена најнапред во српскиот превод на о. Јустин Поповиќ, Христијански живот, 1926, бр. 3-6, а потоа 1927 г. на руски во списанието Пут, Париз).

[7] за жал, епископите на МП“Ц” заговараат дека немаат потреба од гореспоменатото Заедничарење=Евхаристија, што е спротивно на православното исповедање на верата. Оттука, во својата неукост ја сметаат еклисиологијата за гранка (слугинка) на политиката и упорно пребиваат во неединство, не знаејќи од историјата на Православието дека Вистинската Црква Христова како Заедница на Светиот Дух кога-тогаш победува. Во тој контекст светски познатиот еклисиолог и патролог, авторот на овој текст, забележува: “Тоа добро треба да го сфатат сите расколници во Православието, ако навистина сакаат спасение во црквата Христова.” (бел. прев.)

[8] Во сите расколи и секти, па и во расколите на т.н. Старокалендарци, според неизбежниот духовен закон, нема вистинска теологија, најмалку Еклисиологија и евангелска Сотириологија. Tоа лесно може да се забележи веќе при првата средба и разговор со членовите на разни групи и групчиња на т.н. “Старокалендарци”, а исто така и во сите нивни книги, брошури, списанија (коишто сме ги имале во раце и сме потрошиле доста време на нив). Kај нив воопшто нема православно библиско и Светоотечко богословие, но само стерилно повторување на фрази и “цитати”, наведување на “изјави”, цитирање на “канони” како безживотни формули туѓи на Евангелието и Црквата, казуистики и јуриспруденции. На пр. во книгата на старокалендарците од Патра на Ламброс Ктенас Зад сцената… едно поглавие носи наслов Еклисиолошко, но кога ќе го прочитате ќе видите дека во него нема ни Е од Еклисиологија, а да не говориме за тоа дека нема ни збор за Големата и Сеопфатна Тајна на Христа – Тајната на Црквата, туку воглавно фарисејски “мидраши” и западно=рационалистичка казуистика. Неговата и нивната “теологија” уште не излегла од “вавилонското ропство” на западната схоластика (и тоа онаа декадентната од 16 -19 век), без оглед на тоа што тие вербално се повикуваат на “Предание”, “Канони”, “Свети Отци”, и веднаш ги обвинуваат сите православни богослови за секаков вид “Екуменизам” (па фанатично го одбиваат и Православниот Икуменизам), бидејќи, според нив, секој Екуменизам е “предстража на Евреомасонството”, а за тоа тврдење се повикуваат на “Протоколите на Сионските мудреци”!

[9] иако се појавија во Грција, очигледно тенденциозно се распространуваат насекаде, па и низ Р. Македонија. Затоа, неопходно е да бидеме запознаени и упатени во суштината на нивното лажно расколничко учење, како што, всушност, и за секој проблем што се јавува во Црквата можеме да расудуваме само откако темелно ќе го запознаеме православното учење коешто се однесува на конкретниот проблем. Тоа би му доликувало на достоинството на православниот христијанин, а не задскривање на богословска неупатеност зад малограѓанските клевети и етикетирања (бел. прев.).