Епископ стобиски Давид: Пристапна Епископска беседа

Ваше Блаженство, Ваши Преосвештенства, Високопреподобни архимандрити и игумании, Чесни презвитери, Преподобни монаси и монахињи, во Христа Бога браќа и сестри,

мнозина се оние пред мене, коишто останале вчудоневидени и во недоумение пред подобните, на денешново, дејанија на Духот Свети. Та, кога тие велики светители на Црквата, како и огнените богослови и јерарси, низ историјата и во совремиево, бивале восхитени, понекогаш и до немост, пред тајната на личната Педесетница, што ли да кажам јас недораснатиот и грешен пред Триипостасниот Бог!

Светиот Апостол Павел во посланието до Солунјаните вели дека непрестаното молитвено благодарење за сѐ што се случува е Предание, коешто потекнува од Самиот Бог (1 Сол. 5, 18). Оттука, бивајќи обземен од благодатта при свештениов чин, на почетоков ништо друго и не ќе можам да речам, освен, веднаш и најнапред да го изразам, колку што можам со скудноста на јазикот, чувството на благодарност кон Бога за сета штедрост Негова и сите дарови Негови. Да Му воздадам благодарност за сите и за сѐ.

Најпрвин, благодарност за, но и кон великиот Јерарх, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован, најдостојниот наследник на корифеите на нашата помесна Црква, на светиот Климент Охридскиот чудотворец, на блажениот Теофилакт, на Димитар Хоматијан, на Константин II Кавасила и плејадата други возглавители на славната Охридска Архикатедра.

Ваше Блаженство, во поривот за слобода, никогаш не престанав да ги слушам зборовите од Вашата пристапна епископска беседа, дека „до последен здив ќе работите на единството, како на помесната, така и на Црквата во целата вселена.“ Единството ѝ е дадено на Црквата како непроменлива вредност, та, сѐ бива призивано кон тоа единство, кон единството како пат по којшто Црквата патува кон славата на идното Царство. И, секој којшто љубоморно не го чува единството на Црквата, коешто е нејзина суштина, којшто не го љуби, или, што е најлошо станува негов непријател, во себе носи многу тешка одговорност! Затоа, благодарен сум неизмерно, што добивам можност и одговорност, како Епископ да Ви бидам сотрудник на ова страшно и достофално место, помеѓу нашиот распнат народ, и во овој очебијно голготски час, приклонувајќи се на Вашето вдахновено „до последен здив“; бидејќи, за разлика од схоластичкиот призвук, којшто е присутен кај мнозина при искажувањето на такви изрази, кај Вас, заради Вашето во пракса исцелување на расколот, преку страдања и саможртвена љубов, исказот „до последниот здив“ проблеснува со сета негова сила. Следствено, длабоко верувам дека на Вас се исполнуваат и оние зборови од извесната монашка апофтегма: Вие сте како цветот, колку повеќе Ве газат толку повеќе благоухате со благоуханието од коешто се храни Црквата низ сета Вселена.

Монашкиот живот и самиот по себе подразбира исцело посветување на Господа и живот во литургиско заедничарење. Од денес, пак, и како Епископ, моја уште поусрдна заложба ќе биде да Ви се вподобам, Ваше Блаженство, во чувањето на соборноста на Црквата, секогаш смирено предочувајќи дека оние коишто ја рушат, истовремено се лишуваат и од даровите на Духот Којшто дише во Црквата, очигледно, толку многу возненавидена од непомјаникот.

Но, на оние коишто не знаат, нека им стане познато дека Црквата којашто ја возглавувате не е свртена само кон минатото, туку кон иднината, истовремено отворајќи ја и историјата за иднината, којашто тука ја иконизира, бидејќи Осмиот Ден на Невечерниот Град којшто го чекаме не е зад нас, но пред нас.

Срдечно сум им благодарен и на Неговата Светост Патријархот Српски г. г. Павле и на Преосвештениот Епископ Горнокарловачки г. Герасим, којшто во својство на пратеник на Светејшиот Патријарх Павле и Светиот Архиерејски Синод на Српската Православна Црква е видлив доказ за нивната родителска љубов и безпоштедна грижа за Црквата Божја во нашата земја. Благодарен сум на Архиереите: Неговото Преосвештенство Епископот далматински г. Фотиј, Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски г. Јоаким, Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и местобљустител битолски г. Марко, на моите блиски Архимандритот Софрониј со братството и Игуманијата Кирана со сетринството од успенските манастири, на симонопетритското братство со нивниот Високопреподобен старец Архимандритот Елисеј, на настојателката при оваа света обител монахињата Олимпијада, на сите присутни клирици и монаси. Бездруго изразувам благодарност кон присутниот верен народ, кон родителите Светлана и Славко коишто начелно, што не е безначајно, ме подржаа во одлуката за монашки живот и кон мојата покојна баба, монахињата Теодосија, од којашто првпат чув за најубавата вера, и кон сите што се упокоиле со надеж на воскресение во живот вечен. Значи, благодарен сум ѝ на Црквата Православна, којашто војува на земјата и торжествува на небесата, а без којашто ништо не сум.

Влегувајќи, пак, внатре во Црквата, ние ѝ пристапуваме на втората ипостас на Света Троица, на Оној Којшто е роден од Отца, а не создаден, значи влегуваме во пространствата на несоздадената реалност, во пространството на благобитието за коешто како вистинска духовна авангарда на ова повестно место, и сега, живо сведочи нашата помесна Црква, возглавена од Неговото Блаженство Архиепископот охридски г. г. Јован. Всушност, затоа и сме повикани да постанеме несоздадени по благодат и да заедничариме со божествените енергии. Оттука, дозволете ми Ваше Блаженство, на браќата и сестрите во Христа, верниот род православен, само да им го посочам она што заеднички ни претстои, а коешто толку прекрасно го имаат срочено Отците на Црквата и современите патролози: Бог земјата ја онебеси, бидејќи претходно небото го спушти на земјата; Бог стана човек, за човека да го направи бог по благодат.

На тој начин, Ваше Блаженство, ќе го чуваме она коешто Вие го остваривте, а тоа е единството на Црквата, бидејќи свесен сум дека само доколку се обожуваме во соборната Црква, можеме да кажеме дека живееме со Христа, според зборовите на Апостолот: „Он е глава на телото, односно на Црквата“ (Кол. 1, 18).

Христос, пак, ни се открива во единството помеѓу нас и во љубовта Негова, а тоа значи во Црквата, бидејќи радоста на единството и љубовта ги разбираме во Неговата Првосвештеничка молитва: „сите едно да бидат“ (Јован. 17. 11, 22).

Несомнено верувам дека оваа молитва и денес е молитва на секој Првосвештеник и христослужител, а отсега покопнежливо и моја.

Службата што ми се доверува, го има, како што исповедав, за цел обожението со несоздадената благодат на Триличносниот Бог, коешто е невозможно надвор од Евхаристијата на Црквата, секогаш, та, се разбира, и денес, бидејќи за нас е важна сегашноста во којашто се покажува дека помесните евхаристии го победија вештачки наметнатото заточеништвото во политичките граници, карактеристични за националшовинизмот и комунизмот во минатите два века. Епископот е иницијатор на сите харизми, нагласува нашиот Блаженејши Архиепископ. Неговиот, пак, учител, Митрополитот на апокалиптичната пергамска црква ја предочува и основната посветеност на епископската служба, велејќи дека Епископот не е само видлива глава на евхаристиското собрание, туку и единствен во Црквата предавател на свештенството, а со тоа, и изразител, и чувар на канонското единство нераскинливо поврзано со Литургијата, којашто во просторот и времето го изразува единството на Црквата Божја. Таа Литургија ќе ја служам и на тоа собрание ќе му служам подобно на Епископите стобиски, истите оние коишто како учесници на вселенските собори застануваа во одбрана на чистотата на православната вера и единството на Црквата.

Дали е потребно да се изложи зошто го посочувам спомнатово? Затоа што во нашево време, коешто го одликуваат остатоците на богоборечкиот комунизам, уште е свежа крвта на бесмртните мажи, коишто своите маченички коски ги вградија во темелите на Црквата. Оттука, епископството е Голгота, велат современите свештеномаченици, бидејќи Епископот мора Христа Бога да Го стави пред животот.

Свети Симеон Солунски, пак, имајќи предвид оти Епископите се преемници на Апостолите, пишува дека современите Епископи според благодатта на првосвештенството во ништо не се разликуваат од Апостолите Петар и Павел. Она во што се разликуваат е само нивната доблест. Енергијата на тајните на Апостолите, пак, е иста со оваа на денешните Првојерарси. А, свештенството што го имаат Архиереите е свештенството Христово, и не е дело на човечка доблест. Следствено, учителот на монашкиот живот, светиот Јован Лествичник додава: кој Го љуби Господа, најнапред го возљубил братот свој. Второто е доказ за првото. Оттука, верувам дека епископската служба се состои и во подвигот на добродетелен живот.

Вратите на срцето и на домот ќе ми бидат отворени за она што според старците најмногу му недостасува на постмодерниот човек, а тоа е да биде внимателно сослушан и примен со Христовата љубов. Духовното дело бездруго се состои и во тоа Епископот да прима луѓе на исповед, имајќи предвид дека човекот на нашето современо општество неретко е полн со болка. Оттука, неопходно е поткрепувајќи го и ослободувајќи го од болката, да го воведе во Телото на Оној Којшто Беше, Којшто Е и Којшто Доаѓа —Богочовекот Христос.

Иако сум недостоен, без да се плашам пред оние коишто се силни и моќни во светот, а, коишто, сепак, на душата не можат да ѝ напакостат, запазувајќи го достоинството на епископската служба, секогаш ќе ја поттикнувам и подржувам борбата за праведно и жизнерадосно решение на сите отворени дилеми со коишто се соочува мојот народ. Народот на Архимандритот Теодосиј, на игуменот Кирил Тетоец, на јеромонахот Крчовски, и, без исклучок, на сите други, во континуитет, дејци при оваа македонска земја со богата и величествена античка цивилизација на којашто од дамнина, мнозина од нас, плодоносно сме се накалемиле како богоименувани, по плот, Словени, а по дух, бездруго, Ромеи, отворени за „Словото Коешто во почетокот беше во Бога, и Бог беше Словото“ (Јован 1. 1). Значи, народ којшто има со што да се пофали, но, и тоа како, има и за што да се кае.

Невозможно ќе ми е да не бидам отворен и присутен во сите сегменти и на општествениот живот, особено оние коишто се однесуваат на младите, не за Црквата да стане општество, што е и невозможно, но подобно на Божјата секадеприсутност, и Црквата благодатно да биде секадеприсутна воведувајќи ја во вечноста конкретната историја, се разбира онаа, којашто се случува пред очите на Бога. Затоа, Ваше Блаженство, подражавајќи Ве во љубовта, дозволете во овој момент уште еднаш да го упатам следниов родителски повик: народот, којшто сè уште пребива во душепогубниот простор на расколот, преку преумување да премине во земјата на вечноста, во Црквата изградена на темелите од Крвта Христова. Би додал дека, ако некого повикуваме кон нас, тогаш го повикуваме на крст, сметајќи го крстот како најголема и единствена слава за нас.

Ваше Блаженство, Ваши Преосвештенства, Високопреподобни игумени и игумании, Преподобни монаси и монахињи, најдлабоко сум свесен, дека без Вашето молитвено застапништво нема да бидам способен да сторам било што. Затоа, сега и ги просам Вашите свети молитви, и молитвите на сите присутни браќа и сестри во Христа Бога, за по нив, Светиот Дух да ја исполни празнотијата произлегувашта од сите мои недостатоци, та да можам да ѝ послужам на Црквата преку којашто се слави сесветото име на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин.

17 Јуни 2007, Битола

беседата е објавена во периодиката “Соборност”, бр. 19 – 21, 2007