Старец Паисиј Светогорец: Страсти и Доблести

Колку човекот е подуховен, толку помалку права има во овој живот. Духовниот човек нема никакво право во овој живот. Обврзан е да биде трпелив и да ја прифаќа неправдата. Неговите права Бог ги чува за оној живот.

Старец Паисиј Светогорец

Старецот Паисиј Светогорец (1924–1994), прост монах со основно образование, но богат со божествена мудрост и копнеж за Небесното Царство, е мошне извесен старец ширум православниот свет. Покрај православните луѓе, денес, неговите дела, сè повеќе, ги исчитуваат, и, за нив, се интересираат, и мнозина боготражители, коишто сè уште не ја исповедаат православната вера.

Учењето на старецот Паисиј Светогорец е токму она што неизмерно му е потребно на современиот човек, бидејќи најпрепознатлив печат на неговата поука е евангелската љубов и личниот пример, коишто извираат од неговиот начин на живот. На тој начин дури и неговите строги зборови паѓаат како благотворна роса на срцето од ближниот, е да би го обработиле за да даде духовен плод.

Во продолжение приложуваме неколку куси поглавја, во вид на разговори, од книгата „Страсти и доблести“, произлезени од животот на сестринството во манастирот „Свети Јован Богослов“, Суроти, покрај Солун, манастир, чијшто основач е старецот Паисиј Светогорец.

Карамелата на пофалбата

– Старче, слушнав некои пофалби и…

– Е, и што бидна? Сосема шупливо си, бре дете? Нас што треба да нѐ интересира? Како нѐ гледаат другите или како нѐ гледа Христос? Другите ќе бидат за нас движечка сила или Христос? Ти си сериозна, затоа немој да стануваш лесномислена. Мене, многупати, дури и сериозни луѓе ми кажуваат нешто пофално, и ми доаѓа да повратам. Се смеам во себе си, и го отфрлам далеку. И ти, подобните нешта, да ги отфрлаш веднаш. Тоа се загубени работи! Што добиваме ако ни се восхитуваат другите? За утре да ни се восхитуваат тропоталата?[1] Оној, којшто се радува кога му се восхитуваат луѓето, бива исмеван од демоните.

Пофалбите, било да се световни или духовни, било да се однесуваат на телото или на душата, штетат, кога човекот е збркан, значи, кога има гордост или предрасположение за гордост. Затоа да внимаваме и да не го пофалуваме лесно другиот, зашто ако случајно е болежлив духовно, трпи штета и може да пропадне.

Пофалбите се како наркотици. Да претпоставиме дека некој, којшто започнува да проповеда може првиот пат да праша дали проповедта беше убава, дали треба на нешто да повнимава за да не му наштети на народот. Тогаш и другиот, за да го охрабри му вели: „Добро кажа, само на тоа место требаше да си повнимателен“. Подоцна, пак, ако има малку предрасположение за гордост, може да стигне дотаму да прашува дали била убава проповедта, само и само за да слуша дека била убава и да чувствува задоволство. И, ако му речат „многу убава беше“, се радува. „А, кажуваат убави зборови за мене!“, си мисли и се дуе. Ако , пак, му кажат: „не беше добра“, се ожалостува. Гледате како со една карамела на пофалбата му се потсмева тропоталото? Во почетокот прашува со добра помисла, за да се поправи, а потоа прашува за да слуша пофалби и да се радува!

Ако се радувате и чувствувате задоволствие кога ве фалат, а се притеснувате и ја бесите муцката кога ви прават некоја забелешка или ви кажуваат дека некоја работа не ја правите добро, да знаете дека тоа е една световна состојба. И ожалостувањето е световно, и радоста е световна. На оној, којшто има духовно здравје, и да му речеш: „ова не го направи добро“, се радува, бидејќи си му помогнал да ја види неговата грешка. Верува дека не го направил добро, та затоа Бог го просветлува, и следниот пат го прави многу добро. Но, повторно тоа му го припишува на Бога. „Што ќе направев самиот“, вели, „ако не ми помогнеше Господ, сѐ наопаку ќе направев“. Сѐ, значи, поставува на точното место.

– Како ќе можеме, старче, да го чувствуваме истото, и кога нѐ фалат, и кога нѐ кудат?

– Ако го замразите световното промовирање, тогаш ќе ја примате со исто расположение и пофалбата, и покудата.

Висока положба
и смирено размислување

– Во мене, старче, постои гордост?

– Е, постои и малку гордост. Барем да имаме нормална гордост, колку што предвидува законот…

– Постои, старче, и „нормална“ гордост?

– Слушни да ти кажам: ако некој има способности, знаења и т. н., и да се возгордее малку, има олеснителни околности. Се разбира не е добра ниту оваа гордост, но се оправдува на некој начин. Оној, пак, којшто нема способности ниту знаења, нема оправдание ако се гордее, и подобро да биде смирен. Ако, пак, се возгоредева, сосема е пропаднат. Гледаш, една медицинска сестра којашто на болниот му става пеницилинска инекција, од што и му поминува температурата, може да има горделива помисла, а Флеминг, којшто го откри пеницилинот и му помогна на толку народ, колкаво смирение имал! Флеминг, по откривањето на пеницилинот, беше заминал во Америка. Таму му ракоплескаа другите, ракоплескаше и тој. Во еден миг пршал: „Што се случува, на кого му ракоплескаат?“. „Вам ви аплаудираат“, му одговориле. Се изгуби! Не беше разбрал кому му ракоплескаат! Сакам да кажам дека оној којшто го пронајде пеницилинот не се возгордеа, а медицинската сестра, којашто става инекција за да помине температурата, се превознесува. Затоа, Великиот Василиј вели: „Најважно е човекот да има висока положба и смирено размислување“. Ова има голема вредност и се наградува од Бога.

Го гледам смирението коешто го имаат големите офицери и гордоста којашто ја имаат простите чувари. Еднаш во колибата беше дошол еден началник со една надменост и зборуваше ли, зборуваше: „јас сум чувар на градот (полицаец, специјална градска полиција во Атина), јас сум ова, јас сум она!“ Управител на чуварите да беше, не ќе зборуваше така. Страшно! А, други, со богатство, со положба, со способности имаат едно смирение, една едноставност! Чувствуваат како да немаат ништо. Големите офицери не ги носат нивните униформи за да ги избегнат почестите. Се сеќавам, еден генерал, којшто имаше многу ордени од војната, кога требаше да оди на дефиле, велеше: „Ќе се натоварам сега со ордените…“. А, еден друг, само една еполета имаше земено и постојано ја носеше униформата за да ја покаже. Имаше ставено и поширок ширит—толку, колку за да не го затворат, бидејќи постои правило колку да е широк ширитот. Кутрите луѓе!

– Значи, старче, кога некој има скромна положба и се возгордева, што покажува? Дека е безумен?

– Зар само еднаш? Многупати!

Со осудувањето
бега благодатта Божја

– Старче, кога ми поминува една помисла на сметка на другиот, дали секогаш значи осудување?

– Не сфаќаш во тој момент?

– Понекогаш доцнам да сфатам.

– Гледај да го разбереш што побрзо твојот пад и да бараш простување од сестрата којашто си ја осудила и од Бога, бидејќи тоа станува пречка во молитвата. Со осудувањето автоматски бега благодатта Божја и веднаш се создава студенило во твојата заедница со Бога. И како потоа да се молиш? Срцето станува мраз, мермер.

Осудувањето и злословието се најголемите гревови и ја оддалечуваат благодатта Божја повеќе од било кој друг грев. „Како што водата го гасне огнот“, вели свети Јован Лествичник „така и осудувањето ја гасне благодатта Божја“.[2]

– Старче, дремам многу на утринската богослужба.

– Можеби осудуваш некоја сестра? Ти ги гледаш надворешно работите и осудуваш, затоа потоа дремеш на богослужбата. Од моментот, значи кога некој осудува и не се соочува духовно со работите, се собира висока духовна температура и се истоштува. И штом се истошти, или дреме или има несоница.

– Старче, често паѓам и во стомакоугодие.

– Слушај, она на што сега треба многу да повнимаваш е осудувањето. Ако не го отсечеш осудувањето, ниту од стомакоугодието не ќе можеш да се избавиш. Човекот којшто осудува, бидејќи ја изгонува благодатта Божја, останува беспомошен и не може да ги отсече сопствените слабости. И ако не ја разбере својата грешка, за да се смири, ќе има падови во продолжение. Ако, пак, ја разбере и побара помош од Бога, тогаш се враќа благодатта Божја.

Оној којшто ги суди другите,
самиот запаѓа во истите грешки

– Старче, како се случува, штом осудам една сестра за некоја нејзина грешка, набргу да ја направам и јас истата грешка?

– Ако некој го осудува другиот за некоја негова грешка, и не го разбере својот пад, за да се преуми, најчесто паѓа во истата грешка, за да разбере. Бог, значи, од љубов дозволува да ја преслика човекот состојбата на оној когошто го осудил. Ако кажеш, да речеме, оти некој е алчен, и не разбереш дека си осудил, Бог ја зема Неговата благодат и дозволува да паднеш и ти во алчност; почнуваш тогаш да собираш. Додека да го разбереш својот пад и да побараш проштевање од Бога, ќе работат духовните закони.

За да ти помогнам, ќе ти кажам нешто од себе си. Кога бев во Светата Обител Стомио, разбрав за една моја соученичка од основно дека беше застранила и направила штета долу во Коница. Се молев, значи, да ја просветли Господ, да се качи во манастирот, за да ѝ проговорам. Имав издвоено и неколку отсечоци за покајанието од Светото Писмо и од Отечникот. Еден ден, значи, дојде со две други жени. Зборувавме и покажа дека разбра. Во продолжение доаѓаше често со нејзиното дете и носеше свеќи, масло, темјан за храмот. Еднаш едни познати поклоници од Коница ми велат: „Отец, оваа жена лицемери. Тука носи свеќа и темјан, а долу продолжува со офицерите“. Кога дојде повторно, ја најдов во црквата како ги целива иконите, и ѝ се развикав: „Бегај оттука, и реков, ја имаш извалкано целата област!..“ Кутрата избега плачејќи. Не помина многу време и почувствував голема телесна борба. „Што е ова?, велам. Никогаш немав вакво искушение. Што се случува?“ Не можев да ја најдам причината. Се помолив, истото; тогаш ја фатив угорнината за Камила.[3] „Подобро да ме јадат мечките“, реков. Навлегов доволно длабоко во шумата; искушението не отстапуваше. Вадам тогаш едно секирче, коешто го имав закачено на половината и си задавам три удари по ногата; можеби со болката ќе избега и искушението. Чевелот се наполни со крв, но ништо. Во еден миг ми дојде на ум онаа жена и зборовите што ѝ ги бев рекол. „Боже мој, реков тогаш, јас на кратко го проживеав тој пекол и не можам да го поднесам, а таа страдалната, во продолжение го живее тој пекол!.. Прости ми што ја осудив.“ Веднаш почувствував една божествена свежина и исчезна борбата. Гледаш што прави осудувањето?[4]

Ако ги игнорираме грешките на другите,
и Бог ќе ги игнорира нашите

– Старче, денес при собирањето на маслинки осудив неколку сестри, бидејќи гледав дека не ја вршеа внимателно нивната работа.

– Гледај да ги оставиш судењата и осудувањата, бидејќи потоа тебе ќе ти суди Господ. Ти не ставаш по некоја маслинка малку расипана, со добрите?

– Не, Старче, внимавам да не ставам.

– Ако ни прави такво добро пребирање Христос на Судот, пропаднавме! Но, ако сега ги игнорираме грешките на дугите и не ги осудуваме, ќе можеме тогаш да му кажеме на Христа: „Христе мој, стави ме и мене во некое ќоше внатре во Рајот!“ Се сеќавате што пишува во Старечникот за еден небрежен монах којшто се спаси, бидејќи не осудуваше: „Кога дојде часот да умре, беше многу радосен и мирен. Тогаш неговиот Старец, за да стекнат полза отците, коишто се беа собрале од околните келии, го праша: Брате, како не се плашиш од смртта, а живееше во небрежност? И, братот му одговори: Вистина е дека живеев во небрежност, но од тогаш кога станав монах се обидов да не осудам никого, та сега ќе му кажам на Христа: Христе мој, јас сум еден несреќник, но барем Твојата заповед—не судете, за да не ви се суди[5], ја запазив. Блажен си брате, му рече тогаш Старецот, бидејќи се спаси без труд.“[6]

– Старче, некои духовни луѓе, кога гледаат дека некој живее грешно, велат: „А, овој, така како што врви, за во пеколот е!“

– Ах, ако световните луѓе одат во пеколот заради злоупотреба на работите, духовните луѓе ќе одат заради осудување… За никого не можеме да кажеме дека ќе оди во пеколот. Не знаеме како Бог дејствува. Судовите Божји се бездна. Никому да не пресудуваме, бидејќи така го земаме судот од рацете Божји, и тргнуваме да станеме богови. Ако не праша Христос во денот на судот, тогаш да го кажеме своето мислење…

Треба да сееме, за да даде Господ

– Старче, секој ден велам: „Од утре ќе внимавам, ќе се поправам“, но повторно паѓам во истото.

– Да го ставиш Бога напред; да велиш: „Со силата Божја, ќе се обидам да се поправам“, та, да ти помогне Бог. Тоа што сакаш да се поправиш, значи дека примаш помош. Бараш и од Бога да ти помогне, и го фрла Бог погледот Негов врз тебе. Го правиш и твојот малечок обид, и напредуваш. Кој, кога ќе види едно малечко детенце како со своите раце се обидува да истркала еден голем камен, нема да истрча да му помогне, за да не се измачува? Така и Бог, кога ќе го види твојот малечок обид, ќе ти помогне да победиш.

Некои, бидејќи не прават никаков обид да се поправат, велат: „Христе мој, ги имам овие страсти. Ти можеш да ме избавиш; избави ме“. Е, како да помогне тогаш Бог? За да помогне Бог, треба човекот да го направи обидот, којшто му е возможен. Значи, има некои работи коишто треба да ги направи самиот човек, за потоа да помогне Бог. Во никој случај не може да му се помогне, ако самиот не сака да си помогне себеси.

Ние понекогаш гледаме да ги здобиеме благодатта и даровите Божји на еден магиски начин. Мислиме дека без борба ќе стекнеме некоја доблест, и дури и дека ќе се осветиме. Сепак, за да даде Бог, треба да сееме. Како ќе даде Бог, без да работиме? Што вели тропарот: „на пустината неплодноста ја обработи“.[7] Бог дава, дава дожд, ја омекнува земјата, но и ние треба да ја обработуваме нашата нива. Почвата е подготвена, но треба да го ставиме ралото во нивата, и да сееме, и што ќе посееме, тоа ќе жнееме. Ако, пак, не ораме, како ќе сееме? И, ако не сееме, што ќе жнееме?

Затоа, да не прашувате само што може да направи Бог, но да се прашувате и себе си, што можете да направите и вие. Банката Христова дава многу голем кредит. Но, ако не ставаме влог во банката, тогаш како ќе подигаме средства?

Превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Изворник:

ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑΪΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΛΟΓΟΙ Ε΄

ΠΑΘΗ ΚΑΙ ΑΡΕΤΕΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

“ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ“

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2006

текстот е објавен во периодиката “Соборност”, бр. 19 – 21, 2007


[1] старецот Паисиј, за ѓаволот го употребувал зборот—тропотало, на грчки—ταγκαλάκι

[2] Свети Јован Лествичник, Лествица, глава Х.

[3] Камила се нарекува врвот на планината Пинд, Папинго Тимфи, бидејќи изгледот му наликува на камила.

[4] Старецот исповедно откривајќи го овој настан, истовремено го открива својот маченички начин на размислување, којшто извираше од неговата љубов за Христа. Оваа љубов го распламтуваше неговото срце и го придвижуваше кон секој прекумерен подвиг и страдање. Движечката сила за соочување со ова искушение не беше омразата кон телото, но неговата љубов за Христа. (слични примери сведочат и во Житијата на светите. Види животот на преподобен Мартинијан, 13 Февруари). Старецот ја кажуваше оваа случка за да нагласи дека со осудувањето благодатта Божја се оддалечува од човекот; во ниту еден случај не би препорачувал слично соочување со едно телесно искушение.

[5] Мат. 7. 1

[6] Види Голем Старечник, том А, глава 3, стр. 344, издание на Светата Тихувалница „Рождество Богородично“, Панорама, Солун, 1994

[7] Од тропарот на преподобните: „Течењето на твоите солзи…“