Старец Порфириј Кавсокаливит: Пет кратки поглавија за Црквата

Кога ќе го возљубиме Христа со сета душа своја, кога божествената љубов ќе се всели во нас, проблемите исчезнуваат, а ние се исполнуваме со духовна радост.

Старец Порфириј Кавсокаливит

Старецот Порфириј Кавсокаливит (1906 – 1991), е еден од најголемите старци на нашата современост. Негова одлика се топлата љубов Христова и смирението, без било какво негодување, дури и во моментите на неподнослива болка.

Низ неговата скромна монашка келија поминале најразлични луѓе, од свети подвижници до грешни крадци, православни Христијани и луѓе од други религии, непознати луѓе и славни личности, богати и сиромашни, образовани и необразовани, мирјани и свештеници од сите чинови. На сите, заради нивното спасение, им ја нудеше Христовата љубов.

Сведоштвата на некои од неговите најблиски луѓе говорат дека духот на Старецот Порфириј беше: „дух на безпоговорна покорност на канонската Црква. Тој, апсолутно ништо не правеше без нејзино одобрение. Од своето искуство во Духот Свети, знаеше дека Епископите се носители на божествената благодат, независно од нивните лични доблести. Сликовито истакнуваше дека благодатта им се спротивставува на гордите, но не и на скрушените грешници. Од тие причини, не беше согласен со потезите, коишто предизвикуваа расправии и судири во Црквата, ниту со вербалните напади против Епископите. Секогаш нагласуваше дека за решавање на црковните проблеми ќе се најде излез во Црквата и низ Црквата, со помош на молитвата, смиреноумието и покајанието. Велеше дека за нас е подобро да направиме грешка во Црквата, отколку правилно да постапуваме надвор од Неа. Во еден дух стоите, борејќи се еднодушно за евангелската вера (Фил. 1. 27).“

Во продолжение приложуваме неколку кратки искази на Старецот Порфириј за канонската Црква Христова.

1. Во Црквата напредуваме кон бесмртноста.

Црквата е нов живот во Христа. Во Црквата не постои смрт, не постои пекол. Евангелистот Јован вели: „кој ќе ги запази зборовите мои, нема да вкуси смрт довека“.[1] Христос ја укинува смртта. Оној што влегува во Црквата се спасува, станува вечен. Еден е животот, тој е бесконечен, без крај; оттука, смртта не постои. Кој ги следи заповедите Христови, никогаш не умира. Умира со телото, со страстите и се удостојува уште во овдешниот живот да живее во Рајот, во Црквата наша, а потоа и во вечноста. Со Христа, смртта станува мост што ќе го поминеме за миг, за да продолжиме да живееме во невечерната светлина.

И јас, откако станав монах, поверував дека не постои смрт. Така почувствував и секогаш чувствувам дека сум вечен и бесмртен. Колку прекрасно!

Во Црквата, којашто ги има тајните што спасуваат, не постои безнадеж. Можно е да сме многу грешни. Но, се исповедаме, свештеникот ни чита молитва, и така, преку простувањето, напредуваме кон бесмртноста, без нималку грч, без нималку страв.

Кога ќе го возљубиме Христа, го живееме животот Христов. Штом, со благодатта Божја го постигнеме тоа, тогаш се наоѓаме во една инаква состојба, живееме една поинкава, завидна состојба. За нас не постои никаков страв. Ниту смртта, ниту ѓаволот, ниту пеколот. Сето ова постои за оние луѓе коишто се наоѓаат далеку од Христа, за нехристијаните. За нас, коишто сме Христијани и ја вршиме вољата Негова, тука, како што Он ни вели, тие нешта не постојат. Тие, значи постојат, но кога човекот ќе го убие стариот човек „со страстите свои и похотите“[2], не им придава значење ниту на ѓаволот, ниту на злото. Воопшто не допираат до него. Она што допира до него, она со што се занимава е љубовта, служењето на Христа и на ближниот. Ако стигнеме до рамништето да чувствуваме радост, љубов, служење на Бога без нималку страв, стигнуваме и да кажеме: „не живеам веќе јас, туку живее во мене Христос.“[3] Никој не нè спречува да влеземе во оваа тајна.

2. Црквата е Рајот на земјата.

Со славењето на Бога, живееш во Рајот. Ако го запознаеш и возљубиш Христа – живееш во Рајот. Христос е Рајот. Рајот започнува од тука. Црквата е Рајот на земјата, подобен на небесата. Рајот, којшто е на небесата, е истиот и овде, на земјата. Таму сите души се едно, како што во Света Троица се три лица, но соединети, и сочинуваат едно Битие.

Нашата главна грижа е да се посветиме на Христа, да се соединиме со Црквата. Ако влеземе во љубовта Божја, влегуваме во Црквата. Ако не влеземе во Црквата, ако не постанеме едно, со овдешната земна Црква, тогаш постои стравување да ја изгубиме и небесната. И, кога велиме небесната, да не мислиме дека во идниот живот ќе најдеме градини со цвеќе, планини, води и птици. Ги нема таму земните убавини. Таму постои нешто друго, нешто многу возвишено. Но, за да стигнеме до тоа, другото, потребно е да поминеме низ овие земни слики и убавини.

Оној што го живее Христа, станува едно со Него, со Црквата Негова. Живее во еден восхит! Овој живот е различен од животот на останатите луѓе. Таквиот живот е радост, светлина, восклик, воздигнување. Тоа е животот на Црквата, животот на Евангелието, Царството Божјо. „Царството Божјо е во нас.“[4] Доаѓа во нас Христос и ние сме во Него. Се случува како со едно парче железо, коешто ставено во оган, станува оган и светлина. Надвор од огнот, пак, повторно е темно железо, мрак.

Во Црквата се случува божествено соединување, стануваме вбожени. Кога сме со Христа, ние сме внатре во светлината. А, кога живееме внатре во светлината, таму не постои темнина. Но, светлината не е постојана. Зависи од нас. Се случува како со железото, коешто надвор од огнот станува потемнето. Мракот и светлината не одат заедно. Никогаш не е возможно да имаме темнина и светлина истовремено. Или светлина, или темнина. Кога ќе ја запалиш светлината, исчезнува мракот.

3. За црковната свест.

Старецот Порфириј имаше мошне развиена црковна свест. Ги почитуваше црковните лица и црковната јерархија. Велеше: „Ако ги расипам односите со Епископот, ако Епископот е нажален од мене, тогаш мојата молитва не се издига до небото.“

Ќе кажам и уште нешто: Старецот беше цркво-центричен. Црквата беше основа на сиот живот негов и на сета дејност негова. Навистина, го имав видено многупати како му течат солзи додека зборува за Црквата. Негуваше безрезервна почит кон канонската Црква. За него Епископот беше на местото и во обличје Христово. Неизмерно го нажалуваше кога гледаше дека обвинуваат Епископи, или, пак, кога пишуваат против Епископите. Каков и да е Епископот, тој е глава. Се наоѓа на местото и во обличје Христово. Тоа беше свет факт за Старецот.

4. Да станеме учесници во енергиите Божји.

Зборуваше за Црквата, за тоа како гледа на Црквата. На карактеристичен начин велеше: „Црквата е несоздадена.“ Зошто е несоздадена Црквата? Бидејќи Црквата е богочовечност, таа е Господ во историјата. И ние верните сме повикани  да станеме несоздадени, да станеме учесници во енергиите Божји, да влеземе внатре во тајната на Божеството, да ја надминеме нашата световност, да станеме онострани (трансцедентни). Несоздадена е Црквата. И, карактеристично е што тоа го живееше во пракса. Ги примаше сите. Неговата врата беше отворена за сите. Не беше лицемер. Кој и да отидеше, каде и да припаѓаше, го примаше. Самиот не припаѓаше никаде. Припаѓаше на Црквата. И ги примаше сите.

5. Многу да ја љубиме Црквата.

За да го запазиме нашето единство треба да правиме послушание на Црквата, на нејзините Епископи. Слушајќи ја Црквата, послушни сме му на самиот Христос. Христос сака да станеме едно стадо со еден пастир.[5]

Да сострадуваме за Црквата. Да ја љубиме, многу. Да не го прифаќаме осудувањето на нејзините претставници. Духот на којшто се научив на Света Гора беше православен, длабок, свет, молчалив, без расправии, без кавги и без осудувања. Да не им веруваме на оние коишто ги обвинуваат свештените лица. И со нашите очи да видиме нешто негативно од страна на некое свештено лице, да не поверуваме, ниту да го мислиме, ниту да го пренесуваме на други. Истото важи и за мирјаните, коишто се дел од Црквата, и за секој човек. Сите ние сме Црквата. Оние што ја обвинуваат Црквата за грешките на нејзините претставници, со цел, навидум, да помогнат за нејзино поправање, прават голема грешка. Тие не ја љубат Црквата. Ниту, се разбира, Христа. Ја љубиме Црквата тогаш кога со нашата молитва го прегрнуваме секој нејзин член, и го правиме тоа што го прави Христос. Се жртвуваме, бдееме, правиме сè како Него, којшто „кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше.“[6]

Да внимаваме и на должностите. Да ги живееме тајните, особено тајната на Светата Причест. Во тоа се состои Православието. Христос се принесува во Црквата, преку тајните, а главно преку Светата Причест. Да ви кажам за една посета Божја на мене смирениот, за да ја видите благодатта на тајните.

Веќе некое време ми имаше излезено на грбот некој израсток, којшто многу ме болеше. Беше многу малечок, како главче од шајка. Болката се простираше широко на левата страна од грбот. Беше неподнослива. Во мојата келија, во Милеси, имавме извршено елеосвештение. Така, додека ме болеше, со осветениот елеј крстовидно ми го помазаа израстокот и веднаш исчезна болката. Толку многу бев благодарен за оваа посета Божја, та на секој што доаѓаше му велев:

–       Земи од ова осветено масло. Што и да те боли, од него да ставаш.

Простете за ова што го раскажувам, но во слава Божја го кажувам.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΟΡΦΥΡΙΟΥ ΚΑΥΣΟΚΑΛΥΒΙΤΟΥ

Βίος και Λόγοι, Ι. Μ. ΧΡΥΣΟΠΗΓΗΣ ΧΑΝΙΑ 2003

Ανθολόγιο Συμβουλών, Η ΜΕΤΑΜΟΡΦΟΣΙΣ ΤΟΥ ΣΟΤΗΡΟΣ, ΜΗΛΕΣΙ, 2003

 текстот е објавен во периодиката “Соборност”, бр. 22 – 24, 2008


[1] Јован 8. 52

[2] Гал. 5. 24

[3] Гал. 2. 20

[4] Спореди Лука 17. 21

[5] Спореди Јован 10. 16

[6] 1 Петар. 2. 23