Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Божикно Послание до народот на Струмичката Епископија

I. Во својот вдахновен говор на годишниот испит, на 12 Јуни 1866 год., нашиот голем поет Григор Прличев ги изрече следниве едноставни и полнозначни зборови: „Секој го познава арното и лошото. Според тоа, уште повеќе сме за поучување, оти познавајќи го арното, пак сме закопчани за злото. Значи, лекот прв, којшто ја лечи секоја штета од корен, е учењето. Затоа Адам, кога првпат го виде сонцето, ги затвори очите. Кој го научи? Го научи номот (законот) Господов што му беше испишан во срцето, и му велеше: внимавај на себе!“.

Навистина, мудриот пребива во порив да се поучува, подобно на поговорката: Човекот се учи додека е жив!

Каква наука би нашле во вашите срца кога некој сега би ве прашал: што е Црквата? Дали е тоа организација за заштита на националните интереси?! Дали е институција за спроведување на партиските програми?! Дали е фолклорно друштво за конзервација на обичаи и адети?! Што е? Што, навистина, е Црквата?

II. Возљубени, надворешниот поглед мнозина ги упатува да гледаат на Црквата како на собир на оние што веруваат. Но, Црквата не е само собрание. Таа е Тело Христово. Оттука, светиот Никола Кавасила низ восклик ни зборува дека штом Христос ќе возведе некого до Трпезата, и возведениот вкуси од Христовите Тајни, тогаш исцело го менува причасникот и го доведува до Сопствената состојба. Така, човекот, којшто е направен од кал, повеќе не е кал, туку воспримајќи го Царскиот вид, станува Тело на Царот. „Род избран, царско свештенство, свет народ“, вели Апостолот Петар за Црквата, во Првото послание (1Петар 2. 9).

Затоа, идентитетот на Црквата, најскапоцени струмичани, извира од Божествената Литургија на којашто се стекнуваме со граѓанството на Небесниот Град Јерусалим. Следствено, јасно е дека идентитет на Црквата не се темели врз историските збиднувања. Ќе се согласите, не е ниту возможно да се темели врз она, што минливата политика си го смета за вистинито и добро; туку, се темели на Литургијата, којашто ја пројавува Иднината по која копнее секој Православен Христијанин, подобно на Апостолот Павле, кога вели: „овде  немаме постојан град, којшто ќе остане, но го бараме оној што ќе дојде (Евр. 13. 14). Така, иконизирајќи го Царството Небесно на земјата, Литургијата ни го покажува вистинскиот лик на Црквата.

И, ајде, кажете ни сега, зар човекот, којшто е создаден од ништо, и којшто катаден и катаноќ постои над бездната од ништото, дури и со можност повторно да се стрмоглави во неа, зар би можел таквиот човек да создаде сопствена литургија во замена за Вистинската! Дури и да го стори тоа, таквата расколничка литургија, којашто води во пропаст, „плач и крцкање со заби“ (Матеј 25. 30), ќе остане само човечка творба изградена на песок (Лука 6. 49), и без моќ да го замени Царството.

Литургијата на Соборната Црква, возљубени, е работилница на нашето обожение. Современите Отци недвосмислено предочуваат дека оној што не учествува во неа, сега и овде, нема да учествува ниту во Небесното Царство. Земајќи ја предвид длабочината на човековото срце, сакаме да веруваме, притоа не отфрлајќи буквално никого, но без исклучок, дека кај сите нас, буди печал фактот оти години наназад гледаме дека во Струмица нема Литургија! Се разбира, ја оставаме можноста некој, токму тука, да каже: но, тоа не е точно! Номот Господов испишан во вашите срца, вам нека ви рече: внимавајте на себе си, пред да искажете било каков суд за Литургијата!

Зар во Струмица е служена Соборната Литургија! Зар Православниот  Христијанин може да ѝ одреди цена на Соборната Литургија, и да ѝ претпостави нешто друго како поважно! Бездруго, не ќе го стори тоа. Токму затоа, секој според силите, но сите заедно сме должни и одговорни пред Христа Бога, таа скрб да ја преобразиме во жизнерадост. Тогаш, и на изобилието плодови на единството ќе им се радуваме заедно.

Затоа, будно и внимателно, погледнете околу себе и одговорете ни: кога последен пат сте сретнале некој Епископ од Русија, некој јеромонах од Света Гора, некој свештеник од Грузија, игумени од Грција, протојереи од Јерусалим, Србија, Бугарија, Александрија, Америка, Романија и да не набројуваме понатаму, дека дошле и богослужеле Литургија во нашата Струмица? Та, нели се Православни! Но, на ова прашање немаат одговор ниту помладите, ниту постарите! Згора на тоа мнозина немаат ниту евхаристиска заедница со личностите што учествуваат во Литургијата на канонската Православна Црква, ширум светот! Зошто!? Зар Струмица не е достојна да доживее такви пројави на Небесното Царство, зар струмичани не се достојни да го видат вистинското лице на Литургијата!? Зар не треба самите да настојуваат да бидат во единство со Црквата!?

Смислата на светот е во единството со Бога, и сотириолошка содржина на нашиот живот е: сè да приведуваме во тоа единство. Но, што, зар струмичани се луѓе коишто се затворени за средба што ќе продолжи во вечноста!? Напротив. Бидејќи сте срдечни и мили луѓе, уверени сме дека Самиот Христос Господ се грижи Струмица да има канонска Црква – Струмичката Епископија на Православната Охридска Архиепископија. Ете, токму и заради егзистенцијалната констатација дека е невозможно да се има заедница со Бога, ако притоа не се пребива во заедница со луѓето за коишто знаеме дека ја имаат таа заедница, дека го сочинуваат Телото на Соборната Црква! Оттука, секој човек, секоја единствена и неповторлива личност, којашто се грижи за своето обожение, со саможртвена љубов нека работи на воспоставување на сопственото единство со Црквата, бидејќи тоа единство не е своевидна правна категорија, туку онтолошки акт, кога сè што е раздвоено – повторно го составувате во Христа Бога.

Можно е некој да рече: ние и немаме потреба да доаѓаат при нас, ниту да одиме кај нив; додавајќи: па, и не сме за единство по секоја цена! Ќе речеме: тоа е негов избор! Но, тогаш се доведува во прашање неговата православна вера. Зошто!? Луѓето со расудувачки пристап кон проблемите ќе се сетат на дилемата што ја поставува светиот Кипријан Картагински: „може ли да се каже дека ја пази верата оној, којшто не се придржува кон единството на Црквата?“ И, сосема логично, светителот одговара: „оној што се наоѓа надвор од Црквата може да се спаси толку колку што се спасил некој што, при потопот, се наоѓал надвор од коработ на Ное!“ Внимавајте, овој голем богослов на единството уште порачува дека верните неминовно треба да ги отфрлат оние што ги одвлекуваат во раскол, велејќи: „ако спасителниот совет не може да врати кон патот на спасението некого од водачите на расколот, тогаш вие уловените поради простодушие или измамени со итра замка, раскинете ги мрежите, ослободете ги од заблуда вашите колебливи стапки и откријте ја вистинската патека на небесниот пат.“ Та, и светиот Златоуст нагласува дека ако некој направи илјада добра, а самиот го раскинува телото Христово, ќе биде осуден подобно на оние кои го распнаа Христа, додавајќи дека тоа се однесува подеднакво: како и на предводниците на расколот, така и на оние што ги следат.

III. Возљубени, во Православието највисока е цената на единството, на соборноста, коишто се суштина на нашата православна вера; та затоа, извесна е светоотечката, од Духот Свети вдахновена, изрека: „оној што го нарушува единството на Црквата, дури и да претрпи маченички крај, тоа попрво ќе му биде наказание за вероломството, отколку славен крај за благочестивиот подвиг.“ Ќе речеме дека со сигурност не е христијански, но одговорете ни, зар, воопшто, е и човечки, во ова време, во коешто толку се повикуваме на почитување на слободата во уверувањата, оној којшто е слободен да не биде дел од Соборната Литургија, истовремено агресивно да му ја одзема слободата на избор и на оној што знае дека канонската Православната Црква ги повикува во единство сите народи?! И, уште знае дека на тој повик слободно и љубовно се одзиваат сите, освен оние на коишто политикантсвото и нацијата им стануваат посвети од Христа и Црквата, оние на коишто разопштеноста од Православната Вера им станува државна религија. И, зар има поитра замка од она по што ќе остане запаметена нашата татковина на почетоков од XXI-от век, а тоа се  политичките претензии на расколот и религиските претензии на политиката.

Затоа, Патријархот Српски Павле ќе рече: „ние браќа, како Црква, не настапуваме од позиција на национална исклучивост и немаме никакви национални и територијални претензии во однос на вас. Го почитуваме националниот идентитет и националната определеност на македонскиот народ и на секој народ во Република Македонија. Етнофилетизмот, односно ставањето на Црквата во национално политичките идеологии и програми, одамна и со право е осуден како ерес. Етнофилетизмот се раѓа токму од ослабената свест за соборноста на Црквата и така создава подлога за поделби и расколи. Единството на Црквата е светиња.“ Цврсто веруваме дека секој од вас ќе ја препознае вистината, којашто ослободува (Јован 8. 32), во зборовите на Архиепископот Охридски Јован, кога вели: „Всушност, вистинското вреднување на националната припадност е можно само во единство со сите народи од кои е составено Телото Христово.“

IV. Возљубени, за разлика од минатото, денес, во XXI-от век, местото и улогата на националните држави во Европската Унија се изменети. А, Соборната Црква е таа, којашто  низ вековите, и во нашево време живо сведочи дека само во неа, еднаш и засекогаш бива решен најголемиот проблем на човекот, проблемот, којшто не се поставува на изборните ветувања и кампањи на коишто Црквата, не ретко, бива третирана како некоја анахрона организација за еднократно политичко интерпретирање на минатото. Тој проблем, којшто ги обезнадежува луѓето, а за којшто, вон Црквата, денес упорно се молчи е – смртта. Не за расколот, туку за причестувањето само во Соборната Литургија е кажано дека е настан на заедничарење во Христа, икона на есхатонот, укинување на смртта за сите луѓе, „лек за бесмртност“, според зборовите на светиот Игнатиј Антиохијски.

V. Токму, пак, во ова време, сведоци сме дека мнозина наши современици се повикуваат на Крстета Петков Мисирков. Во ред, ајде тогаш да го чуеме и него. Еве, што вели Мисирков за верата: „религиозните потребности и убедејња сет за сите неприкосноени. Но, религијата никак не требит да бидит средство за престапни политични и национални цели, како шчо јет сега во Македонија. Православијето, нај старата, нај распространетата и основната религија на сите македонцки народности, за сожаљуајње, сосим изгубило од видот својата главна цеља да сејит братството меѓу народите, да облагородуат срцата на верните. Црквата кај нас си изгубила својата главна цеља, за то македонцката интелегенција и народо имаат полно прао да употребат сите свои сили да лишат црквата во Македонија од чисто национални цели, и да ѝ поврнат тија цели, који шчо ѝ запоедал нејниот Божествен Осноач: да проповедуат евангелието на сите јазици т.е. на сите народи на нивните јазици. Прво нешчо, које ке се потребит, тоа јет, да се образуат во Македонија: Едина, Соборна и Апостолцка црква т.е. да се возстаноит Охридцката Архиепископија“. Мнозина следбеници на Крстета сега ја гонат Охридската Архиепископија подржувајќи го расколот, којшто, и тогаш, и денес во нашата мултинационална татковина ја има изгубено својата главна цеља. Потомците на Крстета се насрчиле на Охридската Архиепископија, токму какошто го гонеа Христа Бога, синовите на оние што ги убиваа пророците. Нека е простено.

VI. Оттука, ние веруваме, оти во вашите срца, вие веќе многу добро препознавате дека Православната Црква е наднационална и Соборна Црква, токму затоа што не се ограничува на една држава и не се поистоветува со тесните политички граници, коишто Црквата многупати во историјата ги има надживеано, како што и ќе ги надживува. Се нарекува Соборна затоа што никој не може да ја ограничи ниту со закон, ниту со раса, ниту со јазик, ниту со простор, ниту со време, ниту со смртта.

VII. Возљубени, нашето Предание ни сведочи дека Господ ја создаде вселената заради Црквата, чијашто цел е, рековме, осуштествување на единството помеѓу Создателот и Неговото создание.

А, токму, расколот е грев против љубовта врз којашто е основано  единството. Таму, пак, кадешто се огрешува против љубовта, се отстапува и од благодатта. Затоа, расколот е црква без света Педесетница. Расколот е полош од секој грев против Црквата, бидејќи во суштина претставува отфрлање на самата Црква. Во расколот нема Православие. Не е возможно да се биде Православен надвор од Црквата, бивајќи внатре во некоја мртва макета на црква, создадена од расколничката вообразба.

VIII. Најскапоцени струмичани, делото на Епископот превасходно е литургиско, рековме: сè да се приведува во Соборната Литургија. Единството во Литургијата е извор на единството во Црквата, но и на единството во Епископот, според зборовите на светиот Игнатиј Антиохијски: „соединете се во Епископот.“  Дури, светиот Игнатиј не се снебива да каже дека целата помесна Црква пред него се појавува во личноста на канонскиот Епископ, а секој којшто нешто прави без канонскиот Епископ, пребива надвор од Жртвеникот. Истовремено, тој недвосмислено додава дека заедницата без канонски Епископ не може ниту да се именува како Црква. Таква заедница без канонски Епископ, како што забележува Митрополитот Пергамски Јован, завршува со определена ерес како неправославно учење, истакнувајќи оти: веќе ранохристијанската свест искристализирала дека соборноста на една помесна Црква ја изразува Епископот, којшто служи Литургија со останатите канонски Епископи. Затоа, светиот Игнатиј Антиохијски, тој величенствен апостолски маж и свештеномаченик, оние коишто еретикуваат и упорно расколникуваат ќе ги именува со: „ѕверови со човечки лик“, „отров од кнезот на овој век“, „ѓаволски изданок“.

Доколку некој се претставува за епископ, а не служи Литургија и не се причестува со Епископи од канонската Црква, тогаш самиот не е епископ, бидејќи Соборната Црква не го препознава како таков. Оттука и фактот дека таму каде што постојат расколи уште повеќе се изострува критериумот за тоа што е, а што не е Црква. Согласно на Апостолските правила, без канонски Епископ, свештеникот не може да извршува никаква свештеничка служба. Расколничкиот епископ не е Црква, туку мртва сенка на Црквата, како што забележува Митрополитот Ловчански Гавриил, велејќи: „безблагодатните епископи се форма, без содржина.“ Затоа, расколот е и патолошка состојба, којашто доведува до тешки душевни пореметувања, особено заради непријатноста при обидите расколниците да се претстават за Црква пред оние коишто добро ги познаваат дека се раскол. Каква ли непријатност! Очебијно, корените на расколот лежат во длабочината на човековото срце (Матеј 15. 19), и согласно на зборовите на Светите Отци, расколниците го повторуваат гревот на паднатиот ангел, којшто стана против Создателот и оттргна мноштво ангели од Небесната Црква!

IX. Пребивајќи во таква незавидна состојба, оние што се во раскол уште велат дека се автокефална Црква! Како автокефалијата да е спасение! А, не треба да се изгуби од вид дека за некој да биде автокефален, бездруго подразбира да биде во заедничарење со сите други, и тоа во литургиско заедничарење. „Ете го парадоксот“, вели Епископот Браничевски Игнатиј: „за некој да биде независен во Црквата, треба да биде во заедничарење со сите други.“ Тогаш, нека ви посочат оние што се во раскол, дали и со кого се во литургиско единство! Ако, пак, не се во литургиско единство, што заедничко имаат со Иднината! Надвор од Црквата, никаква смисла немаат исихазмот, молитвата, бројаницата, причестувањето; вон Црквата тие се патолошка фантазија и расколничко факирство. Дури и чудотворството на некој чудотворец, доколку тој е расколник, бива залудно, бидејќи не е чудотворството критериум за Црквата, туку нејзината Соборност. Следствено, задача на Соборната Црква е да го прави она што не може да го прави никој друг, а тоа е да ги обожува човечките созданија.

Затоа сега ви говориме за Соборната Црква во Струмица. Црквата не постои за да му конкурира на светот. Запомнете, Црквата не постои за да биде конкуренција на расколот, на власта, набројте што друго сакате. Црквата постои за да го спасува светот. Христос влезе во историското постоење на светот, во историското постоење на секоја личност, и, еве, Црквата, како ширење на љубовта Христова, како Тело Негово, тропа на вратите од Вашите срца. Лична слобода и одговорност на секого од вас е дали ќе отвори или, пак, не.

X. Возљубени, Христос се роди!

Рождеството Христово, коешто денес го празнуваме е момент на пресврт во историјата на светот. Тоа го одбележа крајот на времето во коешто владееше гревот, и го востанови почетокот на новата епоха во којашто дејствува благодатта.

Зар не се случува истото постојано? Зар Рождеството Христово и сега, во овој миг, не ни најавува нешто ново? Еден писател вели: „Ако Христос се беше родил илјада пати во Витлеем, а ниту еднаш во твоето срце, напразен бил твојот живот.“ Следствено, напразен е животот ако не е дел од Телото на Соборната Црква, чијашто Глава е денес родениот Богомладенец Христос.

Навистина, Рождеството Христово ја отвора есхатолошката перспектива на нашиот живот, и само ако посакаме: денес може да заврши минатото т. е. стариот човек, којшто разколникува при секакви неважни работи, и да почне онаа иднина, којашто современите патролози ја имаат определено, отприлика вака: не е толку важно што Бог направил за нас во минатото, колку што е важно, што Он ќе направи за нас во иднината, бидејќи Господ нѐ привлекува кон Себе во подлабока заедница, во идната заедница на вечната љубов.

Не се стреми Соборноста кон расколот, туку расколот се преумува во Соборност.

И, иако понекогаш се случува да забораваме на иднината, бидејќи живееме во свет поразен од смртта и трпиме разделби и скрб, сепак, чудото на православната вера е токму во тоа дека: таа голема радост од Воплотението, ни се дава и сега, во целата полнота како и пред нешто повеќе од две илјади години. Затоа ние денес не правиме комеморација, туку го празнуваме Рождеството Христово, коешто биднало еднаш, но вечно ги исполнува луѓето со мир и радост.

Човекот е создаден за обожение. Стариот Адам стана причина за смрт на неговите потомци, родот човечки, иако луѓето не вкусија од дрвото. И, Новиот Адам, Богочовекот Христос, нам коишто од Него се родивме, иако ништо добро не направиме, еве, гледајте, ни стана, преку Рождеството, Крстот и Воскресението, Дарител на обожение во Едната Света Соборна и Апостолска Црква.

Човекот со Воплотениот Бог денес се наоѓа во жив, создавачки, градителски однос. Тој однос може да биде и однос на рушење, бидејќи човекот е даруван со дарот на слободата. Но слободата, велат Отците, секогаш подразбира – одговорност. Не станува збор за слобода доколку кажеме дека, без одговорност, ќе правиме што сакаме. Тогаш вршиме тиранија, и врз другите и врз себе. Никогаш да не забораваме дека слободата без одговорност е тиранија. Не е слободен оној човек, тогаш кога неговата слобода прераснува во агресија врз слободата на другиот.

Мнозина денес, би сакале да ве видат како „стадо без мнение“, како безлична конзуматорска маса. Но, денес роденото Дете нека ни излее благодат врз благодат, за секој од нас ползувајќи ги особените дарови Божји, да се оствари како единствена и неповторлива личност, бидејќи Бог во неговата креативност не создава конфекција; па, ползувајќи ги слободата и одговорноста да проникнеме заедно во зборовите на Апостолот Павле: „Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небесата“ (1Кор. 15. 47). Та, отфрлувајќи го сивилото на дневното, политичко-расколничко секојдневие, да станеме малечки богови по благодат, и да се покажеме наследници на Царството на денес воплотениот Богомладенец, во Отецот преку Светиот Дух, сега и во вековите на вековите.

Возљубени, минатото не може да ја замени убавината на нашата заедничка Иднина. Да го преобразиме минатото, бидејќи Детето што денес се раѓа, чујте како го повикува, секого од вас, поединечно, да стане научник на покајанието.

Го ползуваме, конечно, говорот како најскапоцен дар од Бога за нас луѓето, преку којшто веруваме дека и во иднина меѓусебно ќе се разбираме и ќе си помагаме, да ве повикаме во овие денови кога ја созерцуваме надумната тајна на Воплотението Господово, преку преумување, да дојдете при нас, да бидеме една Црква, бидејќи неизмерно, во Бога, ве љубиме.

Заради тоа Христос денес се раѓа, за да ставиме сите заедно нов почеток, та, да се исполнат Христовите зборови „за сите едно да бидат, како што си Ти, Оче, во Мене, и јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Јован 17. 21).

Христос се роди!

на Рождество Христово

25.12.2008 / 07.01.2009

во Струмица