Преписка со градоначалникот на Струмица

Божикна честитка до градоначалникот на Струмица, г. Зоран Заев.

Одговорот од градоначалникот на Струмица, г. Зоран Заев.

Одговор на писмото на г. Зоран Заев

 

Епископија Струмичка

Протокол бр. 4 од 09 Јануари 2009 год.

До: Градоначалникот на
општина Струмица г. Зоран Заев

Струмица

Почитуван г. Зоран Заев,

Ја ползуваме оваа прилика срдечно да Ви заблагодариме за писмото, коешто ни го испративте (враќајќи ни ја со него и Божикната честитка што Ви ја упативме, а којашто како содржина ја имаше книгата на светиот Никола Кавасила „За животот во Христа“, како и нашето годинешно Божикно послание), и, се разбира, според редот, да Ви одговориме на тоа што ни го пишувате.

Бидејќи се повикувате на Вашата градоначалничка функција, неопходно е да Ве потсетиме дека токму функцијата, којашто привремено ја извршувате, подразбира грижа за интересите на сите граѓани подеднакво, без разлика на нивната верска или национална припадност, а токму нашата општина Струмица изобилува со различни вероисповеди и националности. Сосема природно, помеѓу жителите на општина Струмица, бидете уверени дека постојат и не малку граѓани, коишто се припадници на Православната Охридска Архиепископија, се разбира, според нивниот слободен избор. И, без оглед на фактот дека во Вашето писмо Вие пројавувате и религиски претензии, пред нивната слобода при изборот, Вие останувате немоќен! Истовремено, имајќи обзир кон Вас, како кон помлад човек, најискрено би Ви предочиле дека не Ви е вистински пријател, оној што Ве посоветувал да го напишете и испратите писмото, па макар тоа да Ви го советувала и Вашата совест, туку вистински пријател Ви е оној којшто Ви укажува на Вашите слабости, со цел, додека да ги преобразите, барем јавно да не ги пројавувате. Се разбира, реченово нема намера да ја исклучи особеноста на Вашата личност и Вашиот верски, политички и било кој друг избор, но извесно е дека толку, колку што човекот може да си наштети на себеси, не може да му наштети никој друг.

Оттука, за миг ќе Ви ја предочиме реалноста, потсетувајќи Ве дека не живееме во теократска, но во секуларна држава; та, токму затоа, загрижувачка и застрашувачка е Вашата јавна демонстрација на верска нетрпеливост и омраза. Ова го посочуваме особено заради фактот што честитката не Ви ја испративме само како на приватно лице, туку превасходно како на градоначалник на Струмица (па, ако сакате и како на и в.д. претседател на политичка партија), значи, како на личност, којашто треба во континуитет да покажува видлива толеранција и соживот на дело со сите граѓани на нашата татковина, како што погоре Ви изложивме, без разлика на нивната верска или национална припадност. Впрочем, тоа е одлика на мултиконфесионалните, модерни граѓански општества, кон коишто, засега декларативно, стреми и нашето.

Ни се чини дека ќе се сложите оти нашата честитка нема навредлива содржина, ниту, пак, некаде во честитката се спомнува, како што Вие во Вашето писмо, спротивно на Уставот (на којшто се повикувате), ја нарекувате „официјалната црква на Р. Македонија“, т.е. МПЦ. Бездруго, штом сте се определиле за вршење на јавна дејност, ќе Ви биде неопходно час поскоро вистински да се ставите во тек со Уставот на Р. Македонија, којшто во Членот 19 децидно вели: „се гарантира слободата на вероисповеста, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот“; или, пак, најдобро, уште побрзо да се приклучите во текот на цивилизациските придобивки на евро-атлантските демократии, кадешто на пр. во Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, во Членот 9, се нагласува дека: „секој има право на слобода на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата или уверувањето, и слобода да сам или во група, во јавност или приватно, ја изрази својата религија или убедување, преку почитување, богослужба и обред“. Сакаме да веруваме дека Ви е познато оти и Р. Македонија е потписник на горепосочената Конвенција! Внимателното читање на Вашето писмо, упатува на Вашиот повик со потпис на државата да се врши јавен линч на сите оние, коишто, согласно Конвенцијата, љубат да бидат Православни Христијани, задржувајќи го притоа загарантираното право да не бидат дел од „официјалната“ МПЦ!

Апсолутизирањето, пак, на Вашето мислење и неговото припишување на граѓаните на целата општина Струмица, бездруго Ви е заскитана, непопуларна оставштина од некогашното едноумие во денешната плуралистичка реалност, исто како што сериозна клевета претставува Вашето тврдење дека нашето постоење, во земјава во којашто сме родени, е „директно негирање на македонската државност и самобитност“. Ако е така како што велите, тогаш нашето место не е на слобода туку во затвор, но штом, очебијно сме на слобода, тогаш докажете го спротивното. Се разбира, оваа Ваша клевета нема да си дозволиме да ја рекламираме по денешните световни судови, но ќе ја сочекаме одлуката на непоткупливиот и конечен суд Божји.

Во Вашето писмо, г. Зоран Заев, Вие недвосмислено пишувате дека самото наше постоење, дејствување и испраќање на Божикната честитка за Вас е „недоличен чин што никако не го прифаќате“! Зар ние, струмичките, и воопшто, сите граѓани припадници на Православната Охридска Архиепископија, којашто не е регистрирана не по наша вина, туку по вина на судството (заради што трпи угледот на татковината), треба да очекуваме дека со Вашето евентуално враќање на власт, повторно ќе почнете со апсења, затворања и прогон врз верска основа! Заради нашето заедничко добро и иднина, ќе Ве информираме дека Р. Македонија во сите меѓународни извештаи (ако Ве интересира во кои, можеме дополнително да Ви ги испратиме), бива посочена како земја во којашто се врши државен прогон врз верска основа. Зар не е разумно и од заеднички интерес тоа да го промениме, почитувајќи си ги, притоа, нашите меѓусебни разлики!

Ќе Ве замолиме само да ни простите затоа што Ве преценивме, мислејќи дека сте човек, којшто не робува на предрасуди. Р. Македонија, Ви посочивме, е мултиконфесионална земја, та, нам ни пристигаат книги и честитки од претставници на различни вероисповеди. Од почит кон гестот на внимание, коешто ни го укажале, и, бездруго од општа култура, секогаш со радост ги примаме. Кога на нашиот сограѓанин, којшто е припадник на друга вероисповед (ислам, римокатолицизам, протестантизам), би му ја вратиле пратката, бездруго, тоа би говорело за нашата, а не за нивната некултура.

Затоа, почитуван г. Зоран Заев, искрено и, ќе речеме, пријателски, на почетокот Ви посочивме дека човекот самиот најмногу може да си наштети на себе си. Вашето писмо, коешто сметаме дека, не заради нас, туку заради Вас, не требаше да ни го испратите, денес веќе претставува јавен, видлив и достапен доказ за грубото кршење на принципот на секуларизам од страна на власта и, бездруго, јасна потврда за распалување на верска омраза кон Вашите верски неистомисленици. Згора на тоа, Вие како градоначалник и в.д. претседател на политичка партија, исцело сте некомпетентен за да се вплеткувате во решавањето на црковните проблеми; воедно, секогаш имајте предвид дека доколку во иднина дојде до решение на сериозниот проблем со којшто се соочува верската група на којашто објавувате дека ѝ припаѓате, Вам ќе Ви остане чувството на непријатна горчливост заради нетолерантниот однос, којшто го пројавувате со Вашето писмо упатено до нас.

Секако, за едно нешто срдечно Ви благодариме: иста таква честитка, како онаа што Ви ја упативме Вам, испративме и до над стотина други официјални лица во Р. Македонија, но единствено Вие демонстриравте нерамнодушност. Сосема, пак, е возможно во напливот на честитки за Божик, мнозина да не ја забележале нашата, или, воопшто, да не ѝ дале на значение, или, пак, целосно да ја игнорирале, но единствено Вас, очигледно, некаде на крајот од срцето, сепак нешто Ве допрело, за демонстрaтивно да реагирате. Тој дел во Вас, ние срдечно го поздравуваме. Веруваме дека тој дел допрва ќе го култивирате во аристократски манири, коишто ќе почувствувате колку се разликуваат од провинцијализмот, не на географијата, туку на духот.

И, за едно нешто ќе Ве замолме да нè извините: немавме претстава дека толку Ви се омразнати книгата и читањето. Во некоја друга прилика ќе Ви испратиме нешто поприкладно. Инаку, за Ваша информација книгата на свети Никола Кавасила, којашто ни ја вративте, претставува ремек дело на православната теологија, и не многу народи можат да се пофалат со превод од грчкиот оригинал, како што можеме ние да се пофалиме со одличниот превод на современ македонски јазик.

Поттикнати од христијанските вредности, или, пак, ако Вам Ви е поприфатливо, од некоја востановена култура, сосема јасно, постојано сме отворени и со верба дека, во некои порастеретени околности и времиња, доколку се разбира тоа е и Ваш избор, ќе имаме можност да го продолжиме нашиот разговор, ползувајќи се со говорот, а не само со пишаниот збор.

Со должна почит,

Епископ стобиски и Администратор струмички Давид