Епископ стобиски Давид: Цело Православие чека на МПЦ

Другиот е константен факт за нашата човечка стварност (Сартр). Зар постои човек, којшто не го поимил своето постоење како екстатично исходење од себе си заради другиот, како пречекорување на границите на сопствената природа и непрекинливо движење кон другиот, гледање на другиот, познание на другиот, бивање со другиот. По својата природа човекот е битие на заедничарењето, личност за комуникација. Оттука, човечката слобода за којашто копнее секој човек, постанува бесмислена без другиот. Одговорот на прашањето: што значи да се биде среќен, треба да се побара во етимологијата на зборот, во старословенската „срешта“, односно – средба. Оној што се среќава е среќен. Среќата не се огледува во слободата од другиот, иако се добива впечаток дека мнозина денес така ја разбираат слободата. Среќата се огледува во слободното давање себе си на другиот, во содејство, во соработка, во разговор, конечно, во преговори.

Неодамна јавноста беше запознаена со одлуката на Синодот на МПЦ за отпочнување преговори со Пеќската Патријаршија. Успехот на преговорите ќе значи крај на четириесетгодишното талкање на МПЦ низ пустината, и нејзин влез во ветената земја, т.е. Црквата. Донесената конкретна одлука се доживува во контекст на горереченото за позитивното сфаќање на слободата како начин на постоење во, а не вон, заедницата. Затоа, одлуката за преговори е со години очекувана, добродојдена и со радост примена од сите во Црквата. Според нашето разбирање за времето, таквата одлука за преговори во нас ја буди, не носталгијата за минатото налик на онаа што ја имаше Одисеј, туку носталгијата за иднината, носталгијата за она што допрва треба да ни се случи. Оттука, слободата нужно подразбира одговорност, оти стремежот кон слобода без истовремена одговорност за иднината и другите, прераснува во тиранија. Специфичен, пак, вид тиранија владиците на МПЦ можат да спроведуваат преку заробувањето на својата верска заедница во отсуството на дијалог!

Во тој контекст, од нашето внимание не можат да се измолкнат контрадикторните изјави дадени веднаш после одлуката за отпочнување преговори. Имено, владиците на МПЦ искажаа подготвеност за преговори, но децидни се дека нема да прифатат никакви условувања во однос на „автокефалниот статус и неменувањето на името“ (А1 Вести, 01.07.2009). Портпаролот Тимотеј, пак, додаде: „Ако нè условат со присуството на Јован Вранишковски, значи, ниту се почнати, ниту ќе почнат разговорите“ (А1 Вести, 25.06.2009). Со предочениве изјави, искажани после веќе донесена одлука за започнување разговор, владиците на МПЦ како да стрелаат кон, за нив, типичната цел, кон поништување на одлуките, коишто самите ги носат и пропаѓање на преговорите, коишто сакаат да ги водат. Се чини, туѓо е на техниката на преговори, на соговорникот да му се поставува ултиматум пред преговорите да започнат, пред, воопшто, и да бидат почнати подготовките за средба. За илустрација нека послужи примерот со германскиот марксист Херберт Маркузе, којшто се обидуваше да ја задржи љубовта, но без Христа и бесмртноста, оти, согласно на неговата мисла, смртта е таа, којашто доминира над луѓето и цивилизациите. Сепак, љубовта пркоси, и по својата природа инсистира на бесмртност. Следствено, согласно на нивната идеолошка матрица, и МПЦ се обидуваат да ги задржат преговорите, но без Православната Охридска Архиепископија (ПОА) и нејзиниот Претстојател, a priori определувајќи му на соговорникот, кој смее, а кој не смее да учествува во разговорот. Кога од некого се бара разговор и средба, неопходно е да се поседува елементарната доблест, за на соговорникот да не му се наложува кој може да седне од другата страна на масата. Реченово тежнее да ги одбрани преговарачите на МПЦ од нив самите, е да, не би им се случила уште една авантура на оддалечување од возвишениот критериум за човекот како homo ludens: човек создавач, човек играч, уметник и во дијалогот, битие коешто дава и трага по љубов, човек на заедничарењето во љубовта и вистината.

Прогон

Теологијата на претстоечкиот дијалог, во случајов, неминовно изискува да се постави и точната дијагноза на проблемот. Дијагноза! – возможно е секој да изрази ваква чуденка. Та, каква болка ги обзела оние што бараат преговор!

Во 2002 год., владиците на МПЦ поднесоа предлог за спроведување државен прогон врз Архиепископот Јован. Тој предлог, денес, суштински влијае на посакуваните преговори. Согласно на ставот „простуваме, но заради историскиот незаборав бележиме“, накусо ќе посочиме дека: врз основа на тој предлог Архиепископот Јован, после политичките судења, одлежа две затворски казни во Идризово, поради што од Amnesty International е прогласен за затвореник на совеста. Врз основа на тој предлог безправно беше срушена црквата во Нижеполе, и косите на монахињите насилно истрижани. Без судски налог и рок за изселување, монасите беа протерани од манастирите. Полицијата изведе низа информативни разговори упаѓајќи во домовите на граѓаните припадници на ПОА. Епископите и монасите на ПОА, но и свештените лица, коишто се граѓани на Европската Унија, на граничните премини, во континуитет се подложени на полициска тортура. Судот грубо го прекршува новиот закон за регистрација на верските заедници. Врз основа на споменатиот предлог, со карактеристичниот „говор“ на МПЦ беа тепани свештеници и верници на ПОА, подобно на случувањата на плоштадот во врска со изградбата на храм и т.н., и т.н. Врз основа на тој предлог државата наоѓа технички начин, само привремено да врати една тужба од Стразбур, иако на упатените во правото им е јасно дека пресуда од Врховен суд не е возможно да се обжали пред Уставниот суд. И, зар со тоа сите проблеми се решени! Конечно, врз основа на предлогот на МПЦ, Архиепископот Јован, само заради одземеното право на различно уверување се наоѓа во прогон, надвор од Р. Македонија, без можност да се врати, а притоа да не биде затворен! Ќе го наведеме Членот 9 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи: „секој има право на слобода на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата или уверувањето, и слобода, сам или во група, во јавност или приватно, да ја изразува својата религија или убедување преку почитување, богослужба и обред.“ Патем, Р. Македонија се има обврзано да ја почитува спомнатата Конвенција!

Културолошка провалија

Горепосоченото, значи, се случува во време на декларативните тенденции на македонската политика за почитување на човековите права и верските слободи на сопствените граѓани. Но, сите спомнати собитија, согласно на Емил Диркајм, го определуваат ова време како време на налет на сакралното во профаното. Во склопот од недоволна социолошка артикулираност и недостаток од автентично предание, се случува впечатливиот феномен: своите религиозни потреби МПЦ ги задоволува со тоа што сите наведени затвори, тепања и рушења како „богослужба“ ги принесува на „жртвеникот“ од македонската политика, развивајќи ги притоа познатите механизми на рекламирање (marketing), и на промоција на нивниот врховен лидер, без разлика која партија е на власт, преку социолошки познатиот star system. Таквата поставеност длабоко го поткопува преговарачкиот капацитет на МПЦ, но и секуларниот карактер на нашето општество.

При посочениве околности доаѓа до израз немоќта за премостување на културолошката провалија помеѓу актуелната домашна реалност и цивилизираните вредности. Во услови кога во Европската Унија се регистрираат на пр. во соседните Р. Грција – четири, и во Р. Бугарија – три православни цркви, македонскиот граѓанин станува заложник, сега, пак, од друга страна, на навлегувањето на профаното во сакралното, и на штитењето на монополот на МПЦ. Таквиот светоглед се отсликува во познатата приказна за жабата, којашто седела на самото дно од бурето и го гледала небото. Одеднаш, во приказната се појавува другиот. На бурето долетува галебот. Штом галебот го почнал дијалогот, сликовито опишувајќи ја красотата на небесната шир, жабата самобендисано му одговорила: молчи, зар ти ќе ми зборуваш за небото кога и самата го гледам и познавам! Подвигот кон преговорите нужно е да биде ненаметнување на МПЦ-овската рамка за небото.

Да останеме, само уште малку, на дијагнозата. Тоталитаристичкиот пристап на сатанизирање и отпишување на инакумислечкиот, и укинувањето на можноста личноста да се определи различно од предвидливото водат кон сопственото осиромашување и заборав на фактот дека слободата не се присилува. Поглаварот на МПЦ ги повикува новинарите на молк, и, барем до-сега, отсуствуваат јавната дебата и соочувањето на аргументи во однос на црковната состојба во Р. Македонија! Затоа, на не мал број новинари се однесува непопуларното рамниште – делумно слободни. Ниту, пак, се апстрактни инсистирањата на меѓународната заедница за реформи во судството, оти токму нашето судство, а не некое друго, и во мигов е вршител на прогонот врз верска основа, што, пак, на нашето општество му го дава вкусот на орвеловското, кадешто: „сите се исти помеѓу себе, но некои се повеќе исти од останатите.“ И оваа даденост не е без влијание во однос на преговорите!

Церемонијален декор

Зар е возможно тогаш да се изведат преговори додека Архиепископот Јован, и денес се наоѓа во прогон, по барање на МПЦ! За кој трезвеномислечки човек би било нормално под такви „услови“ да се преговара! Во светот е актуелно правилото да не се преговара со терористи. Владиците на МПЦ нема да ги наречеме терористи, но, сепак, православниот свет ги препознава како луѓе, коишто ја гонат Црквата, како луѓе, коишто заборавајќи ги правилата на однесување, изумија дека тужењето по световни судови е исцело туѓо на етосот на Црквата (Канон 9, IV Вселенски Собор). Тука се проѕира намерата на МПЦ: доколку преговорите успеат, дополнително да бара решение за поведените судски процеси; доколку, пак, не им успеат, тогаш Архиепископот Јован може и следните десет години да остане во прогон! Но, тука ќе излезе на виделина нивната дејствителна подготвеност или, пак, симулирањето преговори!

Јасно е дека причината поради којашто и досега немаше преговори беа двете затворања на Архиепископот Јован во Идризово, како и продолжувањето на судските процеси против него, но и притисоците врз судот, бидејќи судијата на двапати го ослободуваше. Таквиот однос кон другиот, што своите корени ги влече од автокефалијата од 1967 год., којашто МПЦ ја имаат само „за по дома“, согласно теоријата на Чарлс Кули, чини МПЦ да се развиваат според принципот looking glass self. Гледајќи, значи, на себе само со сопствените очи, дојдоа до парадоксалната позиција на тотално гето и церемонијален декор. Актуелното оттуѓување ги промовира како феномен на политичко христијанство, коешто иако на прв поглед е примамливо и економски делотворно, сепак, претставува оддалечување од суштината и конечната цел. Затоа, при пристапот и настапите пред преговорите, за МПЦ ќе биде нужно да ја најде точната мерка помеѓу анахронизмот и зачмаеноста во адетите од една страна, како и бесплодната прилагоденост на ежедневната политика, од друга. И политичките рамки ќе треба да престанат дестимулативно да делуваат на МПЦ. Така ќе покажат дека не сакаат да имаат макета од црква, а самите, пак, владици на МПЦ ќе престанат да го исцрпуваат својот идентитет во дневно партиските активности, без потоа да бидат фрлени на маргините од општеството. Така ќе бидат окуражени за разговор и запазени од постепеното, но сигурно исчезнување од историската сцена на православното христијанство.

Можеме да го анализираме и досега залудно загубеното време во отсуство на преговори, и во отсуство на решение за статусот на МПЦ. Уште потрагично ќе биде доколку нивната агонија продолжи. Треба да се има предвид дека Црквата не е определена од општествените односи. Дванаест неписмени рибари, какви што беа Апостолите, не беа регистрирани од римската империја. Наспроти себе ги имаа моќната елинистичка култура и лукавата јудејска синагога. Сепак, во нивните мрежи ја уловија вселената. Прашањето за статусот на Црквата во Р. Македонија веќе е решено. Православниот свет е во полно единство со Православната Охридска Архиепископија. Таа даденост ниту една политика не ќе може да ја измени. Никој веќе не може да префрла дека граѓаните на Р. Македонија се без избор.

Преку ова бегло, незлобиво навраќање на историјата имаме намера да стигнеме да „обратниот“ став на христијанството за светот. Светиот Григориј Богослов изричито го преиначува сфаќањето за светот како макрокозмос и човекот како микрокозмос: „светот е микрокозмос, а човекот во него е макрокозмос. Човекот е поголем од светот.“ Без процесот на дијалог човекот ја губи и можноста за заедничарење во богатото единство на макрокозмосите.

Сосема е јасно дека сè е во рацете на преговарачите од МПЦ. Никој во помесните православни цркви не е затворен за нив. Целото Православие чека на нив. Во Пеќската Патријаршија, согласно на преданието, МПЦ го имаат најголемиот подржувач за влез во единството на Црквата. Московската Патријаршија, секогаш, па и при нивната последна средба ги упати да направат сè што е во нивна моќ за да се пристапи кон решавање на нивниот статус.

Во моќта на МПЦ е да го повлечат предлогот за гонење, којшто го дадоа во 2002 год., и по којшто и сега се постапува во однос на прогонот на Архиепископот Јован и Православната Охридска Архиепископија.

Така, во преумувањето, ќе покажат дека немаат намера да фингираат дијалог. Веднаш и ќе добијат дејствителни преговори.

текстот е објавен во магазинот „Сега“, број 12, 16 Јули 2009 год.

One Reply to “Епископ стобиски Давид: Цело Православие чека на МПЦ”

Comments are closed.