Епископ стобиски Давид: Прокрустовата постела на цезаро-папизмот

Двајца луѓе, во молк, чекореа покрај тополите кои испуштаа сребрен шум, додека длабокиот ветар го топеше снегот на заборавот. И гледај! Одненадеж над езерото неискажлив миг! Едниот од нив, смогна да изусти со невенлив глас: колку е прекрасно што слободата не е избор помеѓу „да“ и „не“; слободата е: да си независен од избор! Вториот со острастеност во ноздрите, наместо одговор, свика: погледни се, бре, каков си! Ти си оваков! Ти си онаков! Ти си никаков!

Горереченото, мудрите Латини го срочија во еден израз – ad hominem: удри по човекот штом не можеш по слободата, мавни по личноста, кога не си кадарен по аргументите! Но, така, синодот на МПЦ си останува творба на Кардељ, која на небото гледа низ призмата на жаба од дното на бурето! Духовната инсуфициентност на расколот, од синодалците на МПЦ прави, и тоа го рековме, looking glass self политичка свита! Одлуката бр. 95 од 14. 06. 1990 г., со која г. Гаврил го расчини г. Петар, кај најголемиот дел од нашата јавност го предизвика феноменот на перцептуалното слепило: невозможност да се видат нештата што реално се присутни! A, и понудата од илјада евра за фотографија од синодот на МПЦ во сослужување со православен патријарх – пребива во сила. Оттука, не е скромно самиот да пишувам за себе си, особено кога луѓето чие мислење ми значи (на пр. патријархот јерусалимски, види: „Сега“ бр. 16), немаат дилема кој сум и што сум, исто како што и мојата држава е децидна во однос на моето име и презиме. Тоа име, во својство на епископ, заедно со имињата на архиереите на Православната охридска архиепископија (ПОА), е запишано во врвниот правен документ на православната црква – Диптихот, односно единствениот официјален список на сите православни епископи во светот. Едноставно речено, ако некој епископ го нема во Диптихот, тоа значи дека таквиот не ѝ припаѓа на православната црква. Епископите на ПОА очигледно се таму, додека оние од МПЦ ги нема. Што говори тоа, нека си заклучи секој според расудувањето. Оние, пак, за кои фактот на служење заедничка литургија со јерусалимскиот патријарх е само „сликичка од интернет“, за кои веројатно и Диптихот на црквата е ирелевантен, јавно сведочат за својата елементарна неупатеност.

СТАДОТО НИКОЈ НЕ ГО ПРАШУВА!

Се разбира, поседувам порив да влезам во коштец со инфекцијата на богословската неграмотност во нашата јавност, инфекција, која за свој вруток го има синодот на МПЦ. Затоа неопходно е на почетокот МПЦ да го покаже нивниот човек, за потоа јас да им го покажам мојот Бог! Посоченава динамичка антропологија упатува на фактот дека колку повеќе човекот го валка ликот Божји во себе, толку повеќе станува збор за отсуство на познание, за гносеолошка запушеност! Оти, каков е човекот, во таков и „бог“ верува! Тогаш, кој е човекот на МПЦ? Човекот на Хунзите! Човекот што ги иницира Миладинови! Човекот што повеќе време поминал по белосветски судници отколку во храмот! Човекот, кој под барјакот на МПЦ, физички се пресметува со студенти! Човекот кој демонстрира незрелост да го реши проблемот на расколот, кога сите го очекуваат тоа, исцрпувајќи го притоа својот идентитет во големите историски активности на осветувањето улици! Без сомнеж, расколот веќе претставува обвинување против самиот човек. О, какви луѓе ли се синодалците на МПЦ штом веруваат во таков „бог“! Оти, бездруго посочениве дејанија се паралогични за луѓе кои се служат со името црква!

Но, што се случува! Некој доаѓа? По своето неизмерно милосрдие, Христос уште еднаш посака да ги посети своите и тоа токму таму каде што пламтеа кладите. Доаѓа во истиот човечки лик во којшто чекореше помеѓу луѓето триесет и три години. Еве, поминува покрај нашите власти и покрај синодалците на МПЦ, кои штотоку „заради поголема слава Божја“ (како што велеле старите инквизитори: ad majorem gloriam Dei), го затворија архиепископот г. Јован во Идризово, храбро ги истрижаа косите на монахињите, ги прогласија за еретици сите кои не влечат корен од Александар Велики, вештачеа при формирањето на новиот судски регистар за верски заедници! Конечно, себе си се овековечија во заводот за индустриска сопственост по што и идните генерации веројатно ќе си спомнуваат за МПЦ! Имено, на 31-ви Јуни 2005 г., во службеното гласило на државниот завод за индустриска сопственост на  Македонија објавени се пријавите на 17 трговски марки, чиј подносител е правното лице „Македонска православна црква”, во класата 16 – хартија, картони и производи од нив, потоа класата 33 – алкохолни пијалоци (освен пиво) и т.н., и т.н. Меѓу називите на пријавените трговски марки ги среќаваме и следниве имиња: Македонска православна црква – Охридска Архиепископија, Православна Скопска Патријаршија!!!, и други. Од пастирски причини, стадото не беше прашано! Зошто толкаво потценување! Очигледно, верниците на МПЦ не се достојни да знаат дека нивниот синод ги претвора во трговска марка за производство на алкохол (освен пиво)! Патриотската власт веројатно ќе ги заштити синодалците на МПЦ од плаќање данок, за да го спаси и запази атрибутот на државата! Упатените велат дека е возможно наскоро да осамнат следниве наслови по весниците: „во промет се пуштени пиратски бришачи за раце (од класа 16), кои ја носат заштитената трговска марка МПЦ“! Монополизираната МПЦ, ќе треба и да го додаде знакчето ® во своето име, претворајќи се, на тој начин, во успешна компанија со цели 17 трговски марки! Христос ненаметливо помина покрај државниот завод за индустриска сопственост, спокојно зачекори по нашите улици, и иако се појави тивко, сите го забележаа. Народот плаче од радост, затоа што во Христа гледа дека верата не е тема на државен притисок, туку на слобода на вољата. И, тоа им доаѓа како исцеление. Но, големиот инквизитор издава заповед кон стражарите за да го фатат. Толку е голема моќта на инквизиторот, што народот, покорен и послушен, без збор го препушта во рацете на Министерството за мислење. Во студената полициска соба, архирасколникот му се развикува на Христа: –  „Ти ли си? Не одговарај, молчи! А и што би можел да речеш? Ти и немаш право да додадеш нешто кон она што си го кажал порано! Зошто дојде да ни пречиш? Ќе те изгорам како најлош еретик! Оди си и повеќе никогаш не доаѓај! Никогаш!“ (Браќата Карамазови, Мисла, 1980)

ПОА ЌЕ ЧЕКА НА МПЦ!

Сепак, својата повест Достоевски ја завршува со егзистенцијалниот восклик дека: убавината ќе го спаси светот. Во убавината се состои и мојата одговорност пред искреното прашање на македонскиот граѓанин: штом МПЦ крштева и дава чинови, како е возможно некој да се откаже од неа?

Пред решавањето на црковниот проблем со ракополагањето на македонски граѓани за канонски епископи на ПОА, малкумина во нашата земја знаеа дека, во православниот свет, МПЦ слови за расколничка организација. Денес тоа е општопознато и признато дури од самите синодалци на МПЦ. Затоа од букварот на Православието ќе го посочам примерот за односот на Црквата кон оние кои се крстени или ракоположени во раскол. Имено, во 1998 год., во Софија се одржа сеправославен собор на кој Бугарската православна црква ги прими во единство своите расколници. Тогаш некои рекоа: видовте ли, сеправославниот собор ја призна благодатта на расколниците! Митрополитот ловчански г. Гаврил веднаш одговори: „Ништо подобно. На соборот беше кажано многу важно нешто: расколниците ја имаат формата, нивите крштевања и ракополагања се извршени според истите книги и на одредениот начин, но ја немаат содржината, та соборноста на Црквата, по снисходење, им го надополни она што им недостасуваше, значи – суштината.“ (Успение бр. 7, 2004)

Најсвеж пример за сите расколници, во овој свет во кој се рушат идеолошките граници, стана расколничката Украинска автокефална православна црква, со положба идентична на синодот на МПЦ. Нејзиниот претстојател г. Методиј, на 26. 08. 2009 г., упати писмо до константинополскиот патријарх г. Вартоломеј во кое признава дека неговата црква се одделила од христијанската целовитост заради кризата на црковната свест во Украина. Исто така, десетте епископи на оваа „автокефална“ црква од г. Вартоломеј сега бараат враќање во соборноста со права на автономија, додавајќи: „иако добивањето на автокефалија беше и останува да биде стратешка цел на украинското автокефално движење, заради надминување на расколот, Украинската автокефална православна црква е подготвена да направи важни отстапувања, жртвувајќи ги нејзините интереси за заедничкото добро на црквата“. Ваквиот пат, веќе седум години го врви и ПОА, која природно ќе отпочне преговори и за автокефалија. Сепак, нека биде јасно дека автокефалијата не подрзабира независност од останатите. Во црквата може да се биде автокефален само во литургиското заедничарење со сите други. Во современата цивилизација постои разбирањето дека сме големи кога другиот не ни треба. Сепак, во црквата е поинаку. Иманентна одлика на љубовта е да се шири, а не да се стеснува. Речникот на портпаролот г. Тимотеј е различен од оној на украинците, но сепак МПЦ нам ни треба, та токму затоа сме отворени, непринудно, да ги видиме во потенцијалната идна заедница во нашата, во соборната црква. Затоа, и покрај сѐ, почнувајќи од архиепископот г. Јован, сите во ПОА чекаме на МПЦ, но не безлично. Тука се пројавува мојот личносен Бог. Одлучно не се откажуваме од нив, исчекувајќи дотраениот ум да го заменат со нов дел, со нов почеток. Црквата ќе биде тука за сите кои ќе посакаат амбалажата да ја заменат со суштината на соборноста. Почитувајќи го изборот на секој човек, сепак должен сум да го соопштам ставот на црквата дека крштевањата и чиновите во расколот, на оние кои свесно ги примаат, ќе им послужат за осуда. Дотогаш јавноста ќе остане без одговор зошто законот за лустрација го исклучува синодот на МПЦ, кога и врапчињата знаат каде се кодошите! Полезно е да се знае и дека пред да влезат во Европската Унија, православните цркви од источна Европа: Романската, Полската и Бугарската доброволно ги лустрираа своите редови. Исто така, при нашиот бавен чекор кон цивилизираниот свет ќе остане без одговор и прашањето: зар властите и МПЦ толку ја потценија меѓународната заедница, сметајќи дека ќе ја нашминкаат демократијата со новиот закон за верски заедници, кој се разлеа при првиот дожд?

Во античкиот свет постоеше извесниот Прокруст, кој во своето „гостољубие“ на патниците, широкоградо за одмор им го нудеше својот кревет. Ако гостинот беше подолг од креветот, Прокруст му ги сечеше нозете. Ако, пак, беше пократок го истегнуваше со сила што убива. Остануваа да му робуваат само малкумина чија должина се совпаѓаше со креветот. Во современиов свет, религиските претензии на транзиционата македонска политика и политичката дресура на синодот на МПЦ, стануваат Прокрустова постела за сѐ поголем број македонски граѓани. Доколку не се покаже достофална доблест за почитување на слободата, токму во покорното граѓанството може да се персонифицира Тесеј, јунакот што го совлада Прокруста.

текстот е објавен во магазинот „Сега“, број 18, 10 Септември 2009 год.