Епископ стобиски Давид: Р. Македонија пред промена на Уставот

Вниманието на домашната јавност деновиве е окупирано од предизвикот  пред кој се исправени епископите на МПЦ, спроти претсојниот ноемвриски собир на кој ќе одлучуваат за менување на името на нивната црква. Во однос на причините за посочената можна промена, средствата за информирање претставија широка лепеза на  мотиви: „усогласување со уставните норми“, „олеснето комуницирање со црквите кои не ја признаваат МПЦ“, „прецизирање на името“, „Охридската архиепископија е исклучиво бренд на МПЦ“ и т.н. По настапите на достоинствениците на МПЦ остана впечатокот за отсуство на воедначен став во нивните редови, во однос на ова суштинско прашање. Оттука произлезе и дополнителната забуна за т.н. пробен балон упатен кон засегнатото граѓанство, како претходница за промена на името на државата.

Фалсификат.

Но, реалноста говори дека името на МПЦ веќе е сменето. Сериозниот проблем се состои токму во тоа што промената е направена со фалсификат од страна на судот, и тоа на штета по угледот на државата во која сите ние живееме. Имено, во судскиот регистар на верски заедници, кој, патем, претставува документ од јавен карактер, МПЦ веќе е заведена под името МПЦ-Охридска архиепископија! А, за да биде регистрирана под тоа име, нужно било МПЦ претходно веќе да го имала сменето името во нејзиниот Устав и тоа со конкретна одлука. Дури потоа, врз основа на таа промена, судијата би можел да ја заведе под новото име, кое би го регистрирале и сите останати надлежни институции и државни органи. Во случајов, во отсуство на таква одлука, кога МПЦ допрва и се токми да го промени името, судот бесправно извршил грубо кршење на законот и го фалсификувал судскиот регистар за верски заедници, запишувајќи го во него официјално неутврденото име, т.е. МПЦ-Охридска архиепископија. Оваа фактичка положба, ПОА веќе ја обжали пред Апелациониот суд, во жалбата заради одбивањето на нејзиното барање за регистрација. Апелациониот суд сеуште се нема изјаснето во однос на жалбата. Сето ова, во актуелниов миг од МПЦ прави верска организација со најголемо замешателство околу нејзиното име. Настрана од трговските марки под кои МПЦ е регистрирана во Заводот за индустриска сопственост, во нивниот актуелен Устав сеуште се именуваат како Македонска православна црква, во судскиот регистар се заведени под различното име: МПЦ-Охридска, а имаат намера со промената на името „да се усогласат со уставните норми“ и да си ги олеснат контактите со православниот свет! Нивната намера не е спорна, спорен е фалсификатот при спроведувањето на намерата. Доколку државата не го штити монополот на МПЦ, би требало да ја  санкционира очебијната анархија, заради зачувување на довербата на граѓаните во институциите на системот. Токму сега е моментот да се исправат посочените законски нерегуларности. Во иднина, пак, ќе биде потребно некој предварително да ги советува судските власти и МПЦ, при договарањето на вакви потфати да не посегнуваат по законите и елементарното достоинство на државата.

Томосот на име Охридска архиепископија веќе постои.

Во 2002 г., после силниот притисок од медиумите, владиците-преговарачи на МПЦ ги повлекоа потписите од извесниот Нишки договор. Во оваа прилика ќе ја  потсетиме јавноста само на Членовите 14 и 15, од споменатиот договор. Според нив, согласно на древното црковно предание и историска пракса, црквата во Р. Македонија се нарекува Охридска архиепископија, и согласно на повеќедецениската пракса, за внатрешна употреба може да го користи и името МПЦ. Истото важи и за титулирањето на поглаварот. Врз основа на тој договор, на 24 Мај 2005 год., на архиепископот Јован му беше издаден Томосот за автономија. Истиот е проследен до сите помесни православни цркви, кои после неговото добивање, на територијата на Р. Македонија, како канонска црква ја препознаваат само Православната охридска архиепископија.

Како по правило, заради дефокусирање на вниманието на јавноста, овојпат од намерата за менување на името, доаѓа политичката пресуда за повторно затворање на архиепископот Јован. После две одлежани затворски казни, организирањето на трет судски процес, за упатените во правните науки, претставува јасен знак за државен прогон врз архиепископот Јован. Особено ако се земе предвид дека, за делото за кое е осуден, на двапати веќе беше ослободуван.

Иако оваа политичка пресуда целосно ќе ја блокира МПЦ во преговорите што имаше намера да ги води за излегување од позицијата на раскол со православието, архиепископот Јован и ПОА ја поздравуваат изразената подготвеност на МПЦ за менување на името, со додавањето: Охридска архиепископија. Таквата постапка бездруго би претставувала имплементирање, засега на еден дел од Нишкиот договор,  кој владиците на МПЦ до неодамна, барем декларативно, целосно го отфрлаа.  На 01.07.2009, ТВ А1 објави: „Автокефалност на МПЦ и неменување на името: Црковната делегација на МПЦ вечерва се враќа од Москва каде што е побарано Нишкиот договор кој предвидуваше промена на името да биде избришан како почетна позиција за преговори“. Со промената на името, за која велат дека не се доведува во контекст на проблемот со името на државата, бидејќи декларативно се одделени од власта, синодалците на МПЦ ќе се најдат чекор поблизу до решавањето на црковниот проблем со кој се соочуваат. Имајќи предвид дека по својата природа црквата е наднационална, на нашата мултиетничка држава потребна ѝ е црква која нема да биде етно клуб за негување на адети, но во која, покрај за мнозинскиот, ќе има место и за сите останати народи, а таква црква е Охридската архиепископија.

Уставот пред козметички третман.

Доколку на 12 Ноември оваа година, МПЦ го промени своето име, Р. Македонија ќе треба веднаш да го менува својот Устав, бидејќи во Уставот на државата, МПЦ е спомната во Членот 19 и Амандманот 7, исклучиво под името: Македонска православна црква. Дали, пак, ова претставува подготовка за уставни промени и на други имиња, ќе покаже блиската иднина! Останува да се изрази надеж дека можната промена на името на МПЦ, а потоа и промената на Уставот на државата, нема да бидат само во функција на легализирање на судскиот фалсификат во регистарот на верските заедници. Конечно, на МПЦ ѝ е потребно не козметичко, но суштинско решение за излез од гетото, излез кој очигледно води преку Охридската архиепископија.

текстот е објавен во магазинот „Сега“, број 24, 22 Октомври 2009 год.