Индикт

Духот Господен е на Мене; затоа Ме помаза да им благовестам на сиромасите, Ме испрати да ги исцелам скрушените во срцето, да им проповедам на заробените дека ќе бидат пуштени, и на слепите прогледување; да ги ослободам измачените и да го проповедам благопријатното лето Господово. И, затворајќи ја книгата, му ја врати на служителот, па седна; и очите на сите во синагогата беа вперени во Него; И почна да им говори: денес се исполни ова Писмо, коешто го слушавте (Лука 4. 18, 21). Индикт е латински збор (indiction), првобитно со значење указ за определба, проценка на имотот во Римската империја, после којашто Римските императори ја одредувале висината на данокот што требале да го плаќаат римските граѓани за одржување на војската. Оваа определба имала важност петнаесет години, бидејќи на петнаесет години, старите војници се заменувале со нови. Со тек на времето зборот индикт престанал да ја означува само определбата, а почнал да го означува и периодот од петнаесет години. Така и започнале да го мерат времето со индикти: прв индикт, втор индикт, на пр. втора година од седмиот индикт…, а светиот цар Константин е првиот, којшто за официјално мерење на времето го определил индиктот што почнувал на 01-ви Септември 313 г., кога завршувала бербата на плодовите, и бил наречен Константинов Индикт. Црквата го прифати овој систем на мерење на годините со индикти. Така, црковната година почнува на 01-ви Септември, со Патријаршиска Света Литургија и особени молитви за Господ да ја благослови новата година, а така почнува и денес. Со тек на времето се издвоиле два типа на индикти: стариот ромејски, којшто се пазел во Византија, и папскиот, што почнувал на 01-ви Јануари и се задржал на Западот. Значи, ова е причината зошто во православниот календар и до ден денес 01-ви Септември стои запишан како ден на почеток на Црковната година, додека за политичката година прифатен е 01-ви Јануари.