Зависно новинарство

На 08-ми Јануари 2012 год., по повод прославата на светиот цар и пророк Давид, беше отслужена света Архиерејска Литургија на којашто началствуваше Викарот на Српскиот Патријарх, Преосвештениот Епископ липљански г. Јован (погледни тука).

Коментирајќи го тој настан, на 10-ти Јануари 2012 год., во дневниот весник “Вечер”, бр. 14886, објавен е текст, потпишан од Марјан Николовски, во којшто новинарот, дословно, вели: “Претставник на друга православна црква во Македонија може да влезе и да служи литургија само до дозвола на регистрирана верска заедница во Македонија. Во случајот таква дозвола може да даде само МПЦ. Вчера никој во Македонската архиепископија немаше одговор како најблискиот соработник на српскиот патријарх, влегол и служел тајно литургија во Македонија. Неофицијалните информации на ВЕЧЕР велат дека државата не издала никаква дозвола за негов влез.”

Но, во неговиот текст, новинарот не посочува според кој закон, дозвола за влез во Р. Македонија, на граѓанин од друга земја, “може да му издава само МПЦ”! Потоа, иако според него “дозвола може да издава само МПЦ”, контрадикторно додава дека “дозвола не издала ниту државата”! Дали тоа значи дека во Р. Македонија само декларативно МПЦ е одделена од државата, а дејствително функционира како дел од Министерството за внатрешни работи и се занимава со издавање на дозволи за влез на странци!!! Дали таков закон, воопшто постои, или станува збор за манипулирање со јавноста!

Истовремено, свештените лица од другите земји не се државни претставници и на својата облека не ги носат државните обележја на земјата од којашто доаѓаат, како на пр. воените или полициските лица, та следствено, дури  и на пропатување низ Р. Македонија, зар треба доколку сакаат да се помолат, за тоа да бараат дозвола од МПЦ!!!

Хронографот го запишува ниското ниво на култура и целосната неупатеност на голем дел од македонските новинари во однос на црковните прашања, како и вџашувачкото отсуство, во 21-от век, на почитување на основните верски слободи од страна на македонските власти.