Интервју со Епископот стобиски Давид за неделникот „Фокус“

Најтиражниот домашен седмичник, магазинот „Фокус“ (бр. 901, од 05. 10. 2012 г.), го објави разговорот со Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, под редакцискиот наслов: „Дали парите што верниците ги оставаат во МПЦ, значи дека и таа се финансира на црно!?“

Разговорот го водеше Јадранка Костова, по повод најновиот монтиран судски процес против Архиепископот на Православната Охридска Архиепископија, нејзините Епископи, монаштво, верници.

Како што е забележано во воведникот на „Фокус“, односот на македонските власти кон Архиепископот охридски г.г. Јован, ја постави Р. Македонија помеѓу државите во кои се нарушуваат верските слободи, додавајќи дека споменатиот нов судски процес дополнително ќе ја влоши сликата на тоа поле.

Епископот Давид во новиот судски процес гледа нова можност, шанса за нештата да се покажат во нова светлина, добра прилика за поправање на грдата слика на прогонот врз верска основа.

ФОКУС За десетина дена треба да почне судскиот процес, против повеќемина од вашата црква, која власта не ја признава. За што конкретно ве обвинуваат?

НИНОВ Конкретното обвинение гласи – перење пари. И блиската историја сведочи дека луѓето во црните, кожни мантили ѝ покажувале мускули на Црквата. Веројатно, при процесот на демократското созревање, одредени сегменти од нашето општество сѐ уште не можат лесно да се ослободат од таа идеолошка матрица. Следствено, кога не можат да го обвинат Архиепископот Јован за нешто друго, најлесно е да се монтира еден процес, во кој ќе биде обвинет за финансиски малверзации. Зошто го велам ова? Архиепископот Јован беше 4 години епископ во МПЦ. За тие 4 години, синодот на МПЦ спроведуваше годишни финансиски инспекции во секоја епархија. Значи, во тој период не најдоа апсолутно никакви неправилности во неговото финансиско работење. Напротив, им купи автомобили, ја обнови црквата „Св. Димитриј“ во Битола, ја купи зградата „Малина“ во Велес за епархијата, ги остави епархиите во кои работеше во подобра состојба отколку што ги затекна и сето тоа денес е неотуѓива сопственост на МПЦ!

ФОКУС Но, по расколот, наеднаш се пронајдоа финансиски малверзации кај него?

НИНОВ Во продолжение изразувам жалење, зашто сметам дека во едно демократско општество посочениве проблеми би требало да се решаваат со дијалог, а не со демонстрирање ваков тип на моќ – да се затвораат луѓе, последователно многупати. Штета што сите судски  процеси против Архиепископот Јован, се водат на барање на МПЦ. Сведочам дека на последното судење во Велес, претставникот на МПЦ, Димитар Белчовски на прашање на судијата одговори дека остануваат на барањето за кривично и материјално гонење на Архиепископот Јован. Доколку одговореше негативно, судскиот процес немаше да се случи.

Која е световна, а која е духовна власт?

ФОКУС Тој процес траеше предолго, де беше ослободуван, де осудуван. Каков е вашиот впечаток од судството за овој предмет?

НИНОВ Ќе се осврнам на релевантните извештаи на меѓународната заедница, која го оценува нашето судство. Не чувствувам никаква злорадост заради констатацијата на американскиот Стејт департмент, дека најкорумпираниот дел од нашето општество е судството. Цитирам: „судството е подложно на големи политички влијанија“. Лесно е да се забележи дека реформата на судството е услов за влез и во Европската Унија.

ФОКУС Сакате да кажете дека овде има притисоци и од световната и од духовната власт?

НИНОВ Мене понекогаш ми е тешко тоа да го разграничам, која е световна, а која е духовна власт. Мислам дека многупати се нарушува принципот на, за мене најприфатливото општествено уредување – секуларизмот. За овој став секогаш сум подготвен да дебатирам.

ФОКУС Но и оние кои световната власт ги смета за непријатели, расколници, на пример Љубе Бошкоски, лидер на опозициска партија, завршуваат во затвор за финансиски злоупотреби. Зарем не мислите дека тоа е пресликано и во оваа духовна сфера?

НИНОВ Ние неколкупати нагласуваме дека донесувањето на новиот закон за регистрирање на верските заедници е само шминка, бидејќи не се имплементира. И тука се покажува дека државата го штити монополот на една државно спонзорирана црква, за што лично немам ништо против, доколку не се случува на сметка на сите други.

ФОКУС Ни новиот закон не помогна?

НИНОВ Верувам дека и меѓу судиите има луѓе кои чесно си ја вршат работата. Но, севкупниот амбиент е нарушен од ваквите состојби и тогаш се добива навистина една грда слика. Зошто го зборувам ова за судството? Затоа што сега судот е задолжен да ја регистрира нашата црква. Тоа повеќе не е Комисијата за верските заедници. Од нашите контакти со европските институции поимаме дека кога ЕУ вели дека на прво место треба да се реформира судството, тука апсолутно се подразбира дека судството треба да го смени односот и кон регистрирањето на верските заедници. Но, тоа не се случува.

ФОКУС Иако делото за кое ве товарат звучи страшно, станува збор за организиран криминал, сепак не сте во притвор!

НИНОВ Првично постоеше токму таква одлука, сите 19 обвинети, да бидат ставени во притвор, но во последен момент, одлуката беше променета со мерката одземање на  пасошите и забрана за напуштање на државата. Кога се случи упадот на полицијата бев во странство и штом слушнав дека против мене е покренато обвинение, истиот ден се вратив во земјата. Пропагандата против нас се состои во тоа дека ние сме непријатели на земјата. Себе си се сметам за човек што ја љуби својата татковина. Немам резервна татковина, немам резервен пасош. Инаку, во притвор беше ставен само Архиепископот Јован, кој е првообвинет.

Не се финансираме на црно.

ФОКУС Кое место го имате како обвинет?

НИНОВ По Архиепископот Јован, обвинети се двајца Епископи, двајца свештеномонаси, една игуманија, една настојателка, две монахињи и 10-тина верници од нашата Црква, за кои судот се изненади кога виде дека дел од нив се стоматолози, архитекти, филолози, електроинжинери. Станува збор за образовани, дел од нив семејни луѓе, кои едноставно не сакаат да учествуваат во номиналната интерпретација на Христијанството, која се граничи со религискиот провинцијализам што се случува во некои сегменти во нашето општество. Значи, не може да се изземе фактот дека сите овие луѓе по слободен избор припаѓаат на ПОА.

ФОКУС Вие не сте признаени, не сте регистрирани, но сега веќе ве третираат како организирана криминална група?

НИНОВ Целта, претпоставуваме, е да се спречи дејствувањето на нашата Црква.

ФОКУС Очигледно деке не беше доволно ова против Вранишковски. Колку одлежа тој до сега?

НИНОВ Тој е веќе 6-ти пат во затвор. Во овие последни 10 години, од 2002 година до сега, тој е во прогон или во затвор. Затворен е од Декември, минатата година, а речиси пет месеци херметички е затворен во Шуто Оризари. Никој нема право да го посетува!

ФОКУС Што сторивте за да се срочи обвинение за финансиски тероризам и перење пари?

НИНОВ Обвинителството очигледно сака да ги претстави нештата вака како што ги претставува, но при тоа заборава на фактот дека ние сакаме да бидеме регистрирани, меѓу сѐ останато, за да имаме и сметка во банка, која државата многу лесно ќе може да ја контролира. Значи, државата ќе може да нѐ контролира, само доколку ни дозволи да се регистрираме. Тогаш нека си ги наплаќа сите даноци од таа сметка, слободно нека гледа колку средства доаѓаат кај нас и каде одат.

ФОКУС Тоа значи, бидејќи не сте регистрирани, вие како група, се финансирате на црно?

НИНОВ Не се финансираме на црно. Би поставил едно контра прашање. Дали средствата што верниците ги оставаат во МПЦ, значи дека МПЦ се финансира на црно? Дали тоа што во МПЦ ако за една свеќа, за извршена крштевка или венчавка не ви издадат фискална сметка, а нема да ви издадат, дали тоа значи дека тие работат нерегуларно? Дали тоа што ние не сме регистрирани во оваа држава, значи дека не постоиме како Црква? Оспорувањето на нашето постоење би било кршење на членовите 19 и 20 од Уставот на РМ, кои на секој граѓанин му го гарантираат правото на слобода на вероисповед и правото на слобода на здружување.

ФОКУС Но, за судот изгледа вие не влегувате во оваа рамка?

НИНОВ Ние два пати бараме од државата да бидеме регистрирани, но државата го одбива тоа барање. Сега за тоа се води судски процес во Стразбур. Во првите векови, во времето на Христа, Црквата исто така не беше регистрирана од Римската империја, и исто така беше и гонета. Дали тоа значи дека таа тогаш не постоеше? Затоа прашувам, до кога судот ќе ги затвора очите пред нашето постоење? Ние постоиме, сите сме државјани по раѓање на РМ, та следствено за судот е многу полесно и многу понормално само да го констатира тоа.

Ќе направиме манастир во Идризово!

ФОКУС На крај, како што се движат работите, најверојатно ќе ве „регистрираат“ во затворот Идризово!

НИНОВ Да, можно е да направиме манастир во Идризово, доколку се собереме таму. Сметам дека е многу индикативно што од една страна велат дека сме биле мала и незначителна група, а од друга страна нѐ третираат како да сме опасна закана за државата. Да бидеме двете нешта истовремено е невозможно, затоа власта и режимските новинари нека решат дали сме мали и незначителни,  или сме закана. Кога би нѐ регистрирале, нашата првична цел би била да се занимаваме со тоа што е работа на црквата. Како регистрирана Црква сигурно ќе можеме да ѝ помогнеме на државата, со познанствата што ги имаме во целиот православен свет, како канонски признаена Црква.

ФОКУС Слободата на вероисповед ви дава за право да се чувствувате или да верувате во тоа што вие веруватеНо, поентата на овој разговор е перењето пари, за кое ве товарат. За колкав износ станува збор?

НИНОВ Станува збор за уплатени 80 илјади евра од страна на 16 лица на сметката на законски регистрираното здружение за унапредување на верските слободи „Анастасија“, кое има потпишано преддоговор со конкретна фирма за купување деловен простор во градот. Според дефиницијата, финансискиот тероризам и перењето пари подразбира нешто сосема друго – дека не се знае од каде доаѓаат тие средства, обично се поврзани со дрога, со оружје, и не се знае за каде се наменети. Овде се знае кои лица даруваат сопствени, лични средства за помош на Црквата на која ѝ припаѓаат.

ФОКУС Немате примено финансии од странство? Има ли државата таков документ?

НИНОВ Не, нема таков документ. Ова се лични средства на државјани на РМ, кои се уплатени на сметка на здружение. Така се финансираат сите други здруженија во земјава.

ФОКУС Претпоставувам дека контактирате со странските меѓународни организации, со странските амбасади, бидејќи ова ќе биде несекојдневно голем судски процес?

НИНОВ Редовно контактираме и ги информираме сите релевантни меѓународни чинители. Знаете дека во нивните извештаи, секогаш во однос на почитувањето на верските слободи, се споменува проблемот со нерегистрирањето на нашата Црква и затворите. Експертите за човекови права и верски слободи велат дека штом некој може повеќе од два пати да биде последователно затворен, тука веќе може да се зборува за нарушување на верските слободи. На Архиепископот Јован, штом ќе му заврши еден судски процес, му почнува нов. Штом ќе заврши вториот, почнува трет. Едноставно, многу јасно се гледа дека постои намера! Сметам дека Архиепископот Јован еден ден ќе биде македонскиот црковен Ченто, затоа што за Ченто 50 години  учевме дека бил најголем предавник на нашата татковина и потоа во еден момент да испадне дека е таткото на државата. Архиепископот Јован е Македонец кој ја сака својата татковина и се бори за меѓународно признавање на македонската црква. Инаку, зошто би се враќал за да биде затворен?

ФОКУС До каде сте со апликацијата пред Судот за човекови права во Стразбур? Дали се жалите заради тоа што одбиваат да ве регистрираат?

НИНОВ Предметот е заведен во Стразбур. Мислам дека ќе имаше одлука до сега, но, кога беше донесен новиот закон за регистрирање верски заедници и врз основа на тој закон поднесовме барање, кое повторно беше одбиено. И за да не отвараме нов случај во Стразбур, побаравме и оваа последна судска одлука да се приклучи на веќе постоечкото досие, што Стразбур го прифати.

ФОКУС Како постапи полицијата кога беа апсени вашите пријатели, бидејќи рековте дека во тој период не сте биле во земјава? Што се случувало?

НИНОВ Со жалење ќе констатирам дека полицијата се однесе непрофесионално и грубо. Полицијата влезе во нашите простории во Скопје, Прилеп, Штип, и во Битола. Акцијата беше организирана во сите градови во исто време. За време на упадот, полицајците со најгруби зборови се однесувале кон монахињите, а игуманијата на еден манастир во обид да телефонира на адвокат, добила бокс во лице од овластено службено лице и веднаш и бил одземен телефонот. Не ги мразиме тие луѓе, нивниот однос зборува за нив самите и тоа е нивни проблем, за кој еден ден ќе треба да дадат одговор, не пред човечки суд.

Ни Турците не запленуваа матични книги!

ФОКУС Што запленија како доказен материјал?

НИНОВ Запленија буквално сѐ. Ги запленија неколкуте компјутери на кои работат монахињите, односно компјутерската архива на фотографии од иконите. Го зедоа и тоа што ниту во комунизмот не се случило, ниту во Отоманската империја – ги зедоа матичните книги во кои се заведени сите крстени и венчани во Црквата. Сега, зарем треба да очекуваме дека и кај тие луѓе дома ќе тропне полицијата. Ја зедоа Деловодната книга во која се наоѓа севкупната црковна кореспонденција на нашата Архиепископија со останатите православни цркви, книга која нема никаков финансиски карактер. Каква врска има тоа со перење пари нека проценат самите читатели! Ги зедоа сите пари што ги имале монахињите, без да остават, спротивно на законот, ниту еден денар за следниот ден да можат тие луѓе да купат храна. Се однесувале со груби зборови, со примена на физичка сила, со едно психолошко малтретирање врз монахињите.

ФОКУС Што очекувате од судскиот процес, кога искуството со нашите судови не ви е најповолно?

НИНОВ Ќе ви дадам еден искрен одговор, мојата вера е вера во воскресението. Изразувајќи се со еден поетски, метафоричен јазик денот е воскресение од ноќта. Животниот стил на православниот човек е дека секогаш постои нова шанса. Сакам да верувам дека овој судски процес ќе биде нова шанса која и судот, и ние, и МПЦ, и државата, сите ќе ја искористиме за да се покажеме во едно многу подобро светло. Односно сакам да верувам дека судот ќе покаже доблест да не гони недолжни луѓе под плаштот на финансиски криминал. Сакам да верувам дека државата ќе има капацитет да покаже човештина, да не демонстрира мускули на луѓе кои немаат ништо против државата.

ФОКУС Зарем верувате дека по целата фешта со обвинување за перење пари наеднаш ќе се смени политиката!?

НИНОВ Природно можам да се чувствувам како човечко битие ако велам дека ќе продолжам напред, дека нема да се предадам. Ако смета судот дека со тоа што ќе затворат православни монаси и верници,  со тоа што Македонците меѓу себе „ќе си ги копаме очите“, ако затвори значи луѓе кои навистина во однос на ова обвинение се недолжни,  и дека со тоа ќе ги реши сите проблеми во нашава држава, тогаш нека го направи тоа.

ФОКУС Мислам дека со ваквиот однос што го манифестира власта во содејство со синодот на МПЦ, на некој начин со сила од вас прават маченици.

НИНОВ Ние, ниту го бараме мачеништвото, ниту кој било од нас го посакува. Но, доколку околностите отидат во таа насока, тогаш секој од нас ќе го прегрне тоа мачеништво, затоа што човека го прави човек, а не глушец, тоа што е подготвен за некои свои уверувања да оди до крај. Многу ми се допаѓа тој момент што го споменува Достоевски, велејќи дека човекот е слободно битие, и дека на човекот никој не може да му ја загрози слободата. И доколку некој на сила го принудува на нешто, дури и тогаш човекот ја има слободата во џебот на принудувачот да му покаже „шипак“. На крајот на краиштата, токму таа слобода никој не може да ни ја одземе.