Епископ стобиски Давид: Хиротонија на ѓаконот Марко

Возљубен ипоѓаконе Марко, отци, монахињи, најскапоцени во Господа,

денешниот ден воистина е голем ден, ден Недела, ден Господов, а како што мудро вели нашата народна песна – нам секоја недела ни е Велигден. Уште е и голем ден заради претстоечката хиротонија во ѓаконски чин на нашиот ипоѓакон Марко.

Како што слушнавме, темата на денешното евангелско зачало е повикот на Петар, Јаков и Јован да постанат ловци на луѓе. Христос со еден прекрасен и длабок поетски исказ ги повикува овие Апостоли, никако насилно, туку само со моќта на зборот, на слободата и љубовта, да ги приведат луѓето во царството на несоздадените енергии Божји, во соборната Црква, вон којашто нема спасение, согласно на боговдахновените зборови на светиот Кипријан Картагински: extra Ecclesiam nulla salus.

Те повикува и тебе ипоѓаконе Марко, од денес уште поусрдно да се погрижиш околу споменатиот улов! А, тоа значи сето битие да му го посветиш, да му го принесеш на Бога, без престан да имаш смирена мисла, бивајќи заквасен од светлината, да му послужиш на Бога, и со светлина да им служиш на благочестивите Христијани, та тие и во тебе да го гледаат живиот Христос, преобразениот на Тавор, распнатиот и воскреснатиот од мртвите! Не се поведувај по славољубието, и во ова општество на конфронтации, твојот избор секогаш нека биде Христос. Пребивај во вонмем во односот со твојот Епископ, оти ти се негов клир, негово дете, поимајќи дека Црквата не е некаква си стерилна организација, туку пред сѐ – едно семејство. Во домот, добрите сопружници, проникнувајќи се, постојано се грижат еден за друг и тоа ги радува, та и во големото семејство какво што е Црквата, добриот свештенослужител секогаш, во една присна семејна атмосфера, црквоградителски се однесува пред иницијативата на својот родител, Епископот. Доколку свештенослужителот го нема тој однос, тоа зборува за неговото непознавање на православната еклисиологија, неговиот недостаток на црковна, семејна свест, а не зборува за оној, значи за Епископот за когошто преданието впечатливо ќе забележи дека не е клир, туку клирот е негов.

Се радувам оти твојата хиротонија се случува на ова свето и достојно за пофалба место, кадешто и камењата имаат пострадано од расколниците, а колку ли повеќе луѓето, коишто го осветуваат местово! Пристапуваш кон светиот олтар, се жртвуваш себе си во тешки околности на прогон на нашата Црква. Многунапатениот Јов, когошто сите го напуштија, не го напуштија само болестите и страдањата, без престан велеше: нека е благословено името Господово од сега и до века. Светиот Златоуст велеше: δόξα τῷ Θεῷ πάντων ἕνεκεν – слава Богу за сѐ. Заедно со плејадата славни мажи на Црквата, и Блаженејшиот Архиепископ охридски Јован, затворен – од ненавидливите заради единството на Црквата – во затворските ѕидови, но слободен во духот, без ронка омраза за оние што го затвораат, но со молитва во срцето за нив, и денес, во овој миг, заедно со нас, или подобро речено, ние заедно со него, го слави и воспева Троичниот Бог. Ете, оваа освештена атмосфера и овој духовен кислород од твојот Архиепископ, маченик Христов, нека ти бидат просторот во којшто ќе се движиш и дишеш, и од когошто ќе се поучуваш.

Во овие околности на прогон, да ги имаме умот и срцето секогаш извишени кон горе, мислата и зборот да ни бидат полни со радоста што ни доаѓа од Иднината; токму тоа значи – да даваме живо сведоштво, не за индивидуалистичката антропологија на изгубените луѓе, туку за црковната антропологија на Телото Христово, на сите коишто сме собрани и се причестуваме на ова божествено тајноводство, на твоето семејство, твоите блиски, значи на едната, света, соборна и апостолска Црква!

Нека ти го благослови Господ служењето што сега го примаш, и сите нас нека не покаже деца и служители Негови, на Отца, Сина и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите.