Свети Симеон Нов Богослов: Слово 86

св. Симеон Нов Богослова. многу полезен расказ за еден послушник, којшто примил Дух Свети по молитвите на неговиот духовен отец.

б. за енергиите на Светиот Дух и кое е созерцанието на Неговите тајни.

01. Еден младич ми раскажа: „Како послушник на еден чесен отец, подобен  во доблеста на великите светители, честопати имав прилики, од него со восхит да слушам за заблескувањата, κοишто од небесата им се случуваат на подвижниците, и за изобилната светлина преку која Бог беседи со луѓето. И почувствував, вели: „толкава желба и љубов да го вкусам тоа добро, та при размислувањето за него заборавав на сѐ земно и небесно, и не само тоа, туку и на секоја храна и питие, и на телесниот одмор. Бидејќи тој старец беше велик меѓу светиите и украсен со дарот на прозорливоста, и бидејќи виде како без двоумење го правам она што тој ми го заповеда, и дека ниту јадам, ниту пијам, туку сум постојано замислен како некоја мака да ме јаде, почувствува неизмерно сострадание и под закана за епитимија ми заповеда, па на сила почнав да јадам, иако не сакав. Бидејќи се плашев, вели: „од осудата за непослушание. А, колку повеќе храна јадев, толку повеќе во мене се распламтуваше копнеж и ми беше неподнослива таа принуда, па леев реки од солзи и често во таква состојба станував од трпезата. Бидејќи мислев, неразумен, дека старецот ми го попречува копнежот, не знаејќи каква внатрешна болка ме разјадува, а не бев свесен, јас несреќникот, дека тој ги знаеше и тајните помисли на моето срце.

Значи, се случи еден ден да дојдеме во градот во којшто тој имаше куќа, за да ги посетиме неговите духовни деца. И, бидејќи сиот ден го поминавме со нив (оти на мнозина им беше од полза дури само тој и да се појави), вечерта се вративме во келијата и, бидејќи од големиот напор и умор бевме огладнеле и ожеднеле (зашто старецот имаше обичај никаде да не јаде, ниту да преспива, иако беше летно време, а самиот ја имаше поминато шеесеттата година), седнавме да земеме леб, но јас не јадев, бидејќи телесно бев скршен од умор, па ми се чинеше дека доколку земам храна и питие, нема воопшто да можам да станам за молитва, за да го побарам она за коешто копнеам. И, така размислувајќи, вели: „седев како да бев излегол од себе си.“

А, светителот, погледнувајќи ме, и сеќавајќи се на напорот низ којшто со него поминав и сфаќајќи ја причината поради којашто поднесував глад и жед, бидејќи беше, како што реков, украсен со дарот на прозорливоста, почувствува кон мене големо сострадание и со укор ми рече: „Јади чедо и пиј, и отсега не тагувај. Бидејќи доколку Бог не сакаше да те помилува, немаше да благоизволи да дојдеш при мене.“ – И, така, вели: „јадевме и пиевме повеќе отколку што ни беше потребно. И тој јадеше со мене, снисходејќи ѝ на мојата слабост. Откако, потоа, стана од трпезата, ми рече: „Знај чедо дека Бог не се радува и не се објавува, ниту заради постот, ниту заради бдението, ниту заради друг телесен труд, ниту заради било какво друго добро дело, туку се објавува само во смирените, нељубопитни и благи, душа и срце.“ И, откако го чув тоа и се восхитив на словото и поуката на светителот, уште повеќе се разгорев од копнеж, и бидејќи низ умот во магновение ми пролетаа сите мои гревови, ме облеаја солзи, па паднав пред нозете на светителот и ги прегрнав. „Моли се за мене“ – реков: „светителу Божји, за преку тебе да ја најдам милоста, бидејќи од сѐ што спомна, мене ниту едно добро не ми е својствено, освен мноштвото гревови, коишто и самиот ги знаеш.“ Сожалувајќи се тогаш уште повеќе над мене и пуштајќи солза, светителот ми заповеда да станам од земјата и ми рече: „Имам дерзновение пред Бога Којшто изобилно ми ја дарува Својата благодат, дека и тебе двојно ќе ти ја даде, единствено поради верата којашто ја имаш во Него, и во мене ништожниот.“ Примајќи ги тие зборови како од самиот Бог и сеќавајќи се на двојната благодат којашто ја прими Елисеј од пророкот Илија, и иако сум недостоен, поверував во тоа дека Бог е човекољубив и дека брзо ја исполнува вољата на оние коишто му се плашат, веднаш направив метанија и побарав благослов, па отидов во својата келија, добивајќи од него заповед да го изговорам само Трисвето и да одам да спијам.

02. Кога влегов таму кадешто имав обичај да се молам и кога започнав да говорам Свети Боже, се сетив на зборовите на светителот, па веднаш ми дојдоа солзи и ме обзема толкав божествен копнеж, та со зборови не можев да ја изразам радоста и насладата, коишто тогаш ги почувствував. Веднаш паднав ничкум на земјата и погледнав, кога глеј, умно ме озари изобилна светлина, земајќи ги при себе сиот мој ум и душа, така што од ненадејното чудо се восхитив и се најдов како во иступление. И не само тоа, туку го заборавив и местото на коешто се наоѓам, и кој сум и каде сум, па само воскликнував: Господи помилуј, како што разбрав, откако дојдов на себе. А, кој беше тој што говореше, оче, и го придвижуваше мојот јазик, не знам. вели: „Бог знае. И, дали во телото или вон телото се соединив со таа светлина, не знам, тоа го знае само светлината којашто ја изгони сета темнина што се наоѓаше во мојата душа и секое земно умување, изгонувајќи ја од мене сета дебелина на вештеството и тежината на телото, вдахнувајќи слабост и малаксаност во моите делови. Бидејќи, о страшно чудо, таа толку го засили чувството на слабост во моите членови и жили, коешто го добив од силниот напор, та помислив и ми се причини како да ја соблеков облеката на гнилежноста. И не само тоа, туку веднаш во душата неискажливо ми влеа голема радост, умствено чувствување и сладост, којашто го надминува секој вкус на видливото, а со тоа и слобода и заборав на сите житејски помисли, и чудесно ми го дарува и ми го обзнани самиот начин на заминување од овој живот; бидејќи овие мои чувства, и умствени и душевни, се беа прилепиле до самата неискажлива радост, којашто доаѓаше од таа светлина.

Но, бидејќи, вели: „таа изобилна светлина (оти не знам со кое друго погодно и соодветно име да ја наречам), којашто ми се објави, некако тивко се повлече и како да се собра во себе, та дојдов на себе си и, кога спознав што одеднаш направи нејзината сила во мене, сфаќајќи дека таа се раздели од мене, и повторно ме остави сам во животот, ме обзема тага и таква тешка мака, што не можам достојно да ја изразам големината на силната болка, којашто како оган се распали во моето срце. Па, претстави си ти, оче, – велеше: „ако можеш, каква болка почувствував бидејќи од тоа се разделив, замисли ја безмерната љубов и огромниот копнеж и колку возвишено беше тоа добро. А, јас ниту со устата можам да ја искажам, ниту да ја разберам бескрајноста на тоа видение.“

„Но, раскажи ми најчесен оче и брате“ – реков јас: „поодредено и појасно за дејствијата на тоа што го виде.“ А, тој, благиот, исполнет со Духот божествен и удостоен со созерцанија, со најкроток и медоточен глас, брзо ми одговори: „Тоа носи радост, оче, кога се појавува, а ранува и многу ожалостува кога се сокрива, и ме воздига на небесата. Бисер е, и ме облева светлина и како ѕвезда ми се пројавува, и е несместлив во целото создание. Блеска како сонце и јас гледам дека тоа во себе го држи созданието, ми покажува сè што е во созданието, заповедајќи ми да не излегувам надвор од мерките на човечката природа. Ме ограничуваат покривот и ѕидовите, а светлината ми ги отвора небесата. Сетилните очи свои ги подигам за да го погледнам она што е на небесата, а гледам сè како што било претходно. Се восхитувам на тоа и од висината слушам глас којшто таинствено ми говори: „Ова што го гледаш сега се загатки и навестувања на идните блага, бидејќи додека си облечен во плотта, совршенство нема да видиш. Туку, сврти се кон себе самиот и имај за цел да не направиш ништо од она што те лишува од добрите нешта, коишто си се удостоил да ги вкусиш. А, дури и да погрешиш, што ќе ти послужи како потсетување на тоа дека треба да се смируваш, сепак немој да отстапуваш од грижата за преумувањето. Бидејќи преумувањето, соединето со Моето човекољубие, ги брише и претходните, и сегашните согрешенија.“

Кога го слушнав тоа од него, отци и браќа, малку беше потребно да се најдам во иступление, та сиот ме обзема трепет кога помислив до која висина на созерцанието и знаењето тој се издигнал само преку верата и љубовта кон својот духовен отец и какви добра се удостоил предварително да види и вкуси, како веќе да ја отфрлил човечката слабост и станал ангел помеѓу луѓето.

Затоа ве молам, во Христа браќа, да ја отфрлиме далеку од себе секоја поврзаност и секоја грижа на сегашниот живот, да ги замразиме плотските наслади, телесните задоволства, удобноста и неработливоста, со коишто телото покренува востание против душата. И да имаме чиста вера во Бога и во своите, по Бога, отци и учители, па да стекнеме смирено расудување и скрушено срце, очистено со солзите на покајанието од секаква нечистотија и петно од гревот, та и ние еднаш, што поскоро, да се удостоиме да ја достигнеме таа мерка и уште тука да ги видиме и вкусиме неискажливите добра на божествената светлина, ако не совршено, тогаш барем делумно, и да ги примиме, соодветно на својата очистеност. Бидејќи така самите себе ќе се соединиме со Бога, и Бог ќе се соедини со нас, и на оние коишто ни се приближуваат, ќе им бидеме светлина и сол, на нивна голема полза, во Христа Исуса, Господа наш, на когошто му приличи слава во вековите. Амин.

Превод од грчки јазик:

Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид

Од изворникот:

ΤΟΥ ΘΕΙΟΥ ΚΑΙ ΘΕΟΦΟΡΟΥ ΠΑΤΡΟΣ ΗΜΟΝ ΣΥΜΕΩΝ ΤΟΥ ΝΕΟΥ ΘΕΟΛΟΓΟΥ

ΤΑ ΕΥΡΙΣΚΟΜΕΝΑ

ΕΚΔΟΤΙΚΟΣ ΟΙΚΟΣ ΒΑΣ. ΡΗΓΟΠΟΥΛΟΥ

ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ 1977

текстот е објавен во периодиката “Соборност”, бр. 34 – 36, 2012