Епископ стобиски Давид: Свети Николај Мирликијски

Ваше Преосвештенство, чесни оци, преподобно монаштво и најскапоцени во Господа, да зборуваме за светителот што денес го празнуваме, за светиот Николај Мирликијскиот Чудотворец, би ни било потребно неизмерливо време; но, ајде да се осврнеме на некои битни, индикативни настани од неговиот живот, коишто сведочат за доблеста на посветеноста, доблест која низ различни епохи бива посочувана како еден од критериумите според коишто може да се цени квалитетот на животот, на пр. дали станува збор за човечки или глувчешки живот!

Познато е дека за време на прогонот на Христијаните од страна на Диоклецијан и Максимијан, и светиот Николај беше фрлен во затвор, мажествено страдаше и ја исповедаше верата во Воскреснатиот Христос. Познато е дека и од голема ревност за чистотата на нашата вера, на Првиот Вселенски Собор, светиот Николај со раката го удри еретикот Ариј по лице, после што му беше одземен епископскиот чин; но, Христос Господ и Пресвета Богородица им се јавија на соборските Архиереи и го објавија враќањето на омофорот на овој заштитник на вистината.

Затоа, за овој светител, црковното творештво ќе испее прекрасни стихови, нарекувајќи го: извор на чудеса, на скрбештите божествена радост, подобен на Христовите Апостоли, и многу, многу други прекрасни определби. Химнологијата на секој празник, секогаш е најубавиот јазик со којшто Црквата и го изразува своето поимање на личностите и на настаните од нашата вера. И, треба да се знае дека пофалните песни не се само фиктивен стиховен исказ туку и дејствителни случувања, „вистината на нештата“, во случајов за епископската служба на светиот Николај, настани, значи, и од неговиот живот и после неговото заминување да ја служи Литургијата на небесата.

Следствено, и животот на светиот Николај, конечно и животот на нашата Црква, на исповедникот, охридскиот Архиепископ Јован и на сите вас, сведочи дека нашата сигурност во Црквата, ние, воопшто не ја темелиме на чувството дека нам сѐ ќе ни врви добро во нашето постоење. Обично, се среќава тоа верување помеѓу луѓето, па и кај некои свештенослужители, теолози, коешто може и да е погрешно, верување дека доколку човек живее блиску до Бога – сѐ ќе му оди добро. Но, луѓето коишто размислуваат така не изложуваат до крај – што точно значи тоа: сѐ ќе оди добро! „Добро“ не значи дека сѐ ќе биде лесно и „розево“, туку може да го означува и спротивното, дека доколку човекот е блиску до Бога ќе има и перипетии, и жалости, и прогони, и болести, и сиромаштија и други непријатни околности, но токму преку сето спомнато ќе научи да созрева, да се смирува, душата да му станува мудра, интелегентна, просветлена, значи, токму преку истите тие проблеми со коишто се соочува. Затоа, кој ќе се осмели да рече дека човекот што му е близок на Бога нема да минува низ такви состојби! Па, видете го животот на светиот Николај и на неброено мноштво други светители! Оној што му е близок на Христа ќе помине низ многу такви искушенија, со една суштинска разлика, којашто ќе го разликува од мнозина други луѓе, а тоа е дека ќе знае како да ги надминува таквите состојби. Така, кога ќе надоаѓаат бури и бранови, заканувајќи се да го притиснат, човекот ќе се нурка во смирението, во љубовта, во преданието, во вољата Божја, до таму, до тие длабочини за самиот човек да рече: Господи, не можам рационалистички да објаснам баш сѐ во мојот живот, но знам едно – дека ти ме љубиш!

Со ваков животен став голем ден разденува за соборното Православие утре, а ако сакате веќе е и разденет.

Преосвештен Владико г. Марко, Вам и на Вашите во најсветата брегалничка Епископија, којашто Вие ја возглавувате, нека Ви е честит празникот и по молитвите на светиот Николај и Вашите молитви сите да се покажеме деца, коишто и при тешки околности знаат да се играат и да му се радуваат на животот, да се покажеме синови и ќерки на Воскресението, во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите.