Епископ стобиски Давид: Рождество Христово

Возљубени во Богомладенецот Христос,

секој од нас, баш, и не пребива во исчекување на денешниов датум за да се сети на неизглаголивата тајна на овоплотувањето на Втората Ипостас на Света Троица од Приснодева Богородица, туку во течението на целата година причестувајќи се на Литургијата, го живее севкупниот живот како продолжена Литургија и секој миг од постоењето му е учество во благодатта и на Рожедеството, и на Крстот, и на Воскресението! Оти, за какво празнување може да станува збор доколку човекот не го созерцува Христа, доколку не се допрел до Христа, доколку не се причестува со Телото и Крвта Негови? Следствено, соодветно на рамништето на коешто се наоѓа човекот, така и се однесува кон сето она што околу него се збива; очебијно е, значи, дека едни го „празнуваат“ овој ден, само денес, како световен адет што ги втурнува во идолатрија; а други, во Црквата го сведочат со сето свое постоење, секогаш и пред секого.

И, навистина, колку е прекрасно ова наше евхаристиско собрание за да учествуваме во особената благодат на празнувањето на овоплотувањето на Логосот Божји. Бидејќи, возљубени, сосема јасно и недвосмислено согласно на Преданието на нашата Црква е дека Господ не дојде за да ни го донесе Евангелието, зашто ако сакаше едноставно да ни испрати една книга, тоа можеше да го направи и на друг начин, на пр. возможно е такво нешто да ни пренесе и преку еден пророк, нели! Христос, значи, не дојде за да ни даде само книга или да ни понуди некои идеи за животот, туку дојде да ни се даде Себе Си, и тоа на секого од нас луѓето. Затоа, најсоодветниот простор во којшто се истражува Богоотрокот Христос е срцето на човекот. Следствено, убаво е од срцето конечно да извадиме сѐ што е непотребно, да ја преобразиме секоја непреобразена енергија која може да му го завзема Неговото место, за на тој начин Христос дејствително да се роди и насели токму во сржта на нашето битие, значи во нашите срца!

Оние на коишто срцата им се полни со отпадоците на живеењето на денешниов ден зборуваат такви глупости за Рождеството Христово, што бездруго го вчудоневидуваат и самиот Христос. Токму заради таквиот малограѓански, површен однос кон возвишеноста на Откровението, некои луѓе стануваат и функционираат како „религиозни атеисти“, предизвикувајќи го на пр. потсмешливиот став на еден современ философ, кој вели: таквите луѓе не веруваат во Бога, туку веруваат во верата! Тоа се оние, кои празнуваат без еклисиолошки издржана основа! Веќе логично се поставува прашањето: како некој што се именува Христијанин, може да го празнува Рождеството Христово доколку на правдина го фрлил својот ближен, Архиепископот охридски Јован, во најсурови затворски услови! Христијанинот не треба да биде човек, којшто со омраза и гнев во очите ита преку светските судови да го стави во затвор својот брат, и како што вели Писмото, да му ја земе и последната овца! Да ги именуваме нештата: тоа е псевдохристијанство, а Христијанство – не е! И, кој сега вистински го празнува Рождеството? Архиепископот охридски Јован за когошто нема место во градот, па затворот му е постанат пештерата, или оние кои во градот се користат со името Христово, а срцата и очите им издаваат нешто сосема друго, та одрекувајќи се од Евангелските начела, во суштина се одрекуваат од себе си?! Секој, сам нека си одговори на овие прашања!

Сега слушаме како ангелите пеат: слава во висините на Бога, на земјата мир, помеѓу луѓето добра воља! И, слушајќи го претходнореченото, гледајќи што се случува, современиот човек низ двоумење се прашува: па, каде е мирот? Каде е добрата воља? Не успеа ли Христос да го донесе мирот? Возљубени, јасно е оти светот мисли дека разните светски политички организации ќе го обезбедат мирот, но без разлика на околностите: и во благосостојба, и во тешкотии, и во затворите и надвор од нив, и во војни и во мирно доба, и во искушенија и во созерцанија, мирот за којшто пеат ангелите бездруго е самиот Христос! Оној што го има срцето свое како простор во којшто се раѓа Богомладенецот, очигледно во какви и животни околности да се најде, таквиот го има Мирот во себе.

Бог стана човек! Вистинитоста на нашиот живот во Црквата се состои, како што навестуваше и Аристотел зборувајќи за подражавањето, не во обичното, туку во творечкото подражавање на животот Христов. Ако Црквата не го прави токму тоа, ако не е во пештерата, ако не е на крстот, ако не ѝ ги укажува грешките на било која световна власт, коишто таа може да ги прави во однос на слободата на Црквата, и ако не ги брани црковните ставови, туку е во служба на политичките, ако не ја живее без престан рождественско-воскресенската радост, тогаш едноставно не слови за црква, туку за државна установа со ограничен рок на траење!

Ние, да си го празнуваме денес слегувањето на неизглаголивиот Бог! Колку е восхитувачки тоа што Бог од љубов кон секого од нас станува човек, та исчезнува секоја темнина од животот, а егоистите стануваат најсмешните луѓе на светот. Љубејќи ги, пак, сите без остаток, човекот Христов бива просветлен од светлината на овоплотувањето и на тој начин суштински го празнува Рождеството. Така, неограничениот на неискажлив начин се ограничува, а ограничениот се распространува до мерата не неограничениот, ќе речат отците на Црквата. Сега ги гледаме трулежното и нетрулежното прегрнати во единство. Денешниот празник е и повик за единство, за соборност во новородениот Богочовек. Денешниов ден, значи не е само спомен на историскиот настан, туку е призив Христос да се роди внатре во нас и од нас да направи нови луѓе. Затоа, Господ ни доаѓа како новородено детенце. Да го разбудиме детето во нас за да ја живееме радоста на ова Рождество што ја премости онтолошката провалија помеѓу создаденото и несоздаденото, распадливото и нераспадливото, за да можеме како деца да си играме со Христа низ животот и така да му се радуваме на животот; зашто, како што точно ќе забележат старците: радоста е темел на духовниот живот.

Денешниот празник нека ни биде причина за неминлива радост.

Честито Рождество Христово! Христос се роди!

во Манастирот Успение Богородично, Скопје, 07. 01. 2013 г.