Епископ стобиски Давид: 1700 години од Миланскиот Едикт! Ослободете го Архиепископот Јован!

Во оваа прилика, при претстојниов сосема кус осврт на актуелните состојби, коишто се однесуваат на непочитувањето на верските слободи во нашата земја, згуснато ќе се осврнеме исклучиво на социолошкиот аспект од предочениов проблем. За повод го имаме следново: историјата бележи дека оваа година се исполнуваат 1700 години од донесувањето на Миланскиот Едикт. Во суштина, Едиктот претставува одлука, декрет за религиска толеранција и прекин на секаков  прогон врз верска основа.

Но, 17 векови подоцна, нашата реалност сведочи дека државен прогон врз верска основа кај нас сѐ уште постои! Овој прогон, многупати, со докази е констатиран од страна на меѓународната заедница, од институциите коишто во светот ги штитат верските слободи, и оставен е како показател за социолошката зрелост на свеста и совеста на чинителите на прогонот! Се разбира и како срам за нашето севкупно општество! Но, очигледно, прогонот не престанува со негово игнорирање! Тој, кристално јасно, секојдневно се пројавува низ децениската тортура од страна на државниот апарат врз Архиепископот охридски Јован, и преку безправното одбивање Православната Охридска Архиепископија да биде запишана во судскиот регистар на цркви! На споменатово, годиниве наназад, со реакции до официјалните претставници на нашата земја, за што побрз прекин на прогонот врз верска основа, се обраќаат сите помесни православни цркви и големо мноштво други христијански деноминации. Прогонот, којшто тука за некои е „невидлив“, останува засекогаш видливо врежан во црковната историја ширум светот! За личностите со изграден вредносен систем доволен е неправедниот прогон врз само еден човек, врз скапоценоста на една личност, за да биде променет текот на историјата за доброто на сето човештво.

На современа Европа свеж ѝ е примерот со познатиот теолог Дитрих Бонхофер (Deitrich Bonhoeffer), којшто не сакаше да биде член на државната германска црква на Рајхот, поради што многупати беше затворан по разни логори, за на крај да биде обесен. Денес во Европската Унија не постојат верски прогони. Зар треба, во нашата земја, Архиепископот охридски Јован да биде новиот Бонхофер за тогаш сите да се сетат дека со сегашната тортура врз него, современото општество постојано се уназадува себе си до ниво на функционирање само според инстинктите, притоа заборавајќи дека модерната општествена состојба ги нагласува достоинството, слободата и одговорноста на човекот, нешто што само ги создава предусловите за понатамошен слободен развој на личноста на човекот, па со тоа и на општеството!?

Бездруго, не треба да се заборави дека денес, за разлика од времето на донесувањето на Едиктот, живееме во секуларно општество, коешто од социолошки аспект, во модерната заедница, како карактеристика го има следново – верската припадност е приватна и лична работа, а никако задолжителна и државна!

Спротивно на реченово, денес кај нас дејствува нешто особено негативно, а тоа, бездруго е идеолошката употреба на Христијанството.

Џон Лок (John Locke) ќе нагласи дека државата е заедница на луѓе, којашто има за цел да ги сочува, да ги обезбедува и поддржува граѓанските и културните вредности, додека црквата е собир кој се потпира исклучиво на слободната воља и има за цел да ја изрази почитта кон Бога. Следствено, атеизмот не треба да се поистоветува со секуларизмот.

Ние знаеме дека веќе единаесетта година се оди на тивко убивање на Архиепископот охридски Јован. Не случајно, додека тој се наоѓа во сурови затворски услови (ние знаеме какви се тие услови), започнува монтиран судски прогон и против останати Епископи, монаштво и граѓани припадници на Православната Охридска Архиепископија. Дали, во 21 век, граѓаните на нашата татковина, коишто не припаѓаат на единствената државно регистрирана црква со префикс „православна“,  којашто очигледно државниот апарат тоталитаристички ја наметнува како задолжителна штом е единствена, значи, тие граѓани кои предочивме дека не се дел од регистрирана црква, дали имаат право да ја регистрираат својата канонска црква на којашто ѝ припаѓаат, или, пак, таквото барање за нив веднаш ќе значи почеток на затворски пресуди и судски спорови до недоглед, односно сѐ до нивното збришување од лицето на земјата? Токму затоа, Емил Диркајм (Emile Durkheim) благовремено предочува дека етиката не може да се потчини на моменталниот надворешен притисок што државата го спроведува врз поединци, изразувајќи го истовремено неговото обеспокојување токму пред заканата од зголемената зависност на поединецот од општеството и лошото влијание што тоа може да го има врз автономијата на личноста.

Следствено, потребно ни е спроведување на законот за почитување на верските слободи, неопходно е да владее правото! Законските одредби треба да ја изнајдат соодветната рамнотежа за да не постојат протести и приговори. Бидејќи протестите постојат тогаш кога определени групи се наоѓаат надвор од законските одредби. Во случајот на нашата Архиепископија, самата држава го крши законот за регистрирање на црквите и верските заедници! Прогонот продолжува пред очите на меѓународната заедница, којашто исто така е ставена пред испит, заради предолгото одложување на правдата во однос на нас! Суровата децениска поставеност на власта и безмилосните затвори за Архиепископот охридски Јован стојат пред вас! Ние сме тука! Надвор од законските уредби, но не по наша желба!

Оваа година сите христијани во светот, на различни места, низ творечки средби ќе го празнуваат донесувањето на Миланскиот Едикт! Црпејќи ги од историјата искуствата што со себе низ вековите ги носи една храбра одлука – Миланскиот Едикт, на нашата земја ќе ѝ бидат потребни не помалку храбри личности за нашето општество со образ допрва да се повикува на цивилизациската придобивка каква што е Едиктот, та да не биде пасивен набљудувач на историјата, туку достојно да ја прослави со конечното прекинување на срамниот прогон врз Архиепископот охридски Јован!

Во спротивно, секогаш останува изборот за вкочането постоење и немо проследување на презентирањето на опитот од социолошките анализи за состојбата на пеколот како немоќ да се љуби другиот, поинаквиот, различниот!