Старец Паисиј Светогорец: Оној што има добри помисли, на сѐ гледа добро

st_paisijМи рекоа некои дека се скандализираат, бидејќи гледаат многу искривени нешта во  Црквата, и јас им одговорив:

– ако прашаш една мува: „има цвеќиња, тука, во областа?“, ќе рече: „не знам, долу во јамата има кутии од конзерви, ѓубришта, нечистотии“, и ќе ти ги нареди сите нечистотии на коишто била. Но, доколку прашаш некоја пчела: „виде некаква нечистотија, тука, во областа?“, ќе ти рече: „нечистотија? Не, не видов никаде! Тука местото е полно со миризливи цвеќиња“, и ќе ти наброи еден куп цвеќиња од градината, од полето и т.н. Гледаш, мувата знае само каде постојат ѓубриња, а пчелата знае каде се наоѓа еден крин, каде е зумбулот…

Како што имам разбрано, едни луѓе наликуваат на пчелата, а други на мувата. Оние коишто наликуваат на мувата, гледаат во секоја прилика да најдат што лошо постои, и се занимаваат само со тоа; никаде не гледаат некое добро! Оние кои наликуваат на пчелата секаде го наоѓаат доброто што постои.

Оштетениот човек оштетено размислува, сѐ зема од лево, сѐ гледа наопаку. А, оној што има добри помисли, што и да види, што и да му кажеш, ќе постави добра помисла.

Еднаш, едно дете, втора година гимназија, дојде во Колибата и чукна со железото на портата. Имав една вреќа писма за читање, но реков – да излезам, да видам што сака.

„Кажи, јунаку?“, му велам.

„Ова е колибата на отец Паисиј?“, ме прашува, „го барам отецот Паисиј.“

„Ова е, но тој не е тука, отиде да купи цигари“, му велам.

„Очигледно отишол некого да услужи“, ми одговара со добра помисла.

„За него отиде да си купи“, му велам. „Му беа завршиле и како да полуде по цигари. Мене ме остави тука сам, па ниту знам кога ќе се врати. Ако видам дека доцни, ќе станам да си одам.“

Му се насолзија очите и повторно со добра помисла рече: „Го заморуваме Старецот.“

„Зошто го бараш?“, го прашувам.

„Сакам да ја испросам неговата молитва“, ми вели.

„Молитвата да ја испросиш, море! Тој е опрелестен, нема аир од него, јас го познавам добро. Не чекај залудно, зашто, кога ќе се врати, ќе биде изнервиран, можно е и да е опијанет, бидејќи и пие.“

Но, детето во продолжение ставаше добра помисла.

„Добро“, му велам „јас ќе почекам уште малку, што сакаш да му пренесам?“

„Имам едно писмо да му дадам“, ми вели „но ќе почекам и за да ја испросам неговата молитва.“

Видовте? Сѐ што му зборував, го примаше со добра помисла. Му реков: „полуде по цигарите“ и кутрото воздивнуваше, му се насолзуваа очите. „Кој знае“, рече „некого сакал да услужи.“

Некои толку многу читаат, а тоа детенце, втора година гимназија, и ете, да има толку добри помисли! Да му ја расипуваш помислата, а тоа да прави подобра помисла и да вади уште подобар резултат. Му се восхитив! Првпат видов такво нешто!

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Изворник:

ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑÏΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΠΝΕΥΜΑΤΙΚΟΣ ΑΓΩΝΑΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2003