Старец Паисиј Светогорец: Радоста од прифаќањето на онеправдувањето

Hristos_vo_zatvor– Старче, кога го прифаќам прекорот за некоја штета што ја правам со благодарност, дали е исправно тоа што го чувствувам?

– Гледај, ако правиш штети, те прекоруваат, а ти не негодуваш, туку се радуваш и велиш: „слава Ти Боже, тоа ми беше потребно“, ќе имаш половина радост. Но, доколку не правиш штети, та неправедно те прекоруваат, а ти го примаш тоа со добра помисла, тогаш ќе ја имаш полнотата на радоста. Не велам дека ти треба да го бараш онеправдувањето, оти тогаш непомјаникот ќе те фрли во гордост, туку велам да ја прифаќаш онеправданоста кога доаѓа нормално, и да се радуваш за тоа што си онеправдан.

Постојат четири рамништа на соочување со неправдата. На пр., некој неправедно те удира. Ако се наоѓаш на првото рамниште, возвраќаш. Ако се наоѓаш на второто рамниште, чувствуваш внатре во себе многу голем немир, но се собираш и не зборуваш. На третото рамниште, не се вознемируваш. И, на четвртото рамниште, чувствуваш голема радост, возвишена духовна веселост. Кога некого го онеправдуваат и тој образложува дека не е виновен, тогаш се оправдува и бива задоволен. Така чувствува една световна радост. Но, доколку со неправдата се соочи духовно, со добра помисла, и не се грижи да ја докаже неговата невиност, тогаш чувствува духовна радост. Значи, тогаш, внатре во себе ја има божествената утеха и се движи во просторот на славословието. Знаете каква радост има една душа ако бива онеправдана и не се оправдува за да ѝ речат „браво“ или „прости“? И, се радува повеќе сега, кога бива онеправдана, отколку кога би била оправдана. Оние што достигнуваат таква состојба, сакаат да му се заблагодарат на оној што ги онеправдал, за радоста што им ја дал во овој живот. Но, и за вечната радост, којашто им ја обезбедил. Колку се разликува духовното од световното!

Во духовниот живот нештата се испревртени. Ако на тебе падне лошото, тогаш се чувствуваш прекрасно. Ако го предаваш на друг, тогаш се чувствуваш лошо. Кога ја прифаќаш неправдата и го оправдуваш својот ближен, го примаш многуонеправданиот Христос во своето срце. Тогаш Христос останува во домашен притвор внатре во тебе и те исполнува со мир и радост. Ајде обидете се, бре деца, да ја живеете оваа радост! Да научите да се радувате со оваа духовна радост, а не со световната. Тогаш, Пасхата ќе ја имате секој ден.

Не постои поголема радост од радоста што ја чувствуваш кога ја примаш онеправданоста. Посакувам да ме онеправдуваа сите луѓе. Искрено ви велам, најслатката духовна радост ја чувствував во онеправданоста. Знаете колку се радувам кога некој ме нарекува опрелестен? „Слава Ти Боже“, велам, „од ова имам плата; ако ме наречат светител, должам.“ Послатко нешто од неправдата не постои!

Едно утро во Колибата чукна некој на железото од портата. Погледнав низ прозорецот за да видам кој е, бидејќи сѐ уште не беше време за да отворам. Видов еден младич со светло лице и разбрав дека имал духовни искуства, бидејќи го издаде благодатта Божја. Затоа, иако бев зафатен, го прекинав тоа што го работев, го примив внатре, го послужив со вода и внимателно почнав да го прашувам за неговиот живот, бидејќи видов дека има духовна содржина. „Што работиш, јунаку?“, го прашав. „Каква работа, оче!“, ми вели, „јас пораснав во затвор. Повеќето години од мојот живот таму ги поминав. Сега имам дваесет и шест години.“ „Добро, бре јунаку, што направи, та те затвориле во затвор?“, го прашав. И тој ми го отвори срцето: „од малечок“, ми вели, „многу страдав кога гледав унесреќени луѓе. Ги знаев сите страдалници, не само од мојата парохија, туку и од другите парохии. Свештеникот од нашата парохија, заедно со одборниците, постојано собираа средства и ѕидаа згради, сали и сл., или правеа различни разубавувања, па целосно беа запоставени сиромашните семејства. Јас не судам дали беше неопходно тоа што го градеа, но гледав дека постојат многу унесреќени луѓе. Одев, значи, скришно, и крадев од парите што ги собираа од фондовите. Земав доволно, не ги земав сите. Потоа купував храна, различни работи, ги оставав тајно, надвор пред куќите на сиромашните, и веднаш, за да не фатат некого неправедно, одев во полиција и велев: јас ги украдов парите од црквата и ги потрошив. Без да додавам ништо друго. Почнаа да ме тепаат и да ме навредуваат: „скитник, крадец“; јас молчев. Потоа ме ставија во затвор. Ова се случуваше со години. Целиот град кадешто живеев – триесет илјади жители – а, и други градови ме имаа научено, со „скитник“ почнуваа, со „крадец“ завршуваа. Јас молчев и чувствував радост. Навистина, еднаш ме имаа затворено во затвор цели три години. Неколку пати ме затвораа неправедно, и кога ќе го фатеа виновникот, ме ослободуваа. Доколку не го фатеа, останував внатре, толку колку што би требало тој да остане. Затоа ти реков, оче мој, дека повеќето години од мојот живот ги поминав по затворите.“ Откако го ислушав со внимание, му реков: „Бре јунаку, колку добро и да изгледа тоа, не е добро и да не го повторуваш. Чуј што ќе ти кажам. Ќе ме послушаш?“ „Ќе те послушам, оче“, ми вели. „Да се оддалечиш од тој град“, му велам, „да отидеш во непозната околина, во тој и тој град, и јас ќе се погрижам да се поврзеш со добри луѓе. Да работиш и да ги помагаш страдалниците, колку што можеш, од твојот остаток, бидејќи тоа има голема вредност. Но, и кога некој нема ништо да му даде на некој сиромашен, а го боли срцето, тогаш прави повозвишена милост, бидејќи прави милост со крвта на срцето. Зашто, ако имаше нешто, и тоа му го дадеше, ќе чувствуваше и радост, ако пак нема да даде, чувствува болка во срцето.“ Ми вети дека ќе го послуша мојот совет и замина радосен. После седум месеци добивам едно негово писмо од затворот Коридалос, во коешто го пишуваше следново: „сигурно, оче мој, ќе се зачудиш бидејќи повторно ти пишувам од затвор после толку совети што ми ги даде и после ветувањата што ти ги дадов. Знај дека овој пат отслужувам затвор, којшто веќе го имам отслужено; некоја грешка се има случено. Среќа што не постои човечка правда, бидејќи ќе беа онеправдани духовните луѓе, зашто ќе ја загубеа небесната награда.“ Кога ги прочитав овие последни зборови, му се восхитив на младичот, којшто толку горешто го имаше разбрано духовниот живот и толку длабоко ја имаше сфатено најдлабоката смисла на животот! Заради Христа крадец! Внатре во него го имаше Христа. Не можеше да се сопре себе си од радоста што ја чувствуваше. Божествена палавост, постојано празнување!

– Старче, доаѓа радост од изрезилувањето?

– Од онеправдувањето доаѓа радоста. Светски човек беше, ниту од Житијата, ниту од Отците имаше читано, но бидејќи беше неправедно тепан, затворен во затворот, го имаа во градот за скитник, за лошо детиште, за крадец, биваше резил, а сепак, тој не зборуваше и со сѐ се соочи толку духовно! Млад човек, а не се грижи да се оправда, туку како да му помогне на другиот! Толку големите крадци, многупати не биваат затворени ниту еден единствен пат во затвор, а овој бедниов го затвориле двапати за истата кражба, а го затворале неправедно и за други кражби, додека да го најдат вистинскиот крадец! Радоста, пак, којашто тој ја имаше, не ја поседуваше целиот град. Триесет илјади радости не можеа да ја достигнат неговата радост.

Затоа велам дека еден духовен човек нема тага. Кога љубовта ќе се зголеми и кога срцето гори од божествениот ерос, повеќе не е можно да се задржи тагата. Големата љубов кон Христа ги победува болките и измачувањата, коишто на човека му ги предизвикуваат луѓето.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Од: ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑÏΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΠΝΕΥΜΑΤΙΚΟΣ ΑΓΩΝΑΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2003