Старец Паисиј Светогорец: Божественото пијанство

– Старче, се плашам, можеби нема да се спасам?

– Не се плаши, заедно ќе одиме горе. Само, кажи ѝ на Игуманијата да ни даде две големи шишиња за по пат, внимавај да бидат пластични, а не стаклени, за да не се искршат по патот! Ќе ги наполниме со вода и додека стигнеме на Небесата, од умор, ќе ја испиеме! Само три прсти ќе оставиме и ќе го замолиме Христа да ја благослови, да ја направи вино и потоа ќе го испиеме, опијанувајќи се духовно, блиску до Христа.

– Старче, која е таа вода?

– Тоа е љубовта кон Христа и кон браќата.

– А пијанството?

– Тоа е опијанетоста од Светиот Дух. Тие коишто се опијануваат од Светиот Дух, без престан се радуваат од нежноста на Бога, Отецот нивни.

Ако човекот се опијани духовно, со небесното вино, неговиот живот тука на земјата станува маченички, во убавата смисла. Станува неподобен за светот, незаинтересиран е за било што земно, и „сѐ смета за трици“ (види: Филипљ. 3. 8). Гледаш, оние што пијат многу и се опијануваат, потоа за ништо не се заинтересирани. „Барба-Танас, твојата колиба гори“, му викаа на некој дедо, чијашто куќичка ја беше зафатил пожар. „Остави ја нека гори“, велеше тој, затоа што имаше пиено и беше опијанет!

Другото пијанство, небесното, добро е, но неопходно за човека е, постојано да е при небесното буре, коешто никогаш не се испразнува. Ви посакувам да ја најдете рајската божествена славина, да пиете и постојано да се опијанувате од рајското вино. Амин!

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Од: ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑÏΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΠΑΘΗ ΚΑΙ ΑΡΕΤΕΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2006