За смирението на Пресвета Богородица

bogorodica

Навистина се восхитува секој ум, кога го созерцува крајното смирение што го поседуваше Богородица. Иако во својата утроба го имаше Бога Логосот, иако беше вистинска Мајка на Бога и царица на сите Негови созданија, та колку заради сето тоа беше голема и возвишена, толку и се смируваше себе си, за од смирението да најде повеќе благодат од Бога, според Сирах: „колку си поголем, толку смирувај се себе си и пред Господа ќе најдеш благодат“ (3. 18). Тоа е вистинското смирение, кога некој во себе си има нешто велико, чудесно и достојно за гордост, а тој не се гордее со тоа, туку се смета себе си за земја и пепел, како што вели авва Исаак во неговото XX-то слово.

Некои од Отците сметаат дека Пресветата Дева, од многу и преголемото нејзино смирение, не му го откри на Јосиф обручникот, Благовештението од Архангелот Гавриил, за да не се пофали и да не се возгордее. Затоа остави на Бога, тој да му соопшти. Претпочиташе да падне во искушение и да биде видена како бракоизмамник, отколку да се смета горделива, бидејќи знаеше дека – „смирениот никогаш не паѓа. Од каде би паднал кога е подолу од сите? Смиреноумието е големо возвишување, чест и достоинство зашто е пребивалиште и место за почивка на Светиот Дух (Макариј Велики, омилија XIX).

превод од грчки: Епископ стобиски Давид

од: ιερομόναχος Μάξιμος, Η ΜΗΤΕΡΑ ΤΩΝ ΧΡΙΣΤΙΑΝΩΝ, ΑΓΙΟΝ ΟΡΟΣ