Ползата од самоукорувањето

Еден старец ми раскажа нешто вакво:

– еднаш, на кратко престојував во Лаврата на светиот Герасим и стекнав еден пријател. Еден ден, како што седевме и разговаравме за полезни нешта, се сетив на онаа поука од авва Пимен, во која се вели дека човекот секогаш треба да се укорува себе си, за секое нешто.

И, ми вели пријателот:

– јас, оче, имам опит од тие зборови и од ползата што ја носат. Бидејќи, еднаш имав  еден ѓакон, мој вистински пријател од Лаврата, а не знам од каде тој имаше сомнеж против мене за нешто што му донесе тага и почна да се лути. Гледајќи го намуртен, го прашав што се случува, за да ја разберам причината.

И, ми одговори:

– си го направил тоа нешто!

Јас, бидејќи немав свест дека сум сторил, на било каков начин, такво дело, започнав да му кажувам дека совеста не ми вели дека сум го направил тоа нешто.

Ми одговори:

– разбери ме, не сум уверен во тоа што го велиш!

Се повлеков тогаш во мојата келија и започнав да го истражувам срцето мое, дали имам направено нешто такво; но, не најдов!

Го гледам, значи, како го држи светиот Путир и дава Божествена Причест, и му се колнам пред нив оти совеста не ми кажува дека сум сторил такво нешто; но, не го убедив.

Кога останав повторно сам, се сетив на зборовите на светите Отци, ги примив со доверба, малку си ја променив помислата и си реков во себе: ѓаконот ме сака вистински, и придвижен од љубов, зеде храброст за да ми го каже тоа што неговото срце го има за мене, за да се поправам и да се сочувам, та од сега па натаму, да не го правам тоа. Но, бедна душо моја, велиш не сум го направил тоа дело; зар немаш направено милиони зла, та ги имаш заборавено?! Каде се тие што ги направи вчера или завчера, или пред десет дена? Се сеќаваш? Значи, и тоа го имаш направено исто како и другите нешта, но го имаш заборавено, како и претходните заборавени недела.

И, предизвикав такво расположение во моето срце, оти навистина го имам направено тоа, и дека, како што ги имам заборавено претходните, така го имам заборавено и тоа.

Започнав да му благодарам на Бога и на ѓаконот, бидејќи преку него ме удостои Господ да ја спознаам својата грешка и да се преумам во однос на неа.

Со такви помисли станав и отидов да му направам метанија на ѓаконот, и да му се заблагодарам, оти преку него ја спознав сопствената грешка. И, само што тропнав на неговата врата, тој отвори и прв ми направи метанија, велејќи:

– прости ми, бидејќи ме исмеаја демоните со тоа што те осомничив за споменатото дело. Зашто, навистина ми откри Господ, дека немаш направено ништо.

Не ме ни остави ништо да му објаснувам, туку велеше:

– нема потреба.

И, стекнав многу голема полза и ги прославив Отецот, Синот и Светиот Дух, Пресвета Троица, на Којашто ѝ приличи слава и благолепие во вековите на вековите. Амин.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Ιωάννου Μόσχου, Λειμωνάριον