Старец Паисиј Светогорец: На оној што се оправдува, не може да му се помогне духовно

razgovor

Имам забележано дека денес, и големите и малите, се оправдуваат со една сатанска помисла. Ѓаволот сѐ им толкува на еден негов начин, та така се наоѓаат надвор од реалноста. Оправдувањето претставува сатанско објаснување.

– И, како се случува, Старче, некои на секој збор да наоѓаат противречие?

– О, страшно е да разговараш со еден човек кој се навикнал да се оправдува! Исто е како да разговараш со некој демонизиран! Оние што се оправдуваат, Господ нека ми прости, за духовник го имаат ѓаволот. Тие се изнамачени луѓе. Го немаат во себе мирот. Од тоа имаат направено наука. Значи, како што еден крадец цела ноќ не спие и мисли како да успее во кражбата, така и тие постојано мислат да си оправдаат една или друга нивна грешка. Или, како што некој размислува како да најде погодна прилика за да направи нешто добро или како да се смири, тие спротивно, размислуваат како да го оправдаат неоправдливото. Адвокати биваат! Не можеш да се справиш со нив. Исто е како да зборуваш со самиот ѓавол. Што имам пропатено со еден! Му велам: „тоа што го правиш не е правилно, за она другото треба да си внимателен, не одиш добро, треба да го направиш тоа и тоа…“, а тој на секое нешто наоѓа оправдание и на крајот ми вели: „не ми кажа што да правам!“ „Бре, златен мој човеку, толку часови, што зборуваме? Зборуваме за твоите грешки, за тоа дека не одиш на добро, а ти во продолжение се оправдуваш. Три часа веќе ме пукна, ме растопи! Како не ти кажав?“ Ете, му изложуваш  примери за да му овозможиш да разбере дека начинот на којшто се соочува со нештата претставува сатански егоизам, дека прима демонски влијанија, дека доколку не се промени ќе се изгуби, а тој на крајот вели: „не ми кажа што да правам!“Заρ не е да пукнеш! Доколку некој е рамнодушен, преку сѐ преоѓа со: „не ми е грижа.“ Но, доколку не е рамнодушен, пука. Јас, рамнодушните ги сметам за среќни.

– Но, Старче, во ниту еден случај не би сакале да сте рамнодушен!

– Бре, дете, рамнодушниот барем не пукнува бесцелно. Да поднесуваш за некој болен, тоа има смисла. Но, да се топиш со оној, да му зборуваш толку многу и на крајот да ти рече: „не ми кажа што да правам“, и да го оправдува неоправдливото!Така од човек завршува во демон! Страшно! Ако мислеше само на напорот што го правиш – а да не ја спомнуваме болката – за да му помогнеш, барем малку ќе се променеше. Иако те гледа дека страдаш, се трудиш, се измачуваш, сепак тоа не го зема во вид!

– Старче, кога некој се оправдува за некое безредие што го направил и му велиш: „тоа е оправдување“, а тој продолжува да се правда за да покаже дека тоа не е оправдување, во таков случај возможно ли е да се поправи?

– Како да се поправи? Разбира дека е грешка, бидејќи се измачува, но од егоизам не сака да признае. Тоа е многу страшно!

– Да, но вели: „не ми помагаш, сакам да ми помогнеш, не ме викаш да разговараме, ме презираш.“

– Е, тоа повторно потекнува од егоизмот. Тоа е како да вели: „јас не сум виновен, ти си виновен затоа што јас не одам на добро!“ И со тоа завршува. Остави го, нема потреба да се занимава некој со таквиот, бидејќи тој самиот не си помага. Ниту духовникот, ниту старецот, ниту старицата не носат одговорност за една таква душа. Тоа е сатански егоизам, а не човечки. Човечки егоизам има оној што не може да се смири за да каже „благослови“, но барем нема да зборува за да се оправдува себе си. Оној што се оправдува себе си кога греши, го претвора срцето свое во демонско прибежиште. Доколку не го скрши сопственото его, ќе продолжи да греши уште повеќеи бескорисно ќе се уништува од сопствениот егоизам.И, кога некој не знае колкаво зло е оправдувањето, има олеснителна околност. Но, кога знае или му кажуваат другите, тогаш нема никаква олеснителна околност.

Потребно е огромно внимание кога одиш да му помогнеш на некој што има научено да се оправдува, оти понекогаш се случува следново: бидејќи се оправдува, тоа значи дека има голем егоизам, та кога ќе му кажеш дека тоа што го направил не е исправно, ќе каже и други лаги и други оправдувања, со цел да ти го докаже и првото и второто, за самиот да не биде погоден. Така, ти, што одиш да му покажеш дека греши, стануваш причина тој да стане уште поголем егоист и лажливец. Од моментот кога ќе видиш дека продолжува со оправдувањата, нема потреба да му докажуваш ништо повеќе. Помоли се, Господ да го просветли!

 

 

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

 

Од: ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑÏΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΠΝΕΥΜΑΤΙΚΟΣ ΑΓΩΝΑΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2003