Старец Паисиј Светогорец: Да се огледуваме себе си во другите

Човекот, најдобро се согледува себе си, тогаш кога се огледува во другите. Господ му ја дава на секој човек харизмата што му е потребна за да си помогне, независно од тоа дали ќе ја искористи или не. Доколку ја искористи, ќе стигне до совршенство.

Слабостите, пак, се наши; нив ги здобиваме или со нашето невнимание, или ги наследуваме од нашите родители. Секој од нас треба да го прави соодветниот подвиг за да се ослободи од слабостите. Додека се ослободиме, треба да се огледуваме себе си во слабостите на другиот и да испитуваме каде се наоѓаме самите. На пр., ако во другиот видиме некаква грешка, веднаш да кажеме: „дај да погледнам, можеби ја имам и јас“, и доколку ја имаме, да се бориме да ја отсечеме.

– И, Старче, доколку помислата ми вели дека ја немам таа грешка, тогаш што да правам?

– Да велиш: „јас имам други, поголеми; оваа е мала во однос на моите.“ Бидејќи, некогаш може да се помали твоите грешки, но да имаш и помалку олеснителни околности. Доколку некој така се испитува себе си, гледа дека самиот има поголеми слабости од другиот.

Потоа ги гледа и доблестите на другиот. „Ај, да погледнам, постои ли кај мене оваа доблест? Не. Ццц, колку сум далеку од таму кадешто требаше да се наоѓам!“ Оној, којшто така дејствува, од сѐ црпи помош, во добра смисла – се преобразува, и се восовршува. Се ползува од светителите, се ползува од подвижниците, се ползува дури и од светските луѓе. Оти, доколку на пр., види еден светски човек како не се штеди себе си, како се жртвува себе си, тогаш вели: „ова љубочестие, го имам? Го немам; а, духовен човек сум!“, та потем, се обидува творечки да го подражава човекот.

Сите ние луѓето имаме многу работа за работење. Добриот Господ сѐ уредува за наше добро, на мудар начин.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Од: ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΠΑÏΣΙΟΥ ΑΓΙΟΡΕΙΤΟΥ

ΠΝΕΥΜΑΤΙΚΟΣ ΑΓΩΝΑΣ

ΙΕΡΟΝ ΗΣΥΧΑΣΤΗΡΙΟΝ

ΕΥΑΓΓΕΛΙΣΤΗΣ ΙΩΑΝΝΗΣ Ο ΘΕΟΛΟΓΟΣ

ΣΟΥΡΩΤΗ ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗΣ

2003