Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

pasha

Еден копнежлив поглед кон прекрасните планински врвови во пролет, доволен е – за на човекот да му ја предочи возвишеноста на неговото постоење! Колку ли неспоредливо повеќе, учеството во Воскресението Христово, му ги заблескува лицето и срцето на човека, токму заради непобитниот факт дека засекогаш е решен најгорливиот проблем на човештвото, проблемот на смртта. Смртта е победена, трулежноста е минато!

Следствено, Воскресението е стилот на живот на Православниот Христијанин. Согласно на тој стил на постоење, човекот, бивајќи соочен со најразлични животни околности, постојано се исправа и постојано оди напред. Живеејќи ја таа крсто-воскресна атмосфера, Црквата без престан ита кон средбата на иднината, средбата со Воскреснатиот Христос. Надвор, пак, од Соборноста на Црквата, во која единствено дејствително се пројавува Воскресението, значи, вон Единството, забележуваме дека празнувањето на Воскресението се случува во рамката на фолклорот и адетите. Просто имитирање, како што се изразува Аристотел.

Навистина претставува трагедија кога некои луѓе ја доживуваат Црквата како племенска синагога, како етно-клуб, додека самата Црква, според нејзината природа никогаш ниту се основала, ниту ќе се основа на нечија политичка воља за организирање национални прослави на наднационалното Воскресение Христово! Црквата не е организација! Таа е, како што велат Отците, самиот Христос продолжен низ вековите. Рековме и повторуваме, Црквата не се основа на политичките желби и одлуки, туку се основа на Овоплотувањето, на Крстот и Воскресението Христово.

Воскресението е секогаш новиот изглед на нашиот живот! Единствениот начин, во оваа наша татковина, да се објасни постоењето на нашата помесна Црква, се следниве два збора: Христос Воскресна! Затоа, денес, со празнувањето на Воскресението ние ја празнуваме непобедливата сила Божја. Некој, можеби ќе праша, кои сме ние? Постои еден човек, испратен од Бога, чие име е Јован, Архиепископ охридски. Тој дојде да сведочи дека Соборноста на Црквата е нашето Воскресение. Постои и еден род Христов од Архиепископијата Охридска, и на сите од тој род им е дадена власт да бидат деца Божји. Но, заради реченово, првиот страда по затворите, останатите се по светските судови на овоземните моќници. Овој прогон на нашата Архиепископија, за гонителите во суштина претставува бегство во нивната измислена стварност, која нема допирни точки со стварноста на Воскресението. Затоа, за луѓето, коишто ја гонат Црквата, сѐ завршува со смртта. Без соборниот светоглед на Воскресението, постоењето постанува работилница на смртта. Само Соборната Евхаристија е работилница на животот.

Воскресението точно и значи – повторно воспоставување! Затоа, Православната Охридска Архиепископија и го сведочи, и самата е Воскресението во нашата земја, откако нејзиниот Претстојател го воспостави единството со Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква!

Кон нашите расколници, пак, секогаш да покажуваме разбирање дека им е премногу лесно да речат: ајде да се оддадеме на прогон на Црквата, бидејќи токму тоа произлегува од нивното сепарирано одбележување на Воскресението како народен обичај!

Денес, мнозина го гледаат споменатиот прогон и поимаат од каде ни извира оваа воскресенска радост со која постојано сме израдувани! Светот, овој прогон го именува – тортура врз верските слободи. Црквата, во поднесувањето на прогоните препознава исповедање на верата! Едни се грижат прогонот да престане, други се немоќни да го прават тоа, трети гледаат со исчекување, но никој не е рамнодушен. Освен оние, коишто глумат рамнодушност!

Ние, пак, во лицата на сите луѓе да го откриваме Воскреснатиот Христос. Секогаш да простуваме за сѐ, токму заради Воскресението, та како и сега, така постојано да се среќаваме во Литургиските Собранија, кои претставуваат крај за безизлезите на светот, и се почеток на полнотата на пројавата на Воскреснатиот Господ, та примајќи од Неговите Тело и Крв како попатнина за живот вечен, без престан да пееме и воскликнуваме: ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!