150 години Кавафис

кavafisОваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на големиот поет Константѝнос Кавафис.

Кавафис е роден 1863 г., во Александрија, Египет. Се упокоил 1933 г., во истиот град. За време на животот бил малку извесен поет. Неговата прва книга поезија излегува постхумно во 1935 година. Живеел во Ливерпул, Константинопол и Александрија. Поседувал англиско државјанство од коешто се откажал. Пишувал на англиски, француски и грчки јазик.

Во грчката поезија воведува нов стил различен од преовладувачкиот, како и нови теми, но не на романтичарски начин, кој е премногу патетичен, туку на еден особен кавафиевски начин според кој очите на поетот се вперени во еден посебен правец зад сцената, зад престолот… Со неговиот стил, подобро речено манир, засенил мнозина големи поети на ХХ век, истовремено пресудно влијаејќи на модерната европска поезија, особено на англосаксонската.

Животот и делото на големиот александриски поет К. Кавафис, денес го истражуваат академици, писатели, ученици.

Во текот на Април, оваа година, под покровителство на Вселенската Патријаршија, во Константинопол, беше одржан симпосион „150 години К. П. Кавафис.“ На симпосионот беа истражувани различни теми: Кавафис и Византија, Кавафис и Градот, Поетиката на Кавафис, Кавафис денес…

На симпосионот учествуваше и Неговата Светост Константинополскиот Патријарх Вартоломеј, којшто говореше стихови од поезијата на Кавафис.

Градот.

Велиш: „Ќе одам во друга земја, ќе одам на друго море.

Некој друг град ќе се најде подобар од овој.

Секој обид мој е една запишана осуда;

и, срцето ми е – како мртовец – закопано.

До кога умот ќе ми остане во оваа свенатост!

Каде и да го свртам погледот, каде и да погледнам,

црните рушевини на својот живот ги гледам, тука,

кадешто толку години минав, и растурив, и уништив.“

 

Нови места нема да најдеш, нема да пронајдеш мориња други.

Градот ќе те следи. На истите улици ќе се враќаш.

Во истите соседства ќе старееш; во тие исти куќи ќе белееш.

Секогаш во овој град ќе пристигнуваш. За некаде, не се надевај,

нема брод за тебе, нема пат.

Како што овој живот тука си го растурил, во ова толку мало катче,

така си го уништил и низ целата земја.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.