Старец Порфириј Кавсокаливит: Внатре, во нашите души, да имаме добрина и љубов

st.porfirijЧовекот има такви моќи, што може, доброто или лошото да го пренесува на неговото опкружување. Овие теми се многу чувствителни. Неопходно е големо внимание.

Сѐ треба да гледаме на добар начин. Ништо лошо да не мислиме за другите. И еден поглед, и една воздишка, влијаат на нашите блиски. И најмалата огорченост дејствува лошо. Да имаме, внатре во нашите души, добрина и љубов; и, нив да ги пренесуваме.

Да бидеме внимателни да немаме револт кон луѓето што ни наштетуваат; само да се молиме за нив, со љубов. Што и да направи нашиот ближен, никогаш да не мислиме лошо за него. Секогаш љубовно да се молиме. Секогаш да мислиме добро. Го гледате првомаченикот Стефан! Се молеше: „Господи не им го сметај ова за грев“ (Дела. 7. 60)! Истото треба да го правиме и ние.

Никогаш, во однос на другиот, не треба да мислиме дека Господ ќе му допушти  нешто лошо или дека ќе го казни за неговиот грев. Таквата помисла носи многу големо зло, без ние тоа да го разбереме…

Кога мислиме зло, некаква зла сила излегува од нашата внатрешност и се пренесува на другиот, како што се пренесува звукот преку звучните бранови, та другиот дејствително трпи зло. Се случува нешто како колнење, кога човекот има лоши помисли за другиот. Тоа произлегува од нашата изреволтираност. Ние, на таинствен начин ја пренесуваме нашата озлобеност. Не го предизвикува Господ  злото, туку злото го предизвикува лошотијата на луѓето. Не казнува Господ, туку нашето лошо настроение се пренесува врз душата на другиот и прави зло. Христос никогаш не го посакува лошото. Напротив, објавува: „Благословувајте ги оние што ве колнат…“ (Мат. 5. 44)….

Зависта му прави големо зло на другиот. Тој што колне, не размислува дека прави зло. Гледате што вели Стариот Завет: „Постојаното правење зло го помрачува доброто“ (Мудр. Солом. 4. 12).

Старецот Порфириј Кавсокаливит упорно поучуваше дека нашата љубов кон ближниот треба да е толкава, така што да го гледаме како себе си. Еднаш имаше замолено едно негово духовно чедо да му го умножи следниов текст (што многу го сакаше), на светиот Симеон Нов Богослов, та го делеше на оние кои го посетуваа:

„Сите верни, должни сме да ги гледаме како едно, и да расудуваме дека во секого од нив е Христос. И да имаме за секого таква љубов, та да сме подготвени за негово добро да го жртвуваме и сопствениот живот. Бидејќи должни сме – за ниту еден човек да не зборуваме лошо и да не мислиме дека е лош, но сите да ги гледаме како добри. И доколку видиш дека некој брат се измачува од страсти, да не го мразиш него, туку страстите што војуваат против него. И доколку го видиш дека бива тиранисуван од желбите и навиките на претходните гревови, имај милост кон него, да не би и ти да вкусиш искушение, бидејќи си од материја која лесно се враќа од доброто на лошо. Љубовта кон братот те подготвува повеќе да го љубиш Бога. Тајната, значи, на љубовта кон Бога е љубовта кон братот. Оти, ако не го љубиш братот свој, што го гледаш, како е возможно да го љубиш Бога, когошто не го гледаш: «оти, кој не го љуби братот свој што го видел; Бога когошто не го видел, како е возможно да го љуби?» (1Јован. 4. 20).“

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Γέροντος Πορφυρίου Καυσοκαλυβίτου,

Βίος και Λόγοι, Ι. Μ. Χρυσοπηγής, Χάνια, 2003.

и: Κλείτου Ιωαννίδη, Ο Γέρων Πορφύριος, Μαρτυρίες και εμπειρίες,

Ι. Γ. Η. Η Μεταμόρφωσεις του Σωτήρος, Αθήνα, 2001.