Патријарх Павле

info

Изреки:

– Човекот не може да го избере времето во коешто ќе се роди и живее; од него не зависи ниту од кои родители, ниту од кој народ ќе се роди; но, од него зависи како ќе постапува во даденото време: дали како човек или како нечовек, без разлика во кој народ и од кои родители!

– До гордост и кавги доаѓа тогаш кога е присутна суетата. Не е несреќа тоа што ние имаме спротивни гледишта, бидејќи неопходно е нештата да се согледаат од повеќе страни. Но, кај нас често доаѓа токму до тоа – проблемот да е осуетеноста, а не разликата во мислењата. Од тоа мораме да се ослободиме. Ако бидеме потолерантни, тогаш ќе можеме да го разбереме и гледиштето на другиот. Не да го усвоиме, доколку не е добро; но, да го разбереме за да не дојде до омраза и до тоа што нѐ расцепува и разделува.

– Човекот, покрај умот, даруван е и со срце, со чувство и со вољата како сила којашто може да го оствари тоа што умот и срцето сметаат дека е потребно. Покрај тоа, човекот е даруван уште и со слобода. Човекот може така како што сака Господ, но може и спротивно. Како што вели еден философ: „човекот е битие на коешто и Господ може да му се израдува, но од коешто и ѓаволот може да се посрами.“ Гледате колку е голем просторот. Каде ќе се најдеме, зависи од нас.

blagoslov– Должни сме во најтешките моменти да постапуваме како луѓе; и, не постои интерес, ниту национален, ниту поединечен, којшто би можел да биде изговор за да бидеме нелуѓе.

– За нас е подобро да не снема како луѓе, отколку да опстанеме, биолошки да преживееме, како злосторници и нелуѓе.

Анегдоти:

– Еден новинар, којшто живее блиску до зградата на Патријаршијата во Белград, во палтенцето на својот син, често наоѓаше бонбони. Знаејќи дека не му ги купил, го прашуваше од каде му се. Малечкиот му одговори: „Ми ги даде мојот другар Пајо.“ На таткото, после некое време, тоа му стана чудно, бидејќи не можеше да се сети на ниту еден другар на синот со име Пајо, па го праша: „Кој ти е тој другар?“ Детето, како од топ, одговори: „Па, нашиот Патријарх. Кога и да поминува покрај паркот кадешто си играме, тој купува бонбони и ни ги дели. А, ние го сакаме бидејќи ни е другар, па го викаме Пајо.“

vo gradot– Еден белградски боем истрчал од кафаната „?“, штом го видел Патријархот Павле како влегува во соборната црква. Преплетувајќи со јазикот, му рекол: „Ваша Светост, ние двајцата сме најдобрите луѓе на светот“, а Патријархот на тоа му одговорил: „Да, да, сме, но кога ќе се напиеме, за ништо не нѐ бива.“

vo avtobus– Одејќи во црквата на Баново брдо, среде лето, Патријархот Павле беше упорен да користи градски автобус. Кога неговиот придружник почна да го потегнува аргументот дека е многу топло, дека автобусите се преполни со разголен женски свет кој оди на плажа на Ада Циганлија, та не е пријатно да се оди со автобус, Патријархот не попушти, велејќи: „Знаете, секој го гледа тоа што сака.“

– Излегувајќи од зградата на Патријаршијата во Белград, Патријархот го прашал својот придружник: „Чии се овие паркирани луксузни автомобили?“ Овој му одговорил: „На нашите Владици. Со нив се дојдени на Собор“. „О, Бог ги видел! Што ли би возеле да не го дадеа заветот на скромност?!“ духовито прокоментирал Патријархот Павле.

– Еден искушеник му поставил прашање на Патријархот Павле: „За да бидам добар монах, Ваша Светост, треба ли да се одречам од светот?“ Патријархот го погледнал со благ поглед и му рекол: „Само ти биди добар монах, па светот сигурно ќе се одрече од тебе.“ Младиот искушеник му ја целивал раката.

celiv– Среде најавената епидемија на нов грип од кој во напредниот свет масовно се умира, така што и властите набавиле милион вакцини, наговарајќи го народот да ги прима – се упокои Патријархот Павле. Само што препорачаа изолирање, избегнување на собири и гужви, ги затворија и училиштата, рекоа да се носат дури и заштитни маски, целиот народ навали во соборниот храм да се прекрсти и да го целива крстот во раката на својот Патријарх. Во храмот: служби без престан, четири дена и четири ноќи. Народот е во непрегледна редица. Маски не носи никој. Еден човек од редицата вели: „Патријархот го спасува народот со вакцината против заборавот и себичноста… Исчезнува стравот од смртта.“

приредил и превел од српски јазик: Епископ стобиски Давид