Старец Порфириј Кавсокаливит: Оној што сака да биде Христијанин, треба прво да стане поет

Душата на Христијанинот треба да е префинета, да е чувствителна, да е чувствена, да лета, постојано да лета, да живее во „соништата“. Да лета во бескрајот, помеѓу ѕвездите, во величијата Божји, во тишината.

Оној што сака да биде Христијанин, треба прво да стане поет. Тоа е тоа! Треба да страдаш. Да љубиш и да страдаш. Да страдаш за тоа што го љубиш. Љубовта се труди за љубената личност. Цела ноќ трча, бдее, ги изранува нозете, само за да се сретне со љубената личност. Прави жртви, не води никакви сметки ниту во однос на заканите, ниту за тешкотиите; а, сѐ во име на љубовта. Љубовта кон Христа е нешто сосема поинакво, бесконечно повозвишено.

Радувајте се на сѐ што нѐ опкружува. Сѐ нѐ поучува и сѐ нѐ води кон Бога. Сѐ што се наоѓа околу нас – тоа се капки на љубовта Божја. И оние со душа, и бездушните, и билките, и животните, и птиците, и шумите, и морето, и зајдисонцето, и ѕвезденото небо; тоа се малечки љубови преку кои стигнуваме до големата Љубов, до Христа. На пр., цвеќињата имаат свој шарм, нѐ поучуваат со нивниот мирис, со нивната величественост. Ни зборуваат за љубовта Божја. Ги распространуваат нивната арома и нивната убавина – и на грешните и на праведните.

За да стане некој Христијанин, треба да има поетска душа, треба да стане поет. „Грубите“ души Христос не ги сака во своја близина. Христијанинот – дури и кога само љуби – е поет, внатре е во поезијата. Поетските срца ја впиваат љубовта, ја поставуваат внатре во срцето, ја прегрнуваат, длабоко ја чувствуваат.

Да ги ползувате убавите моменти. Убавите мигови ја расположуваат душата за молитва, ја прават префинета, благородна, поетска. Станете наутро да го видите сонцето што царува, како излегува од морето, сето во порфира. Кога ве восхитува некој убав предел, некоја црквичка, нешто убаво, да не останувате на тоа, туку продолжете над тоа, напредувајте во славословие за сите убавини, за да го живете единствениот Убавец. Сѐ е свето, и морето, и капењето, и храната. На сѐ да се радувате. Сѐ нѐ збогатува, сѐ нѐ води кон големата Љубов, сѐ нѐ води кон Христа.

Да набљудувате сѐ што изградил човекот. Набљудувајте ги луѓето и нивната култура. Да прашувате, да ги надополнувате вашите знаења за сѐ и сешто; да не бидете незаинтересирани. Тоа ви помага за подлабоко изучување на чудесата Божји.

Сѐ што се однесува на природата ни помага многу во нашиот духовен живот, кога бива со благодатта Божја. Јас, кога ја чувствувам хармонијата на природата, постојано плачам. Зошто да ни биде здодевен животот? Да го живееме со Духот Божји, со Духот на вистината. Оној што го има Духот Божји, оној што ја има божествената мудрост на сѐ гледа со љубовта Божја, на сѐ внимава. Мудроста Божја прави сѐ да поседува и на сѐ да се радува.

Слушнете, да ви ја изрецитирам мојата омилена песна. Дело е на Ламброс Порфирас. Ова го живеам јас сега, ова го имам постојано пред себе. Се вклопува со мојот живот.

Да имаше борови осојни, да ми дадеа

еден сноп од нивните гранки безбројни,

ќе ја направев, во еден крај, близу нив,

мојата сиромашна и пустинска колиба.

Да беше лето и да ми дадеа

лисја суви, да легнам на нив,

заедно со нив да ја кажувам нивната песна,

со нив и да зазорам низ шумолењето нивно.

А потоа, ништо друго.

И кога ќе згасне така животот мој полн со радост,

малку гранки пак да ми дадат,

да бидат последната постела моја…

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Γέροντος Πορφυρίου Καυσοκαλυβίτου,

Βίος και Λόγοι, Ι. Μ. Χρυσοπηγής, Χάνια, 2003.