Кавафис: Итака

итака

Кога ќе излезеш на патувањето за Итака,

да се молиш долг да е патот,

полн доживувања, полн сознанија.

Од Лестригонците и Киклопите,

од разлутениот Посејдон не се плаши,

такви на патот твој никогаш не ќе најдеш,

ако мислата твоја остане возвишена; ако до особена

трогнатост, духот и телото твое, се допираат.

Лестригонците и Киклопите,

дивиот Посејдон, нема да ги сретнеш,

доколку не ги влечеш во душата своја,

доколку душата твоја не ги поставува пред тебе.

 

Да се молиш долг да е патот.

Многу летни утра да има

во кои со благодарност и радост

ќе влегуваш во првпат видените пристаништа;

да застанеш на пазарите феникијски,

и убави нешта да стекнеш,

седефи и корали, килибари и абонос,

и опојни мириси од секој вид,

колку можеш поизобилни опојни мириси;

во мноштво египетски градови да одиш,

да учиш, да учиш од мудреците нивни.

 

На ум секогаш да ја имаш Итака.

Стасувањето таму е предодреденост твоја.

Но не го забрзувај патувањето воопшто.

Подобро многу години да трае;

и веќе стар да се вкотвиш на островот,

богат со сѐ што се здоби на патот,

не очекувајќи богатството Итака да ти го даде.

 

Итака ти го даде прекрасното патување.

Без неа не ќе излезеше на патот.

Но веќе нема што да ти даде.

 

И ако ја најдеш сиромашна, Итака не те измами.

Толку мудар постана, со толкаво искуство,

веќе ќе разбереш што Итаките значат.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.