Епископ стобиски Давид: Преображение

tavorI. Ние, сега, нема да се впуштиме во определување на историскиот контекст во којшто денес го празнуваме големиот настан што се случи на Тавор, иако е познато дека нашево време го одликува прогонот што се спроведува врз нашата Црква. И онака, вековното искуство покажува дека оние што ја гонат Црквата, сѐ уште ја немаат определено целта на нивната историја, односно каде ги води таа, вака како што се појдени! Согласно на зборовите на еден современ отец и учител, историјата, за оние што ја гонат Црквата, т.е. Христа, претставува само едно обично, бесцелно бележење и набројување на некакви настани. Но, ние, во духот на нашето православно предание, на историјата не гледаме како на закон од причини и последици. За нас во Црквата, историјата не се развива од почетокот кон крајот, туку таа се развива од есхатонот, па се отвора кон почетокот. Не е важно толку тоа што било, колку што е важно она што ќе биде! Христос не ни доаѓа само од минатото, туку попрво од Иднината! Затоа, ние не можеме да се согласиме дека како што проаѓа времето, нештата стануваат полоши и пооддалечени од Вистината. Напротив, како проаѓа времето, нештата за нас стануваат сѐ подобри и подобри, и поблиску се до Вистината.

II. Обожувачката светлина, која блеска од Тавор, упатува, значи, и на големата разлика, која се согледува во одговорот на прашањето: како на времето и историјата гледаат луѓето во соборноста на Црквата, а како луѓето, кои ја гонат Црквата? Во тој контекст ќе се осврнеме на следново: обожението на човекот во Црквата, не се однесува само на еден негов дел, на пр. на душата или на срцето, туку на севкупното негово постоење, на сѐ што тој е; следствено, целиот човек, сето битие негово, со сите негови движења, им се радува на гонителите, благодари за искушенијата, се обожува внатре во Црквата, а никако надвор од неа. Вон Црквата остануваат притеснетоста и искомплексираноста, бидејќи оние што се одвојуваат од Црквата, се одвојуваат и од обожувачката, таворска светлина, којашто во полнота проникнува единствено во соборноста на Црквата, а вон Црквата се среќава колку за преживување.

III. Една поговорка вели дека староста никогаш не доаѓала сама, туку со неа доаѓале болеста и смртта на телото. Така ни отцепувањето од Црквата не доаѓа само, ниту останува само. Со него се јавуваат неговите верни следбеници – духовната болест и последиците од неа. Оти, како што гледаме, отцепувањето од Црквата е губење на спасоносното единство со Црквата за оние, кои застраниле во схизма, а никако не е поделба на Црквата! Бидејќи, според зборовите на светиот Кипријан Картагински, не е возможно да го има Бога за Отец, оној кој соборната Црква ја нема за Мајка. Со Христа, човекот и не може да се соедини, доколку не му припаѓа на Телото Негово – соборната Црква! Оттука, и покрај сета злоба со која не удираат гонителите на Црквата, сепак, заради таворската светлина, која блеска во соборноста, ние гориме од копнеж и нашите гонители да ги видиме вратени во единството, заедно со нас, во нашата Црква.

IV. Јасно е дека едно тело, коешто е рането од болеста, не умира баш веднаш, туку постепено. Тоа важи и за оние кои се одделуваат од соборноста на Црквата. Затоа, ќе ги парафразираме зборовите на светиот Игнатиј Богоносец, којшто вели дека секој кој зборува и дејствува спротивно на единството и соборноста на Црквата, макар и да се претставува како веродостоен, макар и да пости, макар и да чини чуда, макар и да е побожен градител, макар и да е молитвен тихувател кој мисли дека ја гледа светлината, макар и да е девственик, макар и да пророкува, „нека ви биде како волк во јагнешка кожа, којшто гледа како да им ги скине главите на јагнињата“.

V. Атмосферата, којашто ни ја создава овој празник, а Христос ова го прави не за себе, туку за нас, и сѐ што прави Христос, го прави за човекот, значи оваа атмосфера, оваа светлина бива за да ни биде покажано предназначението наше, т.е. без престан да ја созерцуваме таворската светлина и да го обожуваме нашето постоење, овде кадешто тоа е единствено возможно во полнота, значи во единството и соборноста на Телото Христово.

И, уште ова! Не е, баш, целосно точно, кога велиме дека Христос се преобрази. Треба да се дополни и дообјасни дека Христос секогаш беше таков, каков што се покажа во Неговата несоздадена светлина на гората Тавор. Поточно речено, Он им ги преобрази, им ги отвори очите на Апостолите за да го видат таков каков што секогаш Е. И нам нека ни ги отвора очите за, според силите да ја живееме несоздадената светлина; и нам нека ни дава да го созерцуваме, за, како што се вели во стиховите од богослужбата, секогаш да ни биде осветлено зацрнетото адамово естество, секогаш да се наоѓаме внатре во овој облак, којшто не носи дождови, туку Светлина, секогаш да сме во соборната Црква, којашто нема да престане да нѐ преобразува, сега, секогаш и во вековите на вековите.

Успенски манастир, Скопје, 19.08.2013