Митрополит на Месогеа и Лавреотики Николај*: „Поинаква логика“!

m.Nikolaj

Потребно е да ги најдеме нашите излези, нашите премини, да ја откриеме „поинаквата логика“. И, тоа не е тешко! Самата неорганска природа, нејзините најпрефинети тајни, ги заштитува со метафизичката логика. Се брани, наспроти суровоста на нужноста и на сетилата, со механизми кои откриваат закони и начела спротивни на природната логика. Така, во микрокозмосот, детерминизмот станува неодреденост и несигурност (теоријата на Heisenberg); а, во макрокозмосот апсолутноста на семоќта на големите димензии се пројавува како релативност (теоријата на релативноста). Според обратната аналогија, логиката на Бога ја менува Неговата пројавна неодреденост во извесност, и релативноста на неговиот лик ја преобразува во апсолутност на неговата личност. Бог не е апстрактна идеа во којашто треба да веруваш, ниту олицетворение на доброто на кое треба да му се восхитуваш, ниту, пак, е далечно битие кое треба да го откриеш. Бог е личност, којашто секој од нас треба да ја сретне. Тој е „поинаков“ според образот, којшто им се пројавува на „поинаку-создадените“, во однос на логиката и природата.

Еден опис на средбата со еден човек со „поинаква“ логика, веројатно претставува најдобар пролог за средбата со Бога:

„Времето веќе минуваше и требаше да одиме кај отец Иродион,[1] еден Романец, којшто беше или јуродив[2], луд заради Христа, или не беше човек. За десет минути стигнавме до… неговото ѓубриште. Сонцето веќе беше зајдено. На едни рушевини полни со ѓубре сретнавме еден нов херој. Осумдесет и две години, исправен на местото предвидено за врата, но… без врата. Нозете му беа потпрени на едната страна, а со половината се потпираше на другата. Цели часови поминуваше така. Без мантија. Една волнена поткошула и едни парталави панталони го покриваа неговото осветено тело. Неговата колиба – полна со ѓубре. Подот не се гледаше. Еден слој од конзерви, семки, кеси, тапи, капачиња од шишиња, лушпи, сѐ што некој можеше да си замисли; слојот од триесетина и повеќе сантиметри дебелина, претставуваше негов скапоцен тепих во неговата таинствена палата и веројатно негова постела, доколку, се разбира, воопшто спиеше испружен. На ѕидовите отпечатоци од истурени кафиња и исцедоци од фрлени портокали, а наместо домашни животни, сите видови на инсекти, мушички, бубашваби и глувци.

– „Благословете старче“, рече радосно мојот простодушен сопатник.

– „Господ“, одговори будно храбриот подвижник, без воопшто да покаже дека му пречи неговото еколошко опкружување.

– „Ти донесовме малку благослови, нешто да јадеш“, продолжува без двоумење, мојот пријател монахот.

– „О! Добри отци, многу ви благодарам. Ви благодарам. Добри отци. Многу благодарам“, одговара тој.

Та, земајќи ја кесата со благословите и продолжувајќи да ги повторува тие реченици, со нему својствена сила и изразителност ги фрлаше доматите и праските над нашите глави по ѕидовите од неговата колиба. Нивните истурени сокови го  запечатуваа моето недоумие, наведнат за и мене да не ме погоди „стрелбата“. Се обидував да ја разберам логиката на неговото благодарење, и целосно затекнат, да ја разберам содржината на неговата монашка перспектива.

Откако ги здроби макароните и ги истури од нивното пакување, откако ги расфрли бисквитите, колку што можеше подалеку, извикувајќи: „да јадат птиците, да јадат птиците“, почна да зборува за крстот Христов, Јудиното предавство и преку неартикулирани извици да го слави името Божјо.

Веќе беше започнало да се стемнува. За кратко и ќе ја изгубиме глетката. Ќе го изгубиме тоа што отец Иродион го покажуваше. Внатре, пак, во ноќта на мојата логика, бев започнал малку да се сомневам – што кријат ѓубриштата, неразбирливите зборови и, природно, целосно несфатливата логика на еден јуродив за љубовта Христова. Се сетив на авва Исаак, којшто осврнувајќи се на овие храбри светители, кои живеат: „во безредие, бивајќи дисциплинирани“, заклучува: „да нѐ удостои Господ вакво безумие и ние да достигнеме“. Значи, оваа е логиката за којашто ми зборуваше и старецот Паисиј?

Се вратив назад за уште еден скришен поглед. Неговото лице, грдо по природа и диво од начинот на однесување, превозвишено блескаше од благодатта Божја. Толкав беше блесокот негов што ги задолжуваше моите глинени очи и „несозерцателно“ срце за невообичаено согледување на поинаков вид и поинаков свет. Неговиот таинствен изглед останува сѐ уште длабоко врежан во моето сеќавање.

Заминав и повторно се нурнав во ѓубрето на моето јас. Тој остана чекорејќи над ѓубрето на логиката од овој свет. Го мислев и му се восхитував на издржливоста и неговото херојство. До денес, иако ја разбирам вредноста и величието на неговата логика, не можам да ја сфатам нејзината граѓа. Сигурно, логиката е најголемиот отклон од лудоста заради Христа. Веројатно и нејзиниот крст е конечно потежок од крстот на отецот Иродион.

На универзитетот на ѓубриштето и јуродивоста, се охрабрив да ја предизвикам логиката, гламурот и префинетоста на моите, тогаш свежи, искуства од Harvard и MIT. Тогаш ѓубрето почна да благомириса како цвеќе, инсектите да се преобразуваат во птици, искинатите кеси во дипломи и публикации, а отецот Иродион многу „поинтелигентен“ и поуспешен од моите професори – нобеловци! Нивната логика заличуваше на тркачки автомобил; логиката на јуродивите заради Христа на ракета. Првиот се движи до 320 километри на час. Втората од 29.000 километри на час па нагоре. Првиот се движи хоризонтално. Втората вертикално. Во првиот случај, ако ја надминеш границата, се превртуваш во провалија. Во вториот, ако ја надминеш, се издигнуваш, ја надминуваш земјината тежа, бегаш, се ослободуваш. Првите, луѓето на логиката, колку и да трчаат, ја газат земјата. Отецот Иродион замина од овој свет без да ја има допрено. Без да го има допрено…“.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Νικολάου Μητροπολίτου μεσογαίας και λαυρεωτίκης, Άνθρωπος μεθόριος, Εκδόσεις Εν πλώ, Αθήνα, 2010.

*Митрополитот на Месогеа и Лавреотики Николај е роден во Солун, во 1954 година. Дипломирал на одделот за Физика на Универзитетот во Солун. Во САД ги продолжил своите постдипломски студии по Астрофизика (Harvard), и Биомедицински инжинеринг (MIT). Паралелно, а во прилог на неговите научни истражувања, студирал на Теолошкиот факултет во Бостон, кадешто станува магистер по теологија. Во 1989 год., се вратил во Грција, станал монах и 14 години служел во метохот на светогорскиот манастир Симонопетра, во Атина. Докторирал на Богословскиот факултет при државниот Аристотелов универзитет во Солун во областа на христијанската етика и социологија (биоетика). Од 1991 год., па наваму, држи универзитетски курсеви со медицинска, биоетичка и теолошка содржина на медицинските факултети при Универзитетите во Атина и Крит, како и на Теолошкиот факултет во Либан.


st.Irodion[1] јуродивиот старец Иродион е роден во 1904 год., во Романија. Бил светогорски монах. Цели шеесет години живеел во светогорската пустина Капсала, секогаш сам, никогаш не грижејќи се ниту за облека, ниту за храна. Шеесет години – научник Божји, шеесет години – срдечна молитва. Како јуродив се здобил и со дарот на прозорливост. Се упокоил во 1990 год.

[2] јуродивост – Црквата е Тело Христово и секој што му припаѓа на тоа Тело се наоѓа во заедница со сите останати членови. Секој член на Црквата по нешто се разликува од останатите, секој поседува некаква особеност. Еден од најтаинствените, најтешките и најнеразбирливите подвизи во Црквата е подвигот на јуродивите, односно на лудите заради Христа. Јуродивите доброволно се кријат под маската на безумност и живеат надворешен живот, којшто се коси со нормите на светот, презирајќи ги општоприфатените правила на овој свет. Истовремено, тајно живеат мудар внатрешен живот во кој се раководат според опитот на внатрешната философија, без престан пребивајќи во љубовта за Бога.