Старец Јосиф Ватопедски: Што е клеветата и зошто треба да ја издржиме?

gerontas Iosif

Клеветата е најширокиот опсег на омразата и злото, и најболната рана за оној којшто ја трпи. Клеветата претставува одбранбено оружје на инфериорноста. Бидејќи не може да си ја покрие голотијата и ништожноста, се обидува да ги оцрни оние коишто се наоѓаат на повозвишено рамниште; за да се оправда, како што си мисли!

Бидејќи е лажна и неправедна закана, претставува најтешка рана за оној што ја поднесува. Праведно, пророкот Давид, обраќајќи се кон Бога, велеше: „Избави ме од клеветата човечка и ќе ги чувам твоите заповеди“ (Пс. 118. 134).

Непријателот, ѓаволот ги познава суровоста и скрбта што ги предизвикува ова зло и го користи против неговите силни противници. Неговата цел е да потклекне нивната издржливост. Неа ја предизвика и кај нашиот Господ, преку фарисеите.

Клеветата, според лошотијата и лукавоста, го зазема првото место во каталогот на злобата.

Го има, пак, и првото место во каталогот на достоинственоста и доблесниот живот. Наградата за неа го надминува нивото на сеопфатниот труд во подвизите.

Само благодатта и покровот на богодоличната љубов можат да го издржат овој товар на неправедното клеветење. Верниот нека го има како архетип нашиот Господ, Којшто им простуваше на ѓаволоподобните клеветници. „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука. 23. 34).

Оние, коишто го подигнале овој најтежок крст, го здобиле и достојното блаженство: „Блажени сте кога ве срамотат и прогонуваат, и лажејќи говорат против вас секакви лукави зборови, заради Мене“ (Матеј. 5. 11).

Како носители и припадници на љубовта ја прифаќаме и поднесуваме оваа ѓаволска рана имајќи го за пример нашиот Господ и го поимаме значењето на: „голема е платата ваша на небесата“ (Матеј. 5. 12).

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Γέροντος Ιωσήφ Βατοπαιδινού, Συζητήσεις στον Άθωνα, Ιερά Μεγίστη Μονή Βατοπαιδίου, 2003.