Старец Паисиј Светогорец: Помирување со смртта

athos– Старче, ја соопштија конечната дијагноза. Туморот што го имате е рак и тоа свиреп!

– Донеси едно шамивче да заиграм на „Остани ми со здравје кутар свету“! Во мојот живот никогаш немам играно, но сега од радост што ми се приближи смртта, ќе заиграм.

– Старче, лекарот рече дека најпрвин ќе треба да ви направат зрачење за да се намали туморот, а потоа ќе следува и операцијата.

– Разбрав! Прво ќе бомбардира авијацијата и потоа ќе се случи нападот! Значи, ќе одам горе и ќе ви донесам вести!… Некои луѓе, дури и постари, доколку лекарот им каже: „ќе умреш“ или: „педесет проценти е надежта да преживееш“, се секираат. Сакаат да живеат. Што ќе постигнат? Се чудам! Доколку некој е млад, на некој начин тоа е оправдано; но, еден остарен човек да прави обиди за да живее, тоа не го разбирам. Друго е да зема терапија, за некако да може да ја издржи болката. Значи, не сака да го пролонгира неговиот живот, но само сака малку да се поподносливи болките и да се самообслужува, додека да се упокои; тоа има смисла.

– Старче, го молиме Бога да ви го продолжи животот.

– Зошто? Псалмот не вели дека: седумдесет се годините на нашиот живот?[1]

– Сепак, Псалмопевецот додава: ако е човекот покрепок и осумдесет години“…

– Да, но вели и дека: повеќето од нив се мака и болка; така што подобар е одморот во другиот живот!

– Можно ли е, Старче, некој, од смирение, да не се чувствува духовно подготвен за другиот живот и да сака уште да живее, за да се подготви?

– Тоа е добро, но од каде знае дека ако живее уште, нема да стане полош?

– Старче, кога се помирува некој со смртта?

– Кога? Доколку Христос живее внатре во него, тогаш смртта е радост. Не да се радува затоа што ќе умре, бидејќи му здодеал животот. Кога ѝ се радуваш на смртта, во добрата смисла, тогаш смртта бега и оди да најде некој страшливец! Кога сакаш да умреш, не умираш! Оној што си има добар провод, се плаши од смртта, бидејќи се задоволува со светскиот живот и не сака да умре. Ако му спомнат за смртта, вели: „Помести се од местото“! Оној, пак, што се измачува, што трпи болки и сл., ја смета смртта за избавување и вели: „штета, сѐ уште нема дојдено смртта да ме земе… Изгледа ја снашла некоја пречка“!

Малкумина луѓе ја сакаат смртта. Повеќето сакаат нешто да довршат и не сакаат да умрат. Добриот Бог, пак, устројува секој да се упокои кога ќе созрее. Сепак, еден духовен човек, млад или стар, треба да се радува што живее, да се радува што ќе умре, но да не настојува да умре, оти тоа е самоубиство.

За еден умрен за светот, а духовно воскреснат, никогаш не постои агонија, страв и стрес, затоа што ја чека смртта со радост, бидејќи ќе оди близу до Христа и ќе торжествува. Но, се радува и затоа што живее, бидејќи повторно живее блиску до Христа и на земјата чувствува еден дел од радоста на рајот, та се прашува дали постои повозвишена радост во рајот од оваа што ја чувствува на земјата. Таквите луѓе се подвизуваат со љубочестие и себеодрекување и бидејќи ја ставаат пред нив смртта и секојдневно размислуваат за неа, се подготвуваат подуховно, посмело се подвизуваат и ја победуваат суетата.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Γέροντος Παΐσιου Αγιορείτου, Οικογενειακή ζωή, Ι.Η. Ευαγγελιστής Ιωάννης ο Θεολόγος, Σουρωτή, Θεσσαλονικης, 2003.

[1] види Псалм 89. 10