Свети Исаак Сирин: Слово 25. За трпението, коешто се збива заради Божјата љубов и како во него се наоѓа љубовта и помошта Божја.

sv. isaak sirin

Онолку, колку што човекот го презира овој свет и ревнува во стравот Божји, во таа мерка нему му се приближува промислата Божја и човекот мистично ја  чувствува нејзината помош, та му се даваат чисти помисли, за да ја разбере Божјата промисла. И, доколку некој своеволно се одрече од овоземните добра, тогаш, сразмерно на тоа во која мерка се лишува, него ќе го следи Божјото милосрдие и ќе го крепи Божјото човекољубие. Нека биде препрославено името на Бога, Којшто нѐ спасува нас и преку средства од десно и преку средства од лево, та ни дава причина, преку сите овие средства да го пронајдеме нашиот живот, затоа што и на оние, кои се со немоќна воља и не можат да го достигнат вечниот живот, им ги раководи душите, преку волните невољи, во доблеста.

Ниту оној сиромашниот Лазар не беше своеволно лишен од овоземните добра; а, и телото негово беше прекриено со рани, та истовремено го камшикуваа две горки страдања, од коишто едното полошо од другото; па сепак, подоцна беше почестен во прегратките Авраамови. Бог секогаш пребива блиску до растаженото срце на оние, коишто во скрб и притесненија повикуваат кон Него. И, ако некогаш ги нажалости нив со телесни страдања или ги искуша преку други начини (а, сѐ додека не се навикнеме на сето ова, го прави тоа за наша помош, оној лекар, којшто ги сече деловите на тешко болниот и му го враќа неговото здравје), сепак, на душата, Господ ѝ покажува големо човекољубие.

Затоа, кога копнежот Христов не победува во тебе, на тој начин што ќе бидеш бестрастен при сите свои невољи, заради радоста што произлегува од тој копнеж, тогаш знај дека копнежот кон светот во тебе е појак, отколку копнежот Христов. Кога болеста, немаштијата, исцрпеноста на телото и стравувањето од она што му штети на телото ја поматуваат твојата мисла и ја отсекуваат од неа радоста, која произлегува од твојата надеж кон Бога и од грижата по Бога, знај дека во тебе живее љубовта кон телото, а не љубовта Христова. Едноставно речено, кон што во тебе преовладува копнежот, тоа и живее во тебе. Ако се случи да ги имаш сите неопходни нешта, ако телото ти е здраво, не се плашиш од твоите непријатели, та да кажеш тогаш дека – можеш чисто да патуваш кон Христа, знај дека си немоќен со умот и лишен од знаењето на славата Божја. И, не те судам затоа што си таков, туку повеќе заради тоа да осознаеш, колку многу ти недостасува за да би го достигнал совршенството, иако во тебе се наоѓа нешто од животот на Отците, кои живееле пред нас. Немој да речеш дека не постои човек чиј ум целосно би се ослободил од телесната немоќ, кога неговото тело се дави од искушенијата и невољите, зашто тогаш љубовта Христова ја победува тагата на разумот. Нема да потсетувам на светите маченици, за и самиот да не изнемоштам пред многубројните нивни страдања. Ќе замолчам во однос на тоа, како нивното трпение, коешто извираше од силата на љубовта Христова, ги надвладеало големите измачувања и копнежот на телото. Нема да се зафаќаме со тоа, бидејќи и самото потсетување е жално за луѓето, оти го поматува умот со величественоста на делото, та затоа да замолчиме за овие нешта.

Да ги испитаме безбожните, наречени – философи. Еден од нив си ја поставил на себе си како закон мислата за тоа да го одржи молчанието неколку години. Римскиот цар, воодушевен, кога слушнал за тоа, посакал да го подложи на искушение. Затоа, заповедал да го донесат пред него и кога видел дека тој одлучно молчи при секое прашање кое му го поставувал и не одговара, се разгневил царот на него и заповедал да го погубат бидејќи не го почитувал престолот и круната на славата негова. Философот, меѓутоа, не се уплашил, туку напротив го одржувал својот закон и во тихување се подготвувал за смртта. Царот, пак, на извршителите на пресудата им издал наредба: „Ако се уплаши од мечот и го наруши својот закон, погубете го; а, ако си го запази неговиот закон, вратете ми го жив“.

Кога философот се приближил на местото на пресудата и додека тие, кои биле одредени да го погубат, го присилувале да го наруши својот закон за да не биде погубен, тој размислувал: „Подобро е да умрам во еден миг и да го сочувам својот закон, заради кој, толку време правев подвиг, отколку да ме победи стравот од смртта, да ѝ се потсмеам на својата мудрост и да се осрамотам себе си, дека под принуда го разврзав молчењето за да ја избегнам смртта.“ Потоа, вака размислувајќи, без вознемиреност, тој се испружил себе си на земјата за да биде исечен од мечот. За тоа го известија царот, та тој се восхитил и го ослободил со големи почести.

Некои целосно ја погазиле плотската потреба, други со кротост поднесувале навреди и обвинувања; некои, без жалење, поднесувале тешки телесни болести, а некои го покажале своето трпение во страдања и големи несреќи. Ако тие трпеле заради суетна слава и надеж, зар не сме должни многу повеќе да ги трпиме сличните нешта, ние монасите, призвани од Бога да бидеме заедничари на неговите страдања и неговата слава?

На таа слава и да се удостоиме, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија и на сите светители, коишто со многу пот и труд Му угодија на Бога, Кому нека е слава и чест во вековите на вековите. Амин.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

Од:

ΤΟΥ ΟΣΙΟΥ ΠΑΤΡΟΣ ΗΜΩΝ

ΙΣΑΑΚ ΤΟΥ ΣΥΡΟΥ

ΤΑ ΣΩΖΟΜΕΝΑ ΑΣΚΗΤΙΚΑ

ΕΚΔΟΤΙΚΟΣ ΟΙΚΟΣ ΒΑΣ. ΡΗΓΟΠΟΥΛΟΥ

ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ 1989

текстот е објавен во периодиката “Соборност”, бр. 37 – 39, 2013