Кратко житие на светиот Исаак Сирин

sveti isaak sirin

Светиот отец наш Исаак, великиот и чудесен во доблеста, небесножителниот човек и земниот ангел, по род Сириец, роден е, според едни – во Нинивија, Месопотамија, според други – во Сирија.

Во младешката возраст, заедно со неговиот брат, заминал во манастир. Откако ја облекол ангелската схима и откако се подвизувал во аскетските борби и трудови на општежителниот монашки живот, се оддалечил „сам со Бога“ во осамена келија недалеку од манастирот, кадешто се посветил на отшелнички живот и молитвено тихување.

Не требаше свеќата да биде сокриена во пустината, туку да биде поставена на пастирски свеќник. Кога се прочул по светоста на неговиот живот, ученоста и чудотворството, тој бил избран за Епископ на големиот град Нинивија. На епископскиот, пак, престол, останал само пет месеци. Извесен е еден настан од тој период на неговиот живот. Имено, на светиот Исаак Сирин, во Епископијата му дошле на суд двајца противници. Едниот барал должникот да му го врати долгот, другиот молел да му се одложи враќањето на споменатиот долг. Светиот Исаак Сирин започнал да го советува оној што го барал долгот да почека за враќањето, бидејќи светото Евангелие учи дека воопшто и не треба да го бараме тоа што некој ни го должи. Но, на таа поука на светителот, оној човек, којшто го барал долгот, грубо одвратил: „Бре, оче, остави го веќе тоа Евангелие“! Штом ги чул тие зборови, светиот Исаак Сирин рекол: „Кога овие не го слушаат Евангелието, тогаш што барам јас тука“! Тој тајно се повлекол на гората Мат и таму живеел пустиножителен живот.

Светиот Исаак Сирин составил многу дела од коишто најпознати се неговите прочуени „Аскетски слова“, т.е. неговите беседи за подвижничкиот живот, кои претставуваат омилено четиво за сите Христијани, а особено за монасите. Познато е дека единствената книга, којашто во својата монашка келија ја чувал извесниот подвижник на XX-от век, старецот Паисиј Светогорец, биле словата на светиот Исаак Сирин.

Големиот отец и раководител во духовниот живот, светиот Исаак Сирин, живеел и се упокоил во VII-от век.