Свети Исаак Сирин: Слово 48. За тоа, поради кои причини, Бог им ги допушта искушенијата на оние, коишто го љубат.

Од љубовта, којашто светителите ја покажуваат кон Бога, низ сѐ што поднесуваат заради името Негово, нивните срца се стекнуваат со дерзновение – Него да го гледаат слободно, та со увереност да бараат од Него исполнување на нивните молби, оти голема е силата на молитвата, којашто се збива со дерзновение пред Бога. Затоа, Бог ги остава светителите негови, да бидат искушани со секаква скрб, за да добијат опит од Неговата помош и од Неговата промисла – бидејќи, преку искушенијата стекнуваат мудрост и совест; та, да не бидат лишени од ученоста, да не се неуки и да не им е ускратена извежбаноста и на двата дела, на доброто и на лошото, па низ опит да стекнат знаење за сите Негови творби, не претрпувајќи измами од демонот; зашто, доколку се вежбаа само во добрите нешта, тогаш ќе беа лишени од вежбањето во лошите нешта; и, следствено, во борбите ќе беа соголени и неискусни.

Но, ако кажеме дека Бог може да ги извежба нив, без точно да ги познаваат искушенијата, тоа би значело оти Бог сака неговите возљубени пријатели да станат како бесловесните животни, кои немаат слобода во ниедна работа. Човекот, никогаш не го чувствува доброто, доколку не го искуси злото; за, кога ќе ги сретне добрата, да ги употреби нив со знаење и слобода, како негови сопствени. Колку е слатко знаењето, коешто е стекнато преку искуството во делата и преку подвигот, и каква сила му овозможува на оној, којшто го стекнал знаењето преку мноштвото  опит. На оние, коишто ја почувствувале помошта и нејзината вредност, ним им е позната немоќта на човечката природа и помошта на Божјата сила; тие тогаш ја чувствуваат и помошта на знаењето. Кога Бог ја одзема од нив Неговата божествена сила, тогаш прави да ги почувствуваат: немоќта на човечката природа и тешкотијата на искушенијата, злобата на непријателот и со кој непријател се борат, со каква немоќна природа се облечени, како и тоа дека навистина се запазени со Божјата сила, колку напреднале во доблеста, колку се воздигнале преку неа, и дека кога од нив ќе се оддалечи божествената сила, немоќни се против страстите. А, Бог го прави ова, за преку сето тоа да се стекнат со смирение и да се приближат кон Него, да ја примат Неговата помош и да истраат во молитвата. И, како би ги научиле сите овие нешта, освен искусувајќи мноштво зло и многу искушенија, во коишто паднале по Божјото допуштение, како што вели Апостолот Павел: „за да не се погордеам заради мноштвото откровенија, ми се даде трн во телото, ангел сатанин“? Но, кога преку искушенијата човекот стекнува цврста вера во Божјата помош, којашто многупати и ја примил, постанува бестрашен и се здобива со смелост во искушенијата.

Искушението е корисно за секој човек, бидејќи ако искушение му беше полезно и на Апостолот Павел, тогаш нека „се затвори секоја уста и сиот свет нека биде виновен пред Бога“. Подвижниците биваат искушувани за да го зголемат своето духовно богатство; мрзливите, пак, за така да се сочуваат од оние нешта, кои би им наштетиле; оние, коишто се наоѓаат далеку од Бога, за да се приближат кон Него; а, пак, пријателите Божји – за да имаат дерзновение. Неизвежбаниот син, не го прима богатството на помошта на неговиот Небесен Отец. Затоа, Бог најпрвин го искушува и го измачува неговиот слуга, па дури потоа му го покажува дарот. Нека е препрославено името на нашиот Владика, Којшто преку горки лекови ни го дава нам слаткото здравје!

Не постои ниту еден помеѓу луѓето, којшто за време на вежбањето не се оптоварува и не негодува; и, не постои ниту еден на когошто тој период не му изгледа како горчливо време – кога го испивал лекот на искушенијата, без коишто е невозможно да се здобие со моќен карактер. Но, не е во наша моќ да ги поднесеме искушенијата. Инаку, како е можно земјен сад да ја задржи водата, доколку Божјиот оган не го утврди? Ако се ставиме во послушание на Божјата воља, сѐ што ќе побараме со смирение, горешт копнеж, истрајност и трпение – ќе добиеме. На нашиот Бог слава во вековите. Амин.

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од:

ΤΟΥ ΟΣΙΟΥ ΠΑΤΡΟΣ ΗΜΩΝ

ΙΣΑΑΚ ΤΟΥ ΣΥΡΟΥ

ΤΑ ΣΩΖΟΜΕΝΑ ΑΣΚΗΤΙΚΑ

ΕΚΔΟΤΙΚΟΣ ΟΙΚΟΣ ΒΑΣ. ΡΗΓΟΠΟΥΛΟΥ

ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ 1989

текстот е објавен во периодиката “Соборност”, бр. 37 – 39, 2013