Митрополитот на Лемесос Атанасиј: Придвижен од бескрајна љубов…

lemesos

На сите нам ни е познато тоа што го слушаме во Црквата, дека: Бог стана човек за да го обожи човекот. Ние, денешните луѓе, значи луѓето после падот на првиот Адам, не знаеме како човекот излезе од рацете Божји. Се разбира, познато ни е од Светото Писмо дека – Бог го создаде човекот според образот и подобието Негови.

Светото Писмо не е научна книга, ниту антрополошка книга, ниту книга од областа на географијата, астрономијата, ниту било што од сето тоа. Оттука, смешни се стравувањата што се појавуваат одвреме навреме, коишто заплашуваат дека, доколку се најдат фосили, или, доколку се појават астронаути, кои ќе откријат други животи на други планети, што ли ќе претрпи Црквата и што ли ќе претрпи Светото Писмо, односно дека тогаш, на некој начин, ќе бидат во опасност да се срушат!

Не постои таква опасност, бидејќи Светото Писмо зборува за други факти! Фактот, којшто нѐ засега нас Христијаните е дека Бог од небитие, од ништо (εκ του μη όντως, εκ του μηδενός), придвижен од бескрајна љубов, го создаде човекот. Го создаде човекот според Неговите образ и подобие. Значи, му го даде Неговиот образ, сите харизми, дарови, коишто ги има Самиот, односно на некој начин направи еден примерок од Себе си, еден светлопис од Себе си; оти, тоа значи „според образ“ (κατ’ εικόνα): сѐ што Бог има во Неговата природа ни го даруваше нам како дар, како благослов; та, на тој начин ја покажува големата вредност на човекот, т.е. дека човекот е цар на сета твар, центар е на севкупното создание.

Христос дојде во светов не за да ни открие идеи, ниту да ни даде некаква философија или одредени начела, но дојде во светов за да ни се даде Себе си; и, му се дава на светов секојдневно во Црквата, на светата Евхаристија…

Тоа е смислата на овоплотувањето на Логосот Божји…

 

превод од грчки: Епископ стобиски Давид

(отсечоци од снимена беседа на Митрополитот на Лемесос Атанасиј)