Епископ стобиски Давид: Христос се роди!

bozik

Денес, кога го празнуваме воплотувањето Христово, возможно е некој да го постави прашањето: зошто се воплоти втората ипостас на Света Троица, а не стана човек на пр. Отецот или Светиот Дух! На ваквото прашање, Отците на Црквата одговараат со следниве зборови: затоа што човекот е икона Христова! Логосот е Создател на човекот, согласно на напишаното во Светото Писмо: рече Бог и би, од што недвосмислено е јасно дека Бог сѐ создаде преку Словото. Затоа и Словото стана човек, за да го спаси човекот што го создаде. Човекот е икона Христова, образ на Логосот, та следствено Он стана човек, а не некое од другите две лица на Света Троица.

Оттука, според зборовите на светиот Хризостом: Рождеството Христово е Митрополија на сите празници во Црквата! Доаѓа Господ во овој свет смирено! Нетелесниот се вотеловува, невидливиот станува видлив! Станува сиромашен за ние да се обогатиме! Од љубов се воплотува! Се спушта Господ, за да се издигне човекот! Доаѓа блиску до нас, за ние да се доближиме до него, да го обожиме сопственото постоење! Небото се спушта на земјата и човекот едноставно ја пружа својата рака за да го прими новиот живот! Според зборовите на светиот Атанасиј Велики: кога сонцето не бива загадено доаѓајќи во допир со разните предмети на земјата, ниту го губи блесокот, туку напротив, сѐ осветлува и очистува, тогаш колку повеќе Логосот Божји, Создателот на сонцето, со тоа што се воплоти не само што не беше загаден, туку поточно речено, бивајќи Самиот нераспадлив – го оживотвори и го освети распадливото тело! Затоа, со воплотувањето Христово човекот станува син Божји!

Навистина претставува штета кога луѓето му се доближуваат на овој празник без грам теологија. Кога остануваат само на подготвување храна, на украсување и на фолклор. Со други зборови кажано, кога го прославуваат Рождеството Христово, но без Христа! Токму како што тоа, за жал, го прават нашите браќа од схизматичкото опкружување, кои упорно остануваат вон Соборноста и кои дури и за Божик го гонат Богомладенецот Христа и нашата Црква, со тоа што го ставаат Архиепископот охридски Јован во затвор и со тоа што по овоземните судови развлекуваат Христијани: Епископи, свештеници, монахињи и верници! Но, како и да нѐ нарекуваат, што и да ни прават, колку и да се занимаваат со нас, за нас, нивното рамниште никогаш нема да биде смислата на Рождеството Христово, ниту, пак, било кога ќе го прославуваме раѓањето на Богочовекот Христос, прогонувајќи, онеправдувајќи и осудувајќи луѓе!

За нас, смислата и целта на прославата на денешниот празник секогаш ќе бидат зборовите: Бог се вочовечи, за човекот да стане бог по благодат! Бидејќи, доколку целта беше ние само да ги научиме вистините од Евангелието, тогаш Бог и не мораше да станува човек, туку можеше да ни го покаже тоа учење преку Пророците и Апостолите! Но, ќе можевме ли ние тогаш да Го љубиме ако не Го познававме, ако никогаш му Го немавме видено лицето, ако останеше за нас невидлив и недостижен? И, како би било возможно да воспоставиме заедница со еден таков далечен, недостапен и студен бог? Сепак, Логосот Божји ја премости онтолошката провалија, којашто постоеше помеѓу Бога и човекот, та човештвото го виде и го гледа лицето на нашиот Господ Иисус Христос, бидејќи Логосот стана плот и живееше помеѓу луѓето, а и денес ни се дава во Соборната Евхаристија! Затоа, често нагласуваме дека Црквата не е некаков философски систем, којшто ќе нѐ направи подобри луѓе, туку во Соборната Црква го стекнуваме опитот од познанието на Богомладенецот Христос, ја стекнуваме полнотата на заедничарењето со Соборниот Христос, преку причестувањето со Неговите Тело и Крв!

Денес сме собрани далеку од човечката суета на светската моќ. Собрани сме во смирената Витлеемска пештера. За Христос да се роди во нас, Он дејствува во пештерата на нашето срце во коешто влегува со својата несоздадена благодат и во него преобразува сѐ што е непреобразено; та, тогаш нашето срце дејствително станува престол на Богоотрокот Христос. Таму се совршува тајната на нашето спасение! Зошто баш таму? Според зборовите на Отците, каква ќе беше ползата од Рождеството Христово доколку не го познавме дејствително токму во сржта на нашето битие! Оти, возможно е некој да знае за Христа на еден интелектуалистичко-теоретски начин, но истовремено да не го познава во длабочината на своето битие, па оттука да остане и неопитен за Љубовта.

Оној Којшто на земјата носи мир и помеѓу луѓето добра воља, уште со самото Негово доаѓање во светот започна да го трпи прогонот! Значи, од прогонот од страна на Ирод, па до смртта на крстот! Ние секогаш да го примаме во нашите срца прогонетиот Богомладенец на мирот и љубовта, да го примиме во нас Сонцето на правдата, сведочејќи така дека Рождеството Негово не е само далечен историски настан, туку дека и денес е победа на Божјата љубов, којашто и од нас прави синови и ќерки на Светлината, деца Христови, во Отца, преку несоздадената благодат на Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Христос се роди!

во Манастирот Успение Богородично, Скопје, 07. 01. 2014 г.