Епископ стобиски Давид: За светиот пророк и псалмопевец Давид

psalmopevecot

Со кои слова да го восфалиме, денес, блажениот Давид? На почетокот ќе кажеме дека, кога Давид ќе ја разигра неговата духовна лира преку Псалмите, веднаш се буди нашето најдлабоко вонмем и изразот негов ја омудрува мислата човекова. Следствено, од сите книги на Стариот и Новиот Завет, се чини книгата Давидова е помеѓу омилените на Христијаните, та тие ја имаат во срцето и на усните, ден и ноќ. И на црковните бденија и во домашната молитва, како скапоцено миро Давидовите стихови се разлеваат и на почетокот, и на средината и на крајот од словесната служба Богу. Како што вели светиот Хризостом, пророкот што денес го празнуваме – земјата ја прави небо, а луѓето ги прави ангели!

И уште нешто! Токму овој цар и псалмопевец на крајот од неговиот извесен псалм на преумувањето, ќе испее: по благоволението Свое, Господи, чини му добро на Сион и нека се подигнат ѕидовите Јерусалимски. Некои од отците на Црквата вака ги толкуваат овие стихови: подигнувањето на ѕидовите Јерусалимски е всушност градбата на еден Нов Јерусалим, односно на Црквата како Тело Христово. Ние денес сме граѓани на Новиот Јерусалим и знаеме дека овој наш земнонебесен град е стекнат со крвта Христова. Истовремено, знаеме и дека мноштво прогони, расколи и ереси направија и прават сѐ токму против крвта на Синот Божји, пролеана на Голгота! Но, со Црквата се случува она што се случува со дрвјата кои биваат шибани од силните бури и ветришта! За да опстојат, дрвјата ги пуштаат своите корења уште подлабоко во земјата, стекнувајќи на тој начин скапоцен опит и цврстина.

Нашите корења се длабоко во затворите и мачеништвото на Архиепископот охридски Јован, во страдањата на целата наша Црква, во пролеаната крв Христова! Денес, со кротоста на Богоотецот Давид ги повикуваме оние, коишто живуркаат вон Соборноста на Црквата, да се ослободат од предрасудите, та страдањата на Архиепископот охридски Јован и на Соборната Црква, да станат и нивно црковно наследство, за така, врз сите нас заедно, да се исполнат зборовите – вратите на пеколот, Соборната Црква нема да ја надвладеат (Матеј. 16.18)!

Успенски манастир, Скопје, 12.01.2014 г.