Кавафис: Чекајќи ги варварите

konst-kavafis

Соништата од детството и радоста од игрите одненадеж биваат заменети со секојдневната груба стварност! Притиснат од грижите за опстојување и нурнат во несигурноста за иднината, и згора на сѐ во една нагласена осаменост, човекот заборава зошто живее и се соголува од вродениот поетски јазик, кој блика, кој извира во него, изразувајќи ја така неговата личност. Поезијата бива прогонета од животот! Мноштвото луѓе се задушуваат во неплодниот јазик на ежедневните: политика и вести! Варварите ли се виновни? Да видиме што вели Кавафис!

– – –

ЧЕКАЈЌИ ГИ ВАРВАРИТЕ

– Што чекаме на плоштадов собрани?

Чекаме варварите да стигнат денес.

 

– Зошто внатре во Собранието едно такво бездејствие?

Зошто пратениците седат, а не законодаваат?

 

Бидејќи варварите ќе стигнат денес.

Какви закони веќе да донесат пратениците!

Варварите штом дојдат, тие ќе законодаваат.

 

– Зошто нашиот автократор толку рано стана,

та седи на најголемата порта во градот,

на тронот, службен, круната носејќи ја?

 

Бидејќи варварите ќе стасаат денес,

и автократорот чека да го прими

нивниот водач. Навистина, подготви

да му предаде еден пергамент. Таму

му испиша многу титули и имиња.

 

– Зошто двајцата наши конзули и преторите излегоа

денес со црвените, со исткаените тоги!

Зошто белегзии носеа со толку аметисти,

и прстени со толку блескави, сјајни смарагди!

Зошто ги зедоа денес бастуните многуцени,

со сребра и злата посебно изгравирани?

 

Бидејќи варварите ќе стасаат денес,

а таквите нешта ги заслепуваат варварите.

 

– Зошто и достојните говорници не доаѓаат како секогаш

да ги кажат нивните говори, да го речат своето?

 

Бидејќи варварите ќе стигнат денес,

а тие се досадуваат од говори и творештво.

 

– Зошто одеднаш би овој немир

и збрка? (Лицата колку ли сериозни биднаа)!

Зошто се празнат брзо патиштата и плоштадите

и сите се враќаат в куќи мошне замислени?

 

Оти падна ноќ, а варварите не дојдоа.

И некои пристигнаа од границите,

и рекоа дека варвари веќе не постојат.

 

И сега што ќе бидеме без варвари?

Тие луѓе беа за нас некој вид решение.

 

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.