Кавафис: Бог го напушта Антониј

Кога одеднаш, в полноќен час, се чуе

трупа невидлива, како минува

со преубава музика, со звуци –

среќата твоја која веќе отстапува, делата твои

кои не успеаа, плановите на твојот живот

кои се покажаа заблуди, напразно немој да ги скрбиш.

Како одамна подготвен, како смел,

збогувај се со Александрија, која заминува.

Пред сѐ, не се залажувај, не вели дека било

еден сон, дека ти е измамен слухот твој;

такви празни надежи не примај.

Како одамна подготвен, како смел,

како на оној што му личи удостојувањето со еден таков град,

приближи се цврсто до прозорецот,

и чуј ги со трогнатост,

а не со молбите и поплаките на страшливците,

како последна наслада на звуците

прекрасните инструменти на мистичната трупа,

и збогувај се со Александрија, којашто ја губиш.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.