Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид (Нинов): Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј – чувар на Соборноста на Црквата! (одговор на клеветите во песната „Амфилохиј“, во изведба на пејачот Горан Трајкоски)

сослужување

Истакнатиот музичар и пејач Горан Трајкоски, во албумот на музичката група Мизар, со наслов „Кобна убавина“, од 2004 год., ја отпеа песната со наслов „Амфилохиј“. Од поединци, песната е окарактеризирана како „епска песна на Мизар за српскиот Владика Амфилохиј“, а на народот му се нуди под мотото без расудување: „сѐ за Македонија“; па, ете, под тоа: „сѐ“, да се подразбира дури и продлабочување на расколот врз темелите на клеветите, коишто споменатиот пејач ги пее за канонскиот Митрополит на Соборната Црква Христова, за Архиепископот цетињски Амфилохиј!

Сметавме дека не ќе беше добро Црквата веднаш да одговори на посочената стихотворба. Се разбира, ние немаме апсолутно ништо против личноста на авторот на песната, та следствено отсуствуваше и потребата да пишуваме одговор, тогаш кога неговата острастеност против Архиепископот цетињски и Митрополит црногорско-приморски Амфилохиј беше вжештена; бидејќи, долевање масло во огнот, никому не му е од полза! Затоа, си поставивме за цел трпеливо да сочекаме и, од една објективна временска дистанца, да согледаме што всушност се постигна со пеењето на предочената песна, притоа нагласувајќи дека ние ниту можеме, ниту сакаме да оспориме било чие право на слободен израз!

Сепак, заради историското помнење, неопходно е на почетокот од ова обраќање да појасниме дека, по негов слободен избор, пејачот Горан Трајкоски е припадник на расколничка црква, односно ја исповеда еклисиолошката ерес на расколот. Во историјата на Црквата, постоеле подобни расколници и еретици, коишто со цел нивното учење да стигне побрзо до широките народни маси, истото го запишувале во стихови, кои ги пееле на народните собранија. Едно од најпознатите такви песнопенија е збирката „Талија“ на извесниот цркворушител Ариј. Со песната, пак, којашто е предмет на нашево обраќање, нејзиниот автор, во историјата на Источната Православна Црква ќе остане запаметен како дел од  индивидуите, коишто се обиделе преку стихотворби да го распространат својот расколнички етос, наспроти соборниот, црковниот етос!

Накратко, предочената песна ќе ја согледаме низ два аспекти. Првиот аспект е нејзината жанровска припадност! Верно, за името на авторот на песната (кој правеше музика, која ги надминуваше жанровите), се поврзуваат некои дефинирани жанрови на поп-културата: пост-панк, дарквејв, готик-рок, главно ориентирани на прилично затворена и, макар во намерата, елитистичка публика. Песната за која станува збор е исклучок, кој го потврдува правилото! За разлика од многу други песни на Мизар, оваа песна на Горан Трајкоски веќе е западната во длабок заборав, а на површина бива исфрлувана единствено по нарачка и наменски, само тогаш кога треба да се запалат широките народни маси (пр. доколку во јавноста биде пренесена изјава на канонски Епископ што не е во прилог на расколот, веднаш како аргумент pro расколот бива понудена оваа песна и сл.)! Тогаш за песната слушаат и ѝ се восхитуваат дури и оние луѓе, коишто не само што никогаш не ги слушаат гореспомнатите жанрови, што се одлика на извесниот музичар, туку слушаат сосема поинаква музика, вклучително и турбо-фолк!

Следствено, конкретно ова остварување на Горан Трајкоски би можело да се именува како негова прва турбо-фолк изведба! Ова го пишуваме земајќи ја за појдовна основа определбата на турбо-фолкот од страна на музичарот Антоније Пушиќ, познат како Рамбо Амадеус. Извесно е дека Антоније Пушиќ не го измисли, туку го именува турбо-фолкот како: „горење на народот, како распалување на најниските страсти кај homo sapiens-от, како миленичка на масите“! Тој додава дека „национализмот е турбо-фолк“ и дека: „секое поттикнување на согорувањето на народот е турбо-фолк“! Оттаму, оваа песна на Горан Трајкоски претставува Coca-Cola за припадниците на расколот, а во контекст на претходнопосочената определба: и Coca-Cola-та бездруго е турбо-фолк!

Недвосмислено јасно е дека: „Девојка од бронза“, а да не ги набројуваме и останатите антологиски остварувања на Мизар, и денес се слушани од одредени музички гурмани, коишто го имаат искристализирано својот музички вкус! За разлика од тие остварувања, со стиховите на песната „Амфилохиј“, какви што се на пример: „…мртвите томоси…“„…прстите валкани…“, „…несвет и беден оче…“ и т.н., и т.н., нејзиниот автор и изведувач се заплеткува во дијалогот што Црквата го води со расколот, и ги распалува најниските страсти кај народот, та тие стихови по потреба стануваат миленици на масите! Тоа се случува тогаш кога прогонот врз канонската Црква во Р. Македонија се засилува, како што е случајот и денес, кога нејзиниот Претстојател Архиепископот охридски Јован е во затвор, а на затворски казни се осудени и други Епископи, свештеници, монахињи, верници!

Дали се мртви томосите или се валкани прстите, тоа може да го каже само Соборната Црква и тука зборот на Горан Трајкоски нема никаква сила, никаква вредност; ниту, пак некој ќе го праша извесниот пејач за мислење при решавањето на проблемот на расколот! Неговата стихотворба е за домашна употреба, има ограничен опсег и допира само кај дел од масите, коишто во суштина воопшто не се упатени во православната еклисиологија, а сепак со нивниот површен пристап дрско се впуштаат во нејзино коментирање, иако не се во состојба да ја разберат. Тоа приличи како на пр., касап да се впушта во правење хируршка интервенција!

Но, за музичарот Горан Трајкоски тука стапува на сцена фразата: „тоа народот го сака“, па макар и по цена на губење на основното цивилизациско ниво! Подлизурувањето на народот и распалувањето на народните ниски страсти исто така е облик на интелектуален турбо-фолк. Под таа парола и Пилат го предаде Христа подлизурувајќи му се на народот, односно му остави на народот да му пресуди на Христа, бегајќи од својата одговорност да суди според важечкото право! Оттука, луѓето коишто ја поимаат Соборноста на Црквата и оние кои искрено копнеат по неа, го согледуваат турбо-фолк рамништето во оваа изведба на Горан Трајкоски; оние, пак, на кои Соборноста ништо не им значи, со оваа CocaCola стихотворба, наместо со жива вода, пробуваат да ја згаснат жедта! Со овој турбо-фолк продолжуваат да си ги потхрануваат страстите!

Да се осврнеме и на вториот, побитниот аспект! Јасно е дека Евхаристиското Собрание се поистоветува со Црквата. Луѓето, коишто се собрани и причестени на Соборната Евхаристија – тие се Црква! Во Соборната Евхаристија, Христос до поистоветување се соединува со Црквата и така Литургијата постанува најзначајно поле на изразување на канонското, богослужбеното и догматското единство! Црквата, пак, на Епископот гледа како на оној којшто ја принесува Евхаристијата, та оттука на него гледа и како на икона Христова. Според зборовите на Митрополитот пергамски Јован, единството во Евхаристијата станува единство на Црквата во Телото Христово, но согласно на претходнореченото, станува и единство во Епископот! Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј во свеста на сите народи и раси на луѓе во Соборната Црква, ја поседува и едната од главните одлики на Епископот, а тоа е обезбедувањето на литургиското единство на Соборната Црква, додека со клеветите врз овој Митрополит, пејачот Горан Трајкоски се става во одбрана на една одлука на комунистичката партија од 1967 г., која го нарушува токму спомнатото, најскапоцено литургиско единство!

Расколот не се пројавува само како настан, но и како теориско учење. Расколниците застапуваат одредено учење, коешто не одговара на искуството и верата на Соборната Црква. Учењето на Горан Трајкоски во неговата стихотворба, насочена против Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, се пее во круговите на активните припадници на расколот, но непобитен факт е дека никогаш не се пее ширум Соборноста на Црквата, од едноставна причина: Православието не чуло за таа песна, а таму кадешто чуло – не ја препознава како своја! Токму тоа несовпаѓање на оваа песна со искуството и верата на Соборната Црква е критериумот според кој Црквата го разликува расколничкото злословие во овие стихови, наспроти православното учење.

Православното учење говори дека Епископите се покажуваат првенствено врз основата на изобразеноста на вистината во нивните личности. Од една страна, тоа е скандал за рационалистичката мисла, но од друга страна, критериум за вистината секогаш е црковната Соборност, на која носител е токму Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј. Во нашите околности се исполнуваат зборовите од Преданието на Црквата, дека честопати расколниците натежнуваат по број, но за Соборна бива призната Црквата, која по број на припадници е малцинство. Расколите некогаш се наметнуваат не само по бројност, туку и временски. Се јавуваат низ долг временски период, наметнати од властодршците како „авторитативна вистина и вера“! Но, сепак, според зборовите на современите теолози, на крајот Православието се враќа, дури и ако се сочувало во личноста на само еден човек.

Егоцентризмот и соборноста претставуваат основни човекови одлики! Но, која од овие одлики е главното човеково обележје? Егоцентризмот или соборноста? Согласно на православната етика, првите чекори во животот на човекот немаат егоцентричен, но соборен карактер! Пред да се здобие со свеста за „јас“ (εγώ), човекот ја има свеста за „ние“! Се разбира, возможно е создавање и на колективен егоизам, на племенски, националистички егоизам. За жал, оваа конкретна песна на Горан Трајкоски го потхранува токму таквиот колективен егоизам, а сосема извесно е дека егоизмот не создава, ниту сочувува Соборност! Црквата има вековно, соборно устројство, кое не се прилагодува на примитивно наметливиот колективен егоизам. Затоа, подвижнички е секогаш вината да се бара во себе си, а не да се обвинува една личност, којашто согласно на нашето искуство негува искрена љубов за нашиот, македонски народ!

Имајќи го предвид реченото, би додале: дај Боже, расколот барем да се социјализира, како предуслов за сочувувањето на соборниот карактер на човековото битие! Тој што има поширока заедница, има и повеќе добри прилики да го ограничи сопствениот егоизам, да заедничари со другите и да се отвора кон другите. Согласно на старецот Софрониј (Сахаров), човекот се движи во две области: првата е – во љубовта кон Бога и другите луѓе, која достигнува до омраза кон сопствениот егоизам; и, втората е – во љубовта кон себе си, која достигнува до омраза кон Бога и другите луѓе.

Секој човек, оттука и Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, и пејачот Горан Трајкоски, во себе го содржат сето човештво! Падот на Адам се состоеше во неговото откажување од одговорноста! Горан Трајкоски, спротивно на христијанските духовни вредности, одбива да ја согледа својата одговорност и со своите стихови клевети и злослови кон Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј. За стравување е дека на тоа е и застанат! Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, иако со ништо не ја заслужил оваа неправда, не одговори на ист начин т.е. со клеветење, туку напротив, отсекогаш, и до денес, со љубов се труди за надминување на проблемот на расколот. Тие што знаат, а такви постојат, ќе го потврдат овде реченото! За кажаново сведочи и најновиот разговор на Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј („Слободен печат“, 26.02.2014 г., бр. 106), во кој, спротивно на клеветите од песната, со најдлабока љубов се изразува за македонскиот народ, посочувајќи го вековниот црковен поредок во однос на добивањето на автономија и автокефалија, истакнувајќи дека улогата на Црквата не е да создава народи, туку сите народи да бидат еден народ Божји! Станува сосема јасно следното: дека за да се засака другиот човек, најпрвин самиот човек треба да научи точно да се сака себе си и точно да се однесува кон себе си! Тоа е предуслов за вистинска Соборност!

Расколот значи давање предност на еден дел на вистината во однос на севкупната вистина, во однос на Соборната Вистина! Раскол е тоа што е спротивно на Соборноста! Песната на Горан Трајкоски е само доказ и потврда на Православното Предание дека расколниците апсолутизираат еден аспект од верувањето на Црквата и на тој начин ги релативизираат сите други аспекти!

Овие наши редови не квалификуваат личност! Овие редови недвосмислено јасно имаат во вид и третираат само една конкретна стихотворба, со цел да го разграничат духот на расколот од опитното искуство на Соборната Црква. Овие редови ја поставуваат меѓата помеѓу соборната вистина и нејзиното изопачување од страна на расколот!

Слични на овие редови се појавуваат секогаш кога Соборноста на Црквата, којашто ја обезбедува Епископот, а таа Соборност, како зеница во окото ја чува и Митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, значи рековме, подобни редови се појавуваат, порано или подоцна, секогаш кога Соборноста со клевети бива нападната од страна на расколниците.

За жал, музичарот Горан Трајкоски, во овој миг нема ништо заедничко со Соборната Евхаристија. Тој е припадник на расколничка црква, којашто го порекнува соборниот начин на постоење, кој во суштина претставува единство и заедница во љубовта. Согласно на Канонот 6, од II-от Вселенски Собор, Црквата никогаш не ги зема предвид клеветењата и обвинувањата од расколници, бидејќи: мнозина се оние кои сакаат да го заматат и срушат црковниот благопоредок, злобно и клеветнички измислувајќи некакви обвинувања против Православните Епископи, кои управуваат со Црквите, обидувајќи се, ништо друго, туку само да го извалкаат нивниот углед!

Митрополитот пергамски Јован ги пренесува јасните сведоштва на Православното Предание, коишто потврдуваат дека Соборната Црква е критериум за Православието, а дека Православието не е критериум на Соборната Црква, односно, поточно речено – претпоставка на Православието е припаѓање на Соборната Црква! Затоа стихотворбата на Горан Трајкоски ја принуди Црквата, во Неделата на Торжеството на Соборното Православие, да го изрази искуството на вистината! Во сеќавањето на Црквата оваа песна останува запаметена како клевета! Доколку проблемот со расколот биде решен, а наша најискрена желба е да биде решен „за сите едно да бидеме“, тогаш ќе остане сеќавањето на Црквата, бидејќи во вечноста останува само сеќавањето на Црквата, којашто „ниту вратите на пеколот нема да ја надвладеат“!

Завршуваме со зборовите на големиот Сократ. Темата на овие редови воопшто не е кој ќе излезе победник, туку сите заедно да помогнеме да победи Вистината!

Март 2014 г., Скопје