Епископ стобиски Давид (Нинов): Дополнување на исказот даден пред истражен судија

(изговорено на: 1-ви Ноември 2012 год., во Основниот суд Скопје I)

суд

Почитуван суде, во целост останувам на исказот даден пред истражниот судија, но сакам да го дополнам со следново:

непобитен е фактот дека во обвинителниот акт (на стр. 4, 7, 9, 10, 14, 16, 18, 23), се нагласува дека сум Владика во Православната Охридска Архиепископија, како што и за обвинетите се посочува дека се „припадници“, „симпатизери“ на Православната Охридска Архиепископија, или, пак, во друг контекст се нагласува нашата верска припадност, како тоа да претставува кривично дело! Токму овој факт, целосно ми дава за право да се осврнам на тој момент, повеќепати повторуван во обвинителниот акт!

Почитуван суде, православен монах сум нешто повеќе од 17 години, и православен Епископ нешто повеќе од 5 години! Она што ја разликува Црквата на којашто ѝ припаѓам од расколничката МПЦ е следново: нашата Црква се наоѓа во теолошко и богослужбено единство со сите православни Цркви, ширум светот! Архиепископот Јован богослужи со Вселенскиот Патријарх, со Рускиот Патријарх и многу други, исто како и останатите Епископи и верници, кои имаат полно учество во богослужбите на Соборната Црква! Историските околности биле такви што со расколничката МПЦ се случило едно нарушување на постоечкото црковно право, коешто веројатно, на Вам разбирлив јазик, најсоодветно би го илустрирале со следниов пример: претставете си како би изгледало – римокатоличката црква во Словенија да се оддели од римскиот папа, а само заедницата со папата е гарантот дека таа црква е римокатоличка! Значи, на расколничката МПЦ засега и недостасува токму тоа суштинско единство со останатите православни Цркви, но околностите укажуваат дека расколничката МПЦ нескриено, барем декларативно се стреми, го посакува споменатото единство! Оваа реалност недвосмислено значи дека ние природно сме упатени едни на други, и тоа ме ослободува да верувам дека во најскора иднина тие, бездруго ќе бидат заедно со нас во Црквата, којашто ги прима и обединува отпаднатите!

За да имате во вид кому започнувате да му судите, верувам оти ќе се сложите дека да се живее 17 години трудејќи се во монашките, христијански начела – не е малку! Познавајќи го монашкиот завет на нестекнување, судот сам нека си одговори: што и кому би можел јас (којшто немам ниту семејство, ниту имот), да му оставам, кога ќе умрам! Во текот на сите, пак, посочени години, јас ги познавам и сите обвинети за коишто безрезервно сведочам дека се луѓе што дејствително ги негуваат христијанските вредности на животот, вредности на коишто се потпираат и голем број од световните етички правила, и се луѓе на саможртвената љубов Христова, луѓе кои немаат ништо против ниту една верска заедница во нашава држава, та логично придонесуваат за гореспоменатото единство! Следствено, верувам дека судот – штом во иднина и се дојде до решението на сегапостоечките разлики – предварително ќе гледа да не му остане чувството на непријатна горчливост заради несоодветните квалификации против сите нас, напишани во обвинителниот акт.

Почитуван суде, нека Ви биде недвосмислено јасно дека ова обвинение се коси со нашите животни начела! Каков ли парадокс! Сите ние што сме обвинети, почнувајќи од Архиепископот Јован, целите себе си, без остаток, еднаш засекогаш сме Му се дале на Христа и на Православната Црква, а вие нѐ обвинувате дека сме дале материјални средства на Црквата за којашто и животот свој го даваме. Ме обвинувате за наводно „перење пари“, обвинение коешто во мојата, и нашата свест е поврзано со криминал од најдолен вид, та токму затоа ова обвинение претставува најгруба навреда на моите монашки и епископски завети, најнепристојна навреда во мојот живот! Но, како што вели еден современ философ: лесно е да се затворат поединци, но невозможно е да ја затворите Идејата!

Верувам и Вам Ви е сосема очигледно и јасно дека и во иднина, кога би имале, сите ние повторно ќе дадеме таму каде што е потребно, без разлика на верската или националната припадност на оние што имаат потреба!

Оттука, останува одвратителна и нам туѓа потребата на целиот овој процес, замислете – нашите христијански вредности да бидат ставени во ранг на криминал, а луѓето коишто се трудат да го живеат богатото предание на православната вера, да бидат претставени како криминалци!

Со вџашеност пред таквата постапка, во целост го отфрлам ова апсурдно обвинение!