Епископ стобиски Давид (Нинов): Воскресение Христово!

панселинос

Објавувањето на Воскресението воопшто не претставува негирање на овдешниот живот, туку напротив, претставува негова потврда. Ако се осврнеме попроникливо, насекаде согледуваме дека сѐ во нашиот живот е устроено во духот на Воскресението. Еден древен философ ќе рече дека спиењето е брат на смртта, но ние сведочиме дека будењето е нашето Воскресение. Пролетта што сега ја живееме е Воскресение од смртта на зимата. Посеаното зрно пченица умира во земјата, но воскреснува во ново жито. За секојдневните тешкотии што нѐ снаоѓаат, без исклучок секогаш постои Исход и тој е нашето Воскресение. Воскресението Христово еднаш засекогаш го решава проблемот на смртта. Воскресението е суштина, стил, имиџ на нашето постоење.

Кога зборуваме за живот и постоење, секогаш ја подразбираме личноста на човекот. Човекот слободно избира дали ќе постои на начин според кој, или ќе бива условуван од создаденото, од трулежното, или, пак, ќе постои како љубовна заедница со Несоздадениот, Нетрулежниот, Воскреснатиот, што подразбира ослободеност од распадливоста и смртта. Значи, едноставно речено, создаденото коешто своето постоење го црпи од односот со Бога – не умира! Како што посочуваат некои од теолозите, Телото на Воскреснатиот Христос е човечката природа ослободена од секаква ограниченост и нужност, следствено ослободена и од ограниченоста на човековата логика и пословичниот рационализам!

Воскреснувајќи од гробот, Христос со Себе го воскресна и целиот род Адамов, сиот род човечки. Индивидуализмот и егоизмот го спречуваат човекот да го согледа автентичниот однос на една личност кон севкупното создание, но како што во личноста на Адам целата природа бива отсечена од можноста за живот, така во личноста на Новиот Адам, Христос, сѐ со Него совоскреснува и оживува.

Љубовта, каква што вообичаено денес се среќава, претставува повеќе некаков инстинктивен нагон, едно егзистенцијално промашување. А, таквата љубов не претставува ослободување на личноста од нужноста и барањата на природата, со цел животот да биде остварен како взаемно проникнување на личносниот однос во љубовта Божја. Значи, едно е еросот Божји, друго е човечкиот! Можеби се чини тешко да се живее божествениот ерос, но во суштина тоа е многу лесно. Со автентичната љубов на внатрешната философија – сѐ станува лесно.

Секое доброволно одрекување од индивидуализмот, од самодоволноста, за Бога претставува творечка мимеса (μίμηση), креативно подражавање на крсното самоодрекување на Синот. Љубовта, пак, Божја, секоја смрт ја прима така како што го прими жртвувањето на овоплотениот Логос Божји.

Така, прашањето за Воскресението го добива одговорот само со двигот на довербата и предаденоста на екстатичната љубов Божја. Стерилното индивидуалистичко расудување единствено го потврдува саможивниот пристап кон постоењето, односно индивидуалистичкиот начин на живеење. Верата во Воскреснатиот Христос претставува промена на начинот на постоење, а изразот на таа вера не е врзан за интелектуалната самодоволност. Верата и опитот од Воскресението претставуваат и наш поетски јазик, којшто ја прославува распнатата Љубов. Воскреснатиот Христос никогаш не го остава својот возљубен, т.е. човекот, во непостоење. Без проникнување со предочената распната Љубов и без учество во Воскресението Христово, но не како што тоа го прави декларативното, политичкото христијанство, само заради фолклор и адет, туку без мистичното учество во смртта и Воскресението Христово како дејствителен опит во животот, смртта ќе си останува необјаснив апсурд.

Но, со литургискиот начин на постоење, со причестувањето со Телото и Крвта Христови, смртта бива само еден биолошки настан, којшто е во наша служба и којшто ни покажува дека од мигот на Воскресението Христово, еве, сега и овде, дејствително го живееме почетокот на пресоздавањето, почетокот на Осмиот Невечерен Ден, којшто нема да се стемни, нема никогаш да заврши, бидејќи е самата вечност.

Христос Воскресе! Хрїстóсъ воскрéсе! Христос Воскресе!

Пасха, 20. 04. 2014 г., Манастир Успение Богородично, Скопје