Николај Бердјаев: Размисли за демократијата

Идеологијата, којашто признава врховност и апсолутизам на народната волја, се јавува кога народната волја повеќе не постои.

Карактерот на демократијата е формален: таа самата не ја познава својата содржина и во границите, на од неа утврдуваниот принцип, нема никаква содржина. Народната власт е беспредметна. Демократијата е краен релативизам, порекнување на апсолутното.

Демократијата не очајува заради губењето на вистината. Таа верува дека пројавата на волјата на мнозинството, механичкиот број гласови, секогаш мора да води до добри резултати. Таа сака политички да го уреди човечкото општество така што вистината – да ја нема; тоа е темелната претпоставка на чистата демократија. Демократијата е психологизам, спротивен на секој онтологизам.

Демократијата не ја познава вистината, та поради тоа препушта мнозинството гласови да реши што е вистина. Признавање на власта на мнозинството, поклонување на сеопштото право на глас, можно е при неверување во вистината и непознание на вистината. Оној што верува во вистината не се предава на растргнување на квантитативното мнозинство.

Формалното, без содржина и негативно поимање на слободата во себе криеше отров, којшто ги разјадуваше историските демократии и подготвуваше во нив пропаст на слободата на духот. Русо во принцип ја порекнуваше слободата на совеста. Робеспјер ја истреби на дело. Автократорскиот народ може да ја силува совеста на луѓето и, според волјата, може да лишува од секаква слобода. Токвил и Мил, за коишто не може да се рече дека се непријатели на демократијата, со голем немир зборуваат за опасностите, коишто демократијата со себе ги носи, за опасностите по слободата на човекот, за индивидуалноста на човекот.

Демократиите не значат безусловна слобода на духот, слобода на изборот, та следствено, слободата може да ја има повеќе во недемократските општества. Демократијата му признава суверенитет и апсолутизам на народот, но таа не го познава народот, во демократијата нема народ. Се развива борба на партиите, борба на социјалните класи и групи и во таа борба се создава резултат. Демократијата и е арена на борби, судир на интереси и правци. Во неа сѐ е трошно и непостојано, нема единство и постојаност. Таа е вечно минлива состојба.

Демократијата како да не предвидува дека волјата на народот може да се насочи кон зло, дека мнозинството може да застане зад неправда и лага, а вистината и правдата можат да останат богатство на незначителното малцинство. Во демократијата нема никаква гаранција дека волјата на народот ќе биде насочена кон добро, дека волјата на народот ќе посака слобода, а дека нема да посака да ја уништи секоја слобода, без остаток.

Откорнатото човеково поколение на времево, исклучиво современото поколение и тоа не целото, туку само некој негов дел, којшто си вообразува дека е извршител на историските судбини, не може да биде наречен народ. Народот е голема историска целина и во неа влегуваат сите историски поколенија, не само живите, туку и мртвите, и отците, и дедовците наши. Демократијата може да биде раскин на минатото, сегашноста и иднината, порекнување на вечноста, поклонување на истребувачкиот тек на времето.

превод: ст. Д.

избор од: http://www.verujem.org/teologija/berdjajev_demokratija.htm