Хелсиншкиот комитет за државниот прогон врз верска основа на политичкиот затвореник Архиепископот Јован и на Православната Охридска Архиепископија

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија, согласно на својата мисија да врши мониторинг на состојбите со човековите права и слободи во Р. Македонија, го објави својот Годишен извештај за 2013 година.

Оценката на Хелсиншкиот комитет е дека и во 2013 год., како и во претходните неколку години, се констатирани сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните како и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава. Притоа, она што особено загрижува е дека регистрираните повреди на човековите права и слободи укажуваат не само на системски проблеми во функционирањето на органите и институциите туку и на злоупотреба на нивните надлежности.

Во поглавјето за граѓанските и политички права на овој Годишен извештај, во делот за политичките затвореници во Р. Македонија, како прв случај се наведува затворањето на Архиепископот охридски Јован.

Во извештајот се вели дека Архиепископот Јован Вранишкоски е првиот политички затвореник во Р. Македонија, по нејзиното осамостојување.

Во текот на 2013 год., г. Вранишкоски, заедно со уште 18 други лица (меѓу кои неговата мајка, сестра и вујко, свештени лица, следбеници и поддржувачи на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија), беа обвинети за наводно перење на пари преку здружение на граѓани, кое планирало да изгради објект за средби помеѓу верниците. Полициската акција за апсење на обвинетите беше наречена „Расколник“ што е еднакво на предрасуда и претставува директна повреда на принципот на пресумпција на невиност на обвинетите. Со неправосилна пресуда на Кривичниот суд во Скопје, г. Вранишкоски беше осуден на тригодишна затворска казна, а сите останати обвинети на двегодишна затворска казна, која нема да се изврши доколку лицата во рок од пет години не сторат ново кривично дело. Претставници на Хелсиншкиот комитет ги следеа сите судски рочишта, но не беа убедени во аргументите понудени од Јавното обвинителство за докажување на вина кај било кој од обвинетите.

На денот кога беше закажано објавувањето на пресудата, судскиот совет одлучи предметот да го врати во фаза на главен претрес и во истиот момент, без знаење на обвинетите и нивниот бранител, соопшти дека пред судот ќе сведочи лице кое наводно договарало продажба на имот со г. Вранишкоски. Сведокот тврдеше дека тој за земјиштето преговарал во негово име и во име на неговите соседи кои го ополномоштиле преку писмено полномошно. Првообвинетиот негираше дека некогаш се сретнал со сведокот по што бранителот побара полномошното да биде презентирано како доказ пред судот. Во тој момент судскиот совет ја напушти судницата и по 20-минутно советување соопшти дека предлогот се одбива, а судската постапка завршува. Првостепената пресуда беше обжалена, а на Апелациониот суд во Скопје му беа потребни повеќе од седум месеци за закажување на јавна расправа во Април 2014 година. Кога јавната расправа требаше конечно да се одржи, судот ја одложи за во Мај, затоа што г. Вранишкоски не беше спроведен од КПУ „Идризово“. Во Мај, управата на затворот, без да го извести судот за причините, повторно не го спроведе обвинетиот.

Р. Македонија одбива да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија како црква или религиозна група уште од 2004 година. Со тоа е сторена повреда на Член 9 (слобода на вероисповед), Член 11 (слобода на собирање и здружување) и Член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права.

Хелсиншкиот комитет ја застапува Православната Охридска Архиепископија пред Европскиот суд за човекови права од 2006 година и очекува пресуда во текот 2014 година. Покрај дискриминацијата и административните бариери со кои се соочуваат припадниците на оваа црква, кои во јавноста се стигматизирани и нарекувани „предавници, расколници и криминалци“, г. Вранишкоски е под континуирано кривично гонење од страна на властите. Во последните 11 години тој е упатуван во затвор на шест наврати, а во моментов се наоѓа на издржување на казна во КПУ „Идризово“ во Скопје.

Линк кон Извештајот:

http://www.mhc.org.mk/reports/213#.U4YuP5SSzQ0