Кавафис: Времето за Нерон

Не се обеспокои Нерон кога го чу

на Делфиското пророчиште претскажаното:

„од седумдесет и третата година да се плаши“.

Му претстоеше уште време за наслади.

Триесет години има. Мошне доволно

е времето што Бог му го дава

да се погрижи за опасностите идни.

 

Сега во Рим ќе се врати уморен малку,

но, уморен пријатно од ова патување

со задоволства низ сите дни:

театри, градини, стадиони…

ноќите во градовите на Ахаја…

и пред сѐ сласта на разголените тела.

 

Така Нерон. А, во Шпанија, Галба

тајно ја збира и вежба војската своја,

старец кој има години – седумдесет и три.

– – –

превод од грчки јазик: Епископ стобиски Давид

од: Κ. Π. Καβάφης, Τα Ποιήματα (1897-1933), Θεσσαλονίκη, 2008.

 

http://users.hol.gr/~barbanis/cavafy/nero-gr.html

 

Песна на Кавафис со еден восхитувачки пример на драматична иронија, која го остава неговиот херој да мисли дека пред себе има бескрајно време.

Поетот во последната строфа ја открива дејствителната смисла на пророштвото.

Нерон, на 30-годишна возраст, се наоѓа во Елада, кадешто ќе го посети Делфи и погрешно ќе го протолкува пророштвото што му бива изречено.

На 31-годишна возраст, Нерон ќе ја изгуби не само власта, туку и животот.